Збирката „Даблинци“ (1914) од Џемс Џојс е една од најпознатите збирки раскази во книжевноста на 20 век. Секоја приказна си има своја вредност, но на мене највеќе ми се допаѓа расказот „Араби“, што е поетското име за Арабија. Во случајов насловот има само симболичко значење, бидејќи се работи за приказна за полнолетство која ги истражува темите на младешкиот занес, разочарувањето и контрастот помеѓу идеализмот и реалноста.

Приказната е раскажана од перспективата на младо момче кое живее во мрачна населба од пониската средна класа во Даблин. Тој се затрескува во сестрата на Манган, девојка која живее во близина. Иако имаат минимална интеракција, момчето ја идеализира, замислувајќи ја како симбол на чистота и убавина, и тој станува опседнат со идејата да ја освои нејзината наклонетост. Еден ден, девојката спомнува дека сака да оди во „Араби“, локална чаршија со егзотично име и атмосфера. Момчето, желно да ја импресионира, ветува дека ќе и донесе подарок од чаршијата. Ова ветување станува негова мисија и тој почнува да го гледа патувањето во „Арабија“ како романтична потрага.
Додека момчето пристигне во „Араби“, чаршијата се затвора. Атмосферата е далеку од магичното место што тој си го замисли; тоа е тивко и исполнето со секојдневни предмети. Момчето ја сфаќа залудноста на неговата потрага и јазот помеѓу неговите романтични идеали и разочарувачката реалност. Приказната завршува така што момчето стои само во речиси празната чаршија, доживувајќи длабок момент на самосвест и разочарување, препознавајќи ја сопствената суета и празнината на своите желби.

Централна тема во „Араби“ е контрастот меѓу идеализираните перцепции на главниот лик и суровата реалност со која се среќава. Романтизираната визија на момчето за чаршијата и неговите чувства кон сестрата на Манган се уништени кога тој ќе се соочи со приземната вистина. Приказната е класичен пример на наратив за полнолетство каде што главниот лик доживува болно сознание за светот. Разочарувањето на момчето на крајот од приказната го означува неговото губење на невиноста.
„Араби“ е моќен приказ на често болната транзиција од детството во адолесценцијата. Истражувањето на приказната за неостварените желби и судирот меѓу идеализмот и реалноста се точката со која повеќето читатели се идентификуваат, што ја прави една од најтрајните и најшироко антологизираните приказни во Даблинеци. Способноста на Џојс да го долови интензитетот на младешките емоции и суровоста на разочарувањето е клучна причина зошто „Араби“, според многумина, е значаен и влијателен расказ во модерната литература.
Исто така, Џојс во расказот суптилно ја критикува религиозната средина во Даблин, особено начинот на кој таа наметнува ограничувања на имагинацијата и духот. Домот на момчето е исполнет со религиозни слики, но неговото искуство е духовна празнина. Неговото сфаќање за залудноста на неговата потрага ја симболизира емоционалната и психолошката парализа што ја доживуваат многу ликови во збирката раскази на Џојс. А токму во нив и лежи другата тема која се отвора во овој текст, темата на преведувањето и приредувањето на збирката раскази на македонски јазик.

Имено, за прв пат ја прочитав „Даблинци“ уште во средношколските денови и ми остави голем впечаток. Додека „Улис“ беше голем интелектуален залак за тој младешки период, расказите во „Даблинци“ се чинеа многу блиски до нас. Меѓутоа, дури пред две години дознав дека оригиналната збирка содржи 15, а не 8 приказни, благодарение на реизданието на „Макавеј“, каде како нов преведувач фигурира Катарина Ѓурчевска Атанасовска. Токму таму за прв пат и го прочитав „Араби“ и другите шест раскази кои воопшто не фигурираат во првото издание на збирката од 1989 година, во издание на „Македонска книга/Мисла“, а во превод на Томе Момировски.

Има нешто необјасниво убаво во навраќањето на омилените четива од младоста, но и во (ре)откривањето на нештата многу години подоцна, особено ако истите се чекор понатаму од дотогашното сознание во кое сте биле уверени дека е такво какво што е. Затоа, сомнежот во се’ е единствениот начин на делување во текот на еден краток човечки живот 😉