Бела и Ласло. Ласло и Бела.

Денес, на 70-годишна возраст, почина унгарскиот филмаџија Бела Тар, еден од последните бастиони на европскиот уметнички филм, оној од стар ков. А само пред два месеци, неговиот вечен креативен сопатник, писателот и сценарист на клучните негови остварувања, Ласло Краснахоркаи, ја доби Нобеловата награда за литература. На тој начин, обајцата врвни уметници повторно се споија во една, заедничка приказна, во која триумфот и смртта се двете страни на огледалото. Впрочем, како што тоа постојано го потенцираа и во нивните дела во текот на целата нивна плодна кариера.

Годината е 2011-та, а кино салата во Домот на културата во Битола пред полноќ е речиси празна, со само 2-30 филмофили кои одлучиле да не акаат таа вечер по славните битолски кафеани. Класика! Програмата на „Браќа Манаки“ и онака никого не интересира, освен црвениот килим на отворањето и затворањето на фестивалот. Возбуден сум што пред нас е новиот филм на Бела Тар, за кој тој најави дека му е последен во кариерата. Чудно, не е престарен човекот, но ајде да видиме за што се работи. Најавите се провокативни: приказната за „торинскиот коњ“ која кај германскиот филозоф Фридрих Ниче предизвикала зачеток на ментален слом, овој пат видена низ призмата на европскиот филмски маг. Се разбира, на приказната работел со долгогодишниот соработник и пријател Ласло Краснахоркаи, а на некои места како трет ко-сценарист фигурира и Ниче. Бизарно 🙂

Во следните два ипол часа доживеав вистинска вртоглавица. „Торинскиот коњ“ е непредвидлив „ролеркоустер“ во вистинска смисла на зборот: и во физичка и во емотивно-психолошка. Постојаното повторување на сцените во кои земјоделецот се соочува со неминовната смрт на неговиот коњ, неговата истовремена суровост и нежност кон тоа суштество кое се бори со своите демони изискуваат напори од гледачот да остане вклучен и да остане во кино салата докрај, иако во меѓувреме неколку пати помислува дека можеби подобра опција е да замине и да се загуби низ бескрајните битолски сокаци. Она што плени во интровертниот филм е таа сооченост со самиот живот на големото платно, на кое навидум ништо не се случува и се’ е повторливо, а всушност во таа длабочина на црно-белите кадри чучи сета мудрост на животот – дека тој претставува само една кратка пауза, краток здив помеѓу две болки.

Сето ова ме потсети на неговиот седумчасовен еп „Сатантанго“ од 1994 година, кој една вечер многу години пред тоа го изгледав во еден здив, чудејќи се како може да се создаде едно вакво филмско дело кое на суптилен начин говори за падот на комунизмот во Источна Европа. Но од таа по малку развлечена идеја, сосема несоодветна за редовна киноприкажувачка дејност, до „Торинскиот коњ“ лежат 17 години зрелост, после кои Бела Тар триумфира над материјалот, над филозофијата на животот, над самите ограничувања на филмската уметност…

Прашан што мисли за честите споредби на неговите филмови со оние на Андреј Тарковски од страна на критичарите, Тар одговорил: „Тарковски е многу поневин од мене. Во неговите филмови дождот ги прочистува луѓето, додека во моите, тој само прави кал“.

Бела Тар ја почна филмската кариера со дебитантскиот филм „Семејно гнездо“ (1979), чиј сензибилитет го обележа првиот период во неговата кариера, раскажувајќи приказни за секојдневието во „синема верите“ стил. Социјалниот момент го задржува и во подоцнежните остварувања, но одејќи многу подлабоко во истражувањето на човековата психологија. Бела Тар има песимистичен поглед кон судбината на човекот, и неговата соработка со сонародникот Ласло Краснахоркаи е еден сосема непретенциозен и природен тек на настаните. Моментот кога решава да го екранизира неговиот деби роман „Сатантанго“ од 1985 година ги инаугурираше обајцата во европски тандем чии визии и размислувања беа будно следени со секоја нивна следна соработка.  Темната убавина, филозофската длабочина и маестралната изведба на „Сатантанго“ со право го сместуваат меѓу ремек-делата на светската книжевност и кинематографија, како демонстрација на генијалноста на Тар, да екранизира дело што Краснахоркаи претходно го довел на завидно литерарно ниво. Незаборавно!

„Кога не го читам Кафка, размислувам за Кафка. Кога не размислувам за Кафка, ми недостига да мислам на него. Откако ќе ми недостига да мислам на него некое време, го вадам и го читам повторно“, вели Ласло во едно интервју од 2013 година, јасно потенцирајќи го влијанието кое чешкиот писател го има врз неговото творештво. Затоа Нобеловиот комитет при прогласувањето нагласи дека унгарскиот писател ја добива престижната награда „за неговиот убедлив и визионерски опус кој, среде апокалиптичен ужас, ја потврдува моќта на уметноста“.

Нобеловецот Краснахоркаи зад себе има десет романи, неколку новели и збирки раскази, книги со есеи, и се разбира, споменатите сценарија за филмовите на Бела Тар. На македонски јазик имавме можност да ги читаме „Меланхолија на отпорот“ (1989) и „Сеиобо таму долу“ (2008) во превод и јазична редакција на Ана-Марија Цинеге и Златко Панзови. Неговите дела мајсторски се градени, со автентичен книжевен стил кој не милува многу точки или запирки, туку долги реченици во кои читателот може и да се загуби. Но унгарскиот писател вели дека никогаш не го барал својот начин на изразување, туку тој му доаѓал сосема природно.

„Пронаоѓањето стил никогаш не ми беше тешко бидејќи никогаш не го ни барав. Живеев осамен живот. Секогаш имав пријатели, но само еден по еден. И со секој пријател имав врска во која разговаравме еден со друг само во монолози. Еден ден, една ноќ, зборував само јас. Следниот ден или ноќ, зборуваше само тој. Но, секој пат дијалогот беше различен бидејќи сакавме да си кажеме нешто многу важно еден на друг, а за тоа не ви требаат точки, туку вдишувања и ритам, односно ритам и темпо и мелодија. Тоа не е свесен избор. Овој вид на ритам, мелодија и структура на речениците потекнуваат токму од желбата да се убеди другата личност со која комуницирате“.

Првата реакција на унгарскиот писател кога беше соопштено дека е добитник на Нобеловата награда беше: „Каква катастрофа!“ Со тоа го цитираше авангардниот ирски писател Семјуел Бекет, кој кога ја доби наградата во 1969 година, на изненадување на сите, ги извика истите зборови. Сродството на Ласло со Бекет, покрај она споменатото со Кафка, не е тешко да се сфати. И Краснахоркаи пишува за скршениот свет, скршените системи и пустошот на луѓето што живеат во сиот тој хаос. Неговата фикција е чудна, шокантна, смешна, застрашувачка, но на некој начин и убава – доловувајќи ги многуте противречности на животот во денешниот културен и политички контекст. Покрај описот на константното распаѓање, колапсот и хаосот, во неговите книги секогаш постои и зрак хумор во темнината. Неговите приказни се одвиваат во позадината на централноевропски градови и села и во нивните мрачни пејзажи, како во „Меланхолија на отпорот“, но под влијание на неговите патувања во Кина и Јапонија, тој создаде и наративи што се сместени на Далечниот Исток, како во споменатиот „Сеиобо таму долу“.  

Интересно, Краснахоркаи вчера го прослави 72 роденден, а денес не’ напушти неговиот креативен сопатник кој беше само година ипол помал од него. Пред Ласло остануваат години во кои му преостанува да ужива во сите почести што ги доби со Нобеловата награда, притоа надевајќи се дека ќе не’ почести со уште некое дело. Судејќи според опседнатоста со Кафка, можеби на крајот од неговиот агент ќе посака да му го запали ракописот, а овој, како модерен Макс Брод, тоа нема да го стори.

„Кога имам лош ден“, вели Краснахоркаи во негов стил, „сакам да ги читам дневниците на Кафка. И без разлика колку лош ми е денот, оној на Кафка на истиот датум пред години и години е секогаш полош од мојот“. Антологиски!