„Кон светилникот“ од Вирџинија Вулф

Романот „Кон светилникот“ објавен во 1927 година е едно од врвните дела на европскиот модернизам. Критиката го смета за најавтобиографски роман на Вирџинија Вулф, речиси психолошка поема. Во нејзините изјави за причините како дошла до точката да го напише ова дело, писателката вели дека се случил поради преголемата опседнатост со нејзините родители. Едноставно, и додека биле живи (мајка и’) и по нивната смрт (татко и’), таа вели дека „не можела да ги извади од нејзините мисли“. Но, откако го напишала „Кон светилникот“, таа опсесија исчезнала. Светилникот фигурира на кориците од мојот најнов роман „Ветрилиште“ како метафора за „враќањето дома“, таа вечна тема уште од Хомеровата „Одисеја“, и тоа беше доволна провокација да му се навратам на ова дело објавено пред речиси еден век.

Романот е поделен на три дела: „Прозорецот“, „Времето минува“ и „Светилникот“ и длабоко навлегува во внатрешните животи на неговите ликови, истражувајќи ги темите на времето, сеќавањето и природата на уметноста и човековите односи. Приказната првенствено се фокусира на семејството Ремзи и нивните искуства во текот на една деценија, живеејќи во семејната летна куќа на островот „Скај“ во Шкотска.

Во „Прозорец“, наративот се фокусира околу планираното патување до блискиот светилник, кој станува симбол на аспирацијата и неостварените желби. Ликовите, особено г-ѓа Ремзи, се преокупирани со текот на времето и минливата природа на животот. Најкраткиот дел, „Времето поминува“, пак, го прикажува распаѓањето на куќата и влијанието на Првата светска војна, при што смртта на неколку ликови се случува надвор од романот. Во „Светилникот“, преживеаниот Ремзи се враќа во куќата многу години подоцна, а долго одложуваното патување до светилникот конечно се случува, иако сега има сосема различно значење за ликовите, кои во меѓувреме претрпеа премногу промени.

„Кон светилникот“ е значаен роман затоа што многу повеќе зборува за внатрешните искуства и перцепции на неговите ликови отколку за површинскиот изглед на нештата. Низ приказната се запознаваме со семејството Ремзи, предводено од строгиот и филозофски настроен г-дин Ремзи и неговата сопруга, негуваната мајка г-ѓа Ремзи, додека ги угостуваат гостите во нивниот летен дом. Децата, особено младиот Џејмс, копнеат да го посетат светилникот, но патувањето се одложува. Тој останува недофатлива желба се’ до последниот дел, сон кој постојано ќе ги прогонува Ремзиеви. Најинтересен лик меѓу нивните гости е сликарката Лили Бриско, која се бори со својата уметност и своето место во светот.

Откако куќата во вториот дел пропаѓа како последица од минувањето на времето, војната и нејзиното непосетување, во последниот дел преостанатите Ремзиеви се враќаат во куќата, а Џејмс, сега постар, конечно го прави патувањето до светилникот со својот татко. Во меѓувреме, Лили Бриско работи на завршување на сликата што ја беше почнала пред многу години, размислувајќи за промените во нејзиниот живот и животите на оние околу неа.

Се’ на се’, „Кон светилникот“, според критичарите, е одличен пример за модернистичкиот стил на Вулф, кој се карактеризира со раскажување каде е запазен текот на свеста, а со тоа и променливите перспективи со акцент на субјективното искуство со времето. Романот претставува длабоко понирање во човечкото искуство, доловувајќи ги суптилностите на мислата, емоциите и перцепцијата со неспоредлива длабочина.

Иновативните наративни техники на Вирџинија Вулф и нејзиниот фокус на внатрешниот живот на нејзините ликови го прават романот камен-темелник на модернистичката литература. Преку неговото истражување на времето, сеќавањата и сложеноста на човечките односи, „Кон светилникот“ останува моќно и трајно дело што продолжува да создава возбуда и кај современите читатели во 21 век. Од 2013 година, благодарение на „Сигмапрес“, овој класик можеме да го читаме и на македонски јазик, во превод на Рајна Кошка Хот.

Напишете коментар