Приватните опсесии на мајсторот

На прашањето: Кој е најдобриот режисер на сите времиња?, многумина филмаџии и филмофили би одговориле дека тоа е едниот, единствен и ненадминат – Алфред Хичкок. На прва топка, веднаш можеме да наброиме неколку негови култни остварувања, но колку знаеме за неговиот приватен живот, за неговите соништа и опсесии? На ова прашање се обидуваат да ни одговорат двата актуелни филма „Девојката“ и „Хичкок“, кои кон крајот на минатата и на почетокот од оваа година предизвикуваат многу коментари, возбудувања и спротиставени толкувања.

На двата телевизиски канала во поранешната држава најголем празник за секој љубител на седмата уметност беше моментот кога се емитуваше некое од легендарните остварувања на мајсторот на трилерот, британскиот режисер со американски сензибилитет, Алфред Хичкок. Едноставно, филмовите како „Ребека“, „Вртоглавица“, „Север-Северозапад“, „Психо“, „Птици“, „Марни“… се врв во светската кинематографија од жанровски и естетски аспект, и со својот „саспенз“ атакуваат врз сите сетила на гледачот кој неретко ги затвора очите за време на одредени сцени кои треба и физички и ментално да се издржат. Токму затоа, Хичкок претставува вистинска филмска лектира за сите кои сакаат да се занимаваат со филм. За неговата работа се напишани многу релевантни книги во децениите наназад, меѓутоа, неговата интимност и понатаму остануваше мистерија, се’ до денешни дни, кога во многу краток период се појавија две остварувања кои мајсторот на филмот ни го прикажуваат во сосема поинакво светло, како никогаш досега. Имено, Хичкок се’ до својата смрт во 1980 година успеа својот приватен живот да го држи далеку од очите на јавноста. Единствено нешто што се знаеше за кругот на неговото потесно семејство е дека со неговата сопруга и соработничка Алма Ревил се како еден дух во две тела. Сето друго остана во зоната на шпекулациите, завиено со велот на мистеријата. Многумина би рекле, и со право, бидејќи приватноста е света! Но, по три ипол децении од неговото заминување од овој свет време е за комплетна реконструкција на времето во кое владееше тој, разголувајќи ги и неговите приватни ставови и опсесии. Интересно, приказната почна да се одмотува кон крајот на минатата и почетокот од оваа година, кога за кус период се појавија две остварувања во кои се раскажува за Хичкоковата опсесија со актерките со кои соработувал, гледајќи на неговата генијалност од поинаков, човечки агол.

Првата филмска приказна ќе ја претставиме низ призмата на младата и перспективна актерка Сиена Милер, која ја толкува главната ролја и е носител на филмот „Девојката“ на режисерот Џулијан Џеролд. Таа не била ниту родена во 60-те години на минатиот век, но со својата игра успешно и убедливо го доловува духот на времето. По играњето на Еди Сеџвик, една од Ворхоловите музи во филмот „Девојката од Фектори“ (2006), овој пат Милер ја толкува славната актерка Типи Хедрен и нејзиниот однос со филмскиот гуру, за време на снимањето на нивните филмови „Птици“ (1963) и „Марни“ (1964). Хичкок, пак, маестрално го игра актерот Тоби Џоунс.

Според Милер, тогаш популарната актерка Хедрен била тврд орев за кршење, толку многу отровна, но истовремено ја содржела елеганцијата на сите претходни Хичкокови жени со кои тој милувал да соработува. Во тоа време актерките мислеле како да одат, како да седнат и како да ја носат облеката, додека денешните современи актерки си носат џинс и маички без никакво оптоварување и се шетаат наоколу како „жирафи на мраз“. Тоа бил физичкиот аспект за игра кој навистина претставувал предизвик за 30-годишната актерка, која за да се подготви што подобро за улогата постојано разгледувала стари фотографии од Хедрен, а со месеци внимавала и на деталите во филмовите „Птици“ и „Марни“. Крајниот резултат е опсесивна драма во која односот маж-жена е прикажан на едно сосема поинакво ниво, во кое се испреплетени желбата за професионална афримација и реализација, но и отворањето на можности за нешто повеќе, кога се работи за интимните чувства што секој ги носи и негува во себе.

Многу подлабоко и поемотивно во овие води навлегува филмот зад кој се крена голема прашина, едноставно насловен „Хичкок“. Во него во фокусот е токму врз филмскиот мајстор, опфаќајќи го времето на создавањето на хорор-класикот „Психо“ во 1960 година. Филмот го прикажува филмаџијата на сосема поинаков начин од досега препознатливиот – од неговата преокупираност со вистинскиот сериски убиец според кој и го креираше ликот на Норман Бејтс, па се’ до комплексната поврзаност со жените кои го опкружувале, особено со Алма Ревил. Филмот најдиректно зборува за врската со неговата сопруга, нивните карактери, поддршката која ја добивал од неа, нејзините брилијантни монтажни техники, нејзиното знаење за филмот, советите, и воопшто, како таа го „водела“ Алфред низ работата и низ животот, бидејќи нему (и самиот тоа го признавал) му требало водство. Снимањето на „Психо“ ги зближило бидејќи Хичкок со него многу ризикувал, давајќи ја куќата под хипотека, единственото нешто што тие го поседувале како семејство. Но, насетувајќи што има во рацете, во еден момент тој пресекол и рекол: „Одиме напред, ќе го сториме тоа!“. Сето понатаму е (филмска) историја.

Под строгата режисерска палка на Саша Жерваси, кој морал на тој начин да му пристапи на предизвикот бидејќи се работи за специфичен дел од филмската историја, улогите на легендарниот брачен пар ги доделил на двајцата Оскаровци Ентони Хопкинс и Хелен Мирен. Одличниот кастинг го надополнуваат Џејмс Д’Арси како Ентони Перкинс, како и актерките кои ги играат омилените блондинки на Хичкок: Џесика Бил која верно ја доловува Вера Мајлс, Тони Колет како посветената асистентка Пеги Робертсон и потентната Скарлет Јохансон како Џенет Ли, носителката на главната женска ролја во „Психо“, која страда во антологиската монтажна сцена под тушот.

Токму Јохансон низ нејзината улога и игра успева да ја долови онаа малку позната страна на режисерот, која ја знаеле само неговите блиски соработници и пријатели, а тоа е неговата опсесија со блондинките, „тие прекрасни суштества кои на човека не му даваат мирен сон“. Но Ли била исклучок од останатите Хич-блондинки. Тој не бил заинтересиран да ја контролира како останатите актерки, Вера Мајлс и Типи Хедрен. За разлика од нив, Ли веќе имала кариера зад себе, била мажена за Тони Кертис со кој имале две деца, и поради сето тоа, таа со Хичкок воспоставила повеќе платонска врска на помирување еден со друг.

И „Девојката“ и „Хичкок“ се филмови преку кои имаме можност да ѕирнеме макар во еден дел од животот на славните филмски имиња. Сега Пандорината кутија е отворена, и можноста да се истражуваат најразличните човечки доблести и мани на Хичкок се неминовност, особено темите како воајеризам, алкохолизам, претераната темпераментност, слабоста кон храната, и воопшто, несигурноста како една од неговите карактерни црти, кои во овие две интелигентни сценарија се само површно чепнати. Режисерите Џеролд и Жерваси раскажаа интересни приказни кои претставуваат надоврзување на Хичкоковите филмови кои се вистинско филмско богатство во филмската историја, совршено надополнувајќи и заокружувајќи ја приказната за еден од најдобрите, ако не и најдобриот филмски автор во 20 век.

@Текстот е објавен во магазинот „Мој клуб“ бр. 89 во април-мај 2013 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *