Во изминатиот период се случија еден куп настани во Барселона: демонстрации, апсења, борба за независнот, анархија… иако градот и понатаму си функционира како туристичка мека број еден во Европа. Сето ова ме потсети на еден легендарен стрип насловен „Барселона в зори“ кој деновиве повторно го препрочитав, и сфатив дека иако во него приказната се случува пред еден век, многу нешта се’ уште се исти. Сторијата базирана врз вистински настани, потпишана од сценаристот Хуан Антонио де Блас, а графички обликувана од легендарниот цртач Алфонсо Фонт, не’ навраќа кон настаните на 08 ноември 1923 година и обидот за пуч на Хитлер. Во време кога десничарите во многу европски земји се’ повеќе доаѓаат до израз, овој стрип албум лиценцно издаден пред десет години од белградската издавачка куќа „Весели четвртак“ повторно е актуелен.
Дваесетти години на минатиот век… По завршувањето на Првата светска војна доаѓа до обновување на Европа и преболување на безбројните човечки жртви кои конфликтот ги однесе. Сепак, лузните се’ уште не се залечени и затегнатите односи нема да се решат по мирен пат. Во тој контекст, оваа приказна почнува за време на немирот на анархистичките групи и здружението на газдите на претпријатијата. Опишаните случувања и тајните кои ги опкружуваат неочекувано ќе се развлечат до границите на Барселона, престолнината на покраината Каталонија, архитектонскиот бисер во северна Шпанија, на брегот на Средоземното море.
Четирите леша кои се пронајдени во пристаништето на Барселона ќе го однесат младиот новинар на трагата на голема завера, не само од криминалистичка, туку и од политичка природа. Имено, еден усидрен брод е полн со оружје наменето за припадниците на Kamfpbund, лигата чии предводници се Хитлер, Геринг и останатите, но прашањето дали истото ќе дојде во нивни раце и ќе се случи пресврт на политички план, авторите на овој стрип го оставаат отворено.
Вистинската вредност на овој графички роман е тоа што на најдобар можен начин го опишува новинарството, но она вистинското новинарство, преку ликот на новинарот Хуан Камблор на весникот La Vanguardia, активен учесник во мексиканската и руската револуција, кој има блиски контакти и со подземјето во родниот град Барселона, и со политичките елити. Исто така, во приказната фигурираат вистински историски ликови од тоа време, како Вилхелм Франц Канарис (офицер на германската царска морнарица), Луис Компанис Ховер (еден од најзначајните претседатели на каталонската влада во 20 век), Антонио Ескобар Хуертас (војник, кој наместо на страната на фашистите, во 1936 година станал дел од републиканците), Буенавентура Дурути (водечки лик на шпанските анархисти пред гражанската војна) и Мануел Касал Гомез (полициски инспектор, еден од најдобрите сведоци на „тајниот“ живот во Барселона во 20-те години на 20 век).
Се’ на се’, за љубителите на Деветтата уметност, имањето на ова парче во сопствената стрип колекција претставува вистинска вредност, и секако, сето тоа во боја! Дами и господа, No Pasarán!