Медиумска манипулација за публика гладна за сензации

Иако уште од „Брилијантин“ од 70-те години траеше големиот пост на филмскиот жанр „мјузикл“, пред две години „Мулен руж“ на Баз Лурман го најави неговото реактуелизирање на големото платно. Не требаше долго време за да се случи и „Чикаго“. Сепак, двата наслова имаат сосема различен пристап кон некогаш ултра-популарниот и ценет холивудски жанр. Додека филмот на Лурман си поигрува со денешниот мејнстрим произведувајќи поп-хитчиња и на тој начин постигнувајќи еден вид надреален ефект, „Чикаго“ не експериментира премногу со формата, задржувајќи одредени старомодни стандарди како симбиозата меѓу дејствието, танцот и музиката, основи што одамна ги постави мајсторот Винсент Минели, а ги надополни Боб Фосе.

Базиран според популарното бродвејско шоу од 70-те, „Чикаго“ ни раскажува приказна за бурните 20-ти години од 20 век, преполна со алчност, корупција, прељуба, убиства, алкохол и танц. Рокси (Рене Зелвегер) и Велма (Кетрин Зита-Џонс) се девојки што живеат за да бидат славни, настапувајќи на сцената пред преполното кабаре, но обвинети се за свирепи убиства. Нивната судбина во свои раце ја преземаат управничката на затворот мама Мортон (Квин Латифа) и славниот адвокат, кој не загубил ниту еден случај, Били Флин (Ричард Гир). Кревајќи голема врева во медиумите и правејќи ангел од, за него, попривлечната клиентка Рокси, адвокатот успева да ја извлече невината девојка од бесилката. Рокси е во фокусот на јавноста, но само до завршувањето на судењето. На ред е следната приказна за новата жена-убиец. Токму медиумската манипулација на публиката гладна за сензации е основата на приказната околу која се врти целото дејствие во „Чикаго“, прикажувајќи ја нејзината неприкосновена моќ врз толпата. „И двајцата посегнавме по пиштолот“ беше слоганот што на целата филмска рапсодија и’ даде крвав вкус при трката на протагонистките по безусловен успех и слава.

Режисерот Роб Маршал, по вокација кореограф, свесен за ризикот дека неговото деби на филмското платно е мјузикл, освен зоната која добро му е позната, музичките точки, на приказната и’ вметнал и доза на цинизам чисто за да го разбие клишето, но сепак цинизам кој не е докрај длабок и издржан, и на моменти делува наивно. Но неговиот голем придонес во овој филм е земањето на танчерските точки од сцената, правејќи од нив вистинска кинематична магија, притоа употребувајќи неколку ефектни филмски трикови. Тука би ги споменал претставувањето на главните ликови со една музичка точка, во која текстот на песната е различен од карактерот на личноста, потоа, играњето на Велма пред огледалата, степувањето на Били додека трае судењето, како и музичката точка на Рокси и Велма на крајот од филмот, пред светлосниот ѕид, која е навистина спектакуларна. Треба да се спомене и избегнувањето на конвенционалниот наратор во филмот, кој овој пат е заменет со црномурестиот лидер (Тај Дигс) на џез бендот, кој ги најавува сите музички точки.

„Чикаго“ на виделина го исфрла скриениот талент на Зита-Џонс за танцување, а во фокус ја фрла младата Зелвегер, пред која претстои убава филмска кариера. На нивната енергија убаво се надоврзува стариот лисец Ричард Гир, кој зад себе веќе го има искуството од „Котон клаб“ на Копола, иако неговата улога првично била наменета за Џон Траволта, која овој ја одбил, не сакајќи повторно да го поврзуваат со „Брилијантин-проекти“ како во минатото. Светла точка во филмот е и директорот на фотографија Дион Биби, кој има одлично чувство за дозирање на безбројните светлосни зраци во објективот од камерата, нудејќи ни совршено искадрирани сцени, како и монтажерот Мартин Волш, кој заслужено го доби еден од шесте Оскари за совршено монтираното паралелно дејствие кое не ве остава рамнодушни.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 8 април 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *