Најпрепознатливата точка во старото градско јадро на Торино е „Антонелијана“. Она што за Париз е Ајфеловата кула, тоа за првиот главен град на обединета Италија е прекрасната кула, во која веќе пар децении е вдомен „Националниот музеј на филмот“, кој привлекува огромно внимание меѓу посетителите. Земјата на Неореализмот секако дека заслужува еден ваков музеј, кој е организатор и на се’ позначајниот Филмски фестивал во Торино, кој годинава, кон крајот на ноември, го имаше своето 43 издание, на кое се појавија еден куп филмски ѕвезди. Затоа, впечатокот е дека присуството на фестивалот на северот од „Чизмата“ беше комплетно во знакот на седмата уметност, чиј врв, се разбира, беше посетата токму на прекрасниот филмски музеј.

„Моле Антонелиана“ , архитектонскиот симбол на Торино, е дело на Алесандро Антонели, и буквално може да се види и фотографира од секој агол од градот. Започната во 1863 година со цел да биде синагога, а петнаесет години подоцна продадена на градот, 167-метарската кула до ден-денес е највисоката градба од неармирана тула во светот. Италијаните се махери за убавина, и во овој простор во 1995 година, на стогодишнината од филмот, решаваат да го постават „Националниот музеј на филмот“.


Идејата комплетно се реализира пет години подоцна, откако е уреден музејскиот ентериер кој изгледа како сценографија од научно-фантастичен филм, во чие срце лизга лифтот кој ве носи на платформата од која го имате најдобриот поглед врз градот. По многу перипетии и промени на локациите, на крајот приказната со експонатите од историјата на филмската уметност конечно го пронаоѓаат својот дом на вистинското место, близу до легендарното кино „Масимо“, во кое се случуваше главната програма на торинскиот фестивал. И така, едно попладне, по проекциите на филмовите што требаше да ги гледаме со колегите од „Фипресци“, сите патишта водеа во пазувите на заводливата „Антонелијана“.



Во сугестивниот амбиент, организиран од торинскиот архитект Торино Џанфранко Гритела и швајцарскиот сценограф Франсоа Конфино, музејот за кратко време стана еден од најпосетуваните, со над два милиони посетители во првите пет и пол години од постоењето (2000-2005). Во 2004 година режисерот Давиде Ферарио го претстави филмот „По полноќ“ овде, прикажувајќи го во музејот пред пошироката јавност. По повод 20. Зимски олимписки игри во Торино (2006), постановката беше обновена со нови мултимедијални и интерактивни содржини, три нови темати посветени на вестернот, мјузиклот и научната фантастика, а беше прикажана и реставрираната верзија на славниот филм „Кабирија“ од Џовани Пастроне. Но, да одиме по ред.

За време на фестивалот, се запознав со директорот Карло Шатријан, кој напомена дека сите фестивалски гости имаат слободен влез во филмскиот музеј. А таму, на самиот влез, беа поставени „Stella della Mole“, ѕвездите што од 2020 година им се доделуваат на познатите и заслужни дејци од светот на филмот. А потоа… потоа започнува магијата.
Влегувам во првата од осумте тематски соби, во кои е раскажана приказната за раѓањето на седмата уметност. Во живо ги искусувам сите оптички спектакли и уреди кои одбележаа некои фундаментални фази во раѓањето на кинематографијата, сето тоа е насловено како „Археологија на филмот“. Привлечно, зарем не 😉

Според информациите, колекцијата содржи преку 150 илјади единици: од експонати преку фотографии и сето она што најпрво како предвесник, а потоа и како реалност е заслужно за создавањето на новата уметност, која на крајот од 19 век ги опчини луѓето ширум светот. А пред она славното „let there be light“, секако, е играта со сенките. Низ интерактивни поставки, посетителот присуствува на отелотворување на сонот на љубителот на подвижните слики. Магично!






Од играта на сенките влегуваме во зоната на оптичките илузии и фамозната „camera obscura“. Upside down! Не ми пречи и немам вртоглавица. И онака во последниве години светот се преврте наопаку, така што ситуацијата е сосема нормална и очекувана.







Следното ниво е насловено „Peep show“. Mахери биле луѓето во 19 век. Измислиле машини во кои се листале сликите на далечните градови, природните убавини и сцените од секојдневниот живот. Тоа ја најавило кино-прикажувачката дејност како спектакл што следи, и за кој, се разбира, (ќе) се наплаќаат билети.









Се разбира, најатрактивното катче во оваа тематска поставка е централната соба зад завесата, во која во тајност ги гледаш фотографиите на разголените жени од 18 и 19 век на стереоскопот. Срам ме фати 🙂






Следеше дел со развојот на апаратите за фотографирање, на панорамското сликање, како и на длабинските перспективи на перцепцијата, сето тоа на крајот заокружено со интерактивен дел со можност да го разгледаш Торино од горен ракурс, по сопствена желба. Божествено!






По историскиот преглед на многуте чуда пред фотографскиот апарат, како Вераскоп, Фантаскоп итн, доаѓаме до движењето и неговото претставување пред окото на набљудувачот. Предизвикот во втората половина на 19 век бил прифатен од многу проучувачи, што на крајот резултирал со создавање на првите филмски камери.









Во црвената соба сето ова е илустрирано со прекрасни проекции на кои е претставен историјатот од крајот на 19 век, пред првата официјална филмска проекција на големото платно во 1895 година. Погледнете ги клипчињата, навистина се едукативни, сугестивни и незаборавни.

И конечно, пред самиот крај од овој дел од поставките на приземјето од музејот, приказната за раѓањето на филмот, најпрво претставена со еден од првите плакати од тоа време, најава за проекцијата која ќе го смени животот на луѓето, како и „Кинетоскопот“, новата „играчка“ на Томас Алва Едисон достапна за сите.







А таму, низ малиот отвор кој зрачи светлина, се случуваат вистински чуда. Најпрво славната „танчерка со црвен фустан“, а потоа и останатите антологиски сцени од предвесниците на филмот.
Кога сме веќе кај историјата на првите подвижни слики, се разбира дека меѓу нив е и славниот воз на браќата Лимиер, од кој на првата проекција во париското кино на 28 декември 1895 година побегнала половина публика, мислејќи дека машината ќе излезе од платното и ќе ги прегази. Сето тоа е вклучено на крајот од музејската поставка, која завршува многу фраерски. Ова го нема ниту во француската Кинотека. Погледнете 😉
Следат скалила, не оние Хичкоковските, но доволно интригантни за да не’ одведат на следното ниво. Всушност, во срцето на филмската уметност од нејзиното раѓање па се’ до денес. Но, засега толку во првиот дел, бидејќи вториот, а богами потоа и третиот, нудат уште поатрактивни содржини за кои ми треба време да ги прераскажам.


Засега ќе ве испровоцирам само со една фотографија, до следната средба во вториот дел од приказната за „Националниот музеј на филмот“ во Торино. Се надевам дека повторно со задоволство ќе се читаме веќе за неколку дена 😉

