Буквар за гангстери

На последното издание на фестивалот „Браќа Манаки“, еден од угледните гости во Битола беше и познатиот холивудски продуцент Бранко Лустиг. Хрватот со американски пасош се прослави по соработката со Стивен Спилберг на „Шиндлеровата листа“, по што следеа неколку интересни проекти, од кои најдобро помина „Гладијатор“ на Ридли Скот. Соработката со режисерот продолжи и во следните неколку остварувања, и токму затоа Лустиг беше најповикан да каже збор-два за човекот зад култниот филм „Блејдранер“. Почитувајќи го нивното големо пријателство, продуцентот, крајно искрено, го опиша Скот како еден од оние филмаџии кои во секој момент сакаат да бидат во центарот на вниманието имајќи мегапроект во ракавот, бидејќи паузата од еден до друг негов успешен филм знае да биде прилично голема. Токму затоа Скот сака до крајот на кариерата постојано да биде зафатен со снимање на филмови за кои публиката ќе зборува. Во последниве месеци еден од тие наслови е „Американски гангстер“, блокбастер кој на едно место собра ѕвездена актерска екипа, со очигледна нагласеност на повторната соработка на режисерот со Расел Кроу по „Гладијатор“, како и со Дензел Вашингтон по филмот „Дежа ви“.

Веројатно љубопитноста, или подобро, влегувањето во кругот на недопирливите Скорсезе и Копола, мајсторите на „мафијашкиот“ жанр, е мотивот на Скот да сними филм според вистинската приказна за харлемскиот крал на дрогата од 60-те и 70-те години, Френк Лукас. Доследно следејќи ги веќе добро познатите матрици втемелени во трите „Кума“ на Копола, како и во жанровските филмови на Скорсезе, присуствуваме на една буквар-приказна за тоа како се станува моќен њујоршки гангстер со сите особини: од посветеност кон семејството, преку покажување моќ со убивање на соперник на улица среде бел ден, до пркосење на власта со постојано поткупување на лесните полицајци. Значи, ништо ново, со таа разлика што во „Американски гангстер“ главниот мафијаш не е Италијанец, туку Афроамериканец.

Но најважно од се’ е тоа што со своето ново остварување, Ридли Скот конечно му се враќа на својот препознатлив филмски ракопис од неговите најдобри денови, во кој динамичната монтажа одлично ги вози паралелните приказни за „лошото момче кое не е толку лошо“ и „доброто момче кое не е толку добро“, така што 157-те минути и не се толку долги. За таа цел, Скот повторно соработува со старите пријатели, кинематограферот Харис Савидес, сценаристот Стивен Залиан и монтажерот Пјетро Скалија, кои со своето искуство на филмот му даваат додатна димензија. Се’ на се’, „Американски гангстер“ е ново, солидно остварување за поклониците на овој филмски жанр.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 26 февруари 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *