Славната реченица која многу пубертетлии, но и повозрасни од нив, со гордост, како „Оче наш“, ја изговараа во 70-те години на минатиот век по смртта на великанот на кунг-фу филмовите, гласеше: „Легендата за Брус Ли никогаш нема да умре“. Неговото влијание врз светската популација стана појасно дури по фаталниот 20 јули 1973 година, кога за време на снимањето на филмот „Игра на смртта“, Брус Ли колабираше, очигледно страдајќи од епилептични напади. По земањето на лековите, тој заспа и никогаш повеќе не се разбуди.
Една од можните варијанти за неговата неочекувана смрт е онаа дека го убиле неколку кунг-фу експерти кои му се налутиле на Ли затоа што на светот му ги открил тајните на боречката вештина. Теории на заговор постоеле и ќе постојат. Впрочем, Елвис е жив и живее во пештера, а Хитлер се’ уште се сонча на некој остров во Пацификот, нежно милуван од раката на се’ уште витата Ева Браун 😉
За легендата навистина да остане жива и свежа се грижат потомците на легендарниот кунг-фу мајстор. Речиси секоја година се наоѓа одреден повод за навраќање на сеќавањата на Брус Ли и неговата големина, истовремено надградувајќи ја фактографијата за херојот со безброј нови пикантерии и непознати работи поврзани со него. Најновата иницијатива ја поведе неговата ќерка Шенон Ли, која во изминатиот период го посети Хонгконг за да ја поддржи премиерата на ТВ серијата за нејзиниот татко насловена „Легендата за Брус Ли“, која содржи 50 епизоди за животот и делото на националниот херој. Велам „националниот“, затоа што Кинезите дури 30 години по неговата смрт како да станаа свесни за неговата големина, сфаќајќи дека токму Брус Ли е оној карактер што во филмовите, можеби ненамерно, ја бранеше нивната кауза од останатиот, зол дел од светот, иако неговите ставови во однос на комунизмот беа отворено негативни.
„Мојот татко не ја сакаше многу комунистичката идеологија, бидејќи промовираше поинаков поглед кон светот и поинакви вредности за животот. Но драго ми е што Кина по толку многу години му оддава почест со серијата што ја промовира токму за јубилејот – 35 години од неговата смрт“, изјави Шенон Ли, која посетата на Хонгконг ја искористи и за започнување на преговори со властите за добивање дозвола, односно авторски права, за изградба на музеј-копија во Сиетл, САД, со што уште повеќе ќе го популаризира ликот и делото на својот родител. Можеби во новиот музеј свое место ќе најде и бистата што пред неколку години ја поставија граѓаните на босански Мостар во центарот на градот, во чест на својот херој од детството. Не, подобро да не им ја дадат, затоа што овој регион треба да има една негова скулптура, како сеќавање на безгрижните години на едно време, кога нунчаките беа вистинско ладно оружје 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 18 ноември 2008 година.