Страста како основен елемент на љубовта

Филмската ревија насловена „Американската литература на филм“ во текот на декември привлече голем број љубители на седмата уметност во Кинотеката на Македонија. Токму во овие моменти, пак, еден од највпечатливите наслови во светските кино-храмови е адаптацијата на славниот роман „Љубов во време на колера“ на Јужноамериканецот Габриел Гарсија Маркес, кој на култниот писател му ја донесе Нобеловата награда за литература во 1985 година. Безвременската љубовна приказна на едно место собра интернационален ол-стар кастинг, предводен од шпанскиот актер Хавиер Бардем, придружен од младите сили Џована Мецоџорно и Лора Харинг, а заокружен со искусниот Бенџамин Брат.

Бардем го игра Флорентино Ариза, човекот кој ја открива вистинската љубов во очите на Фермина Даза, улога на Мецоџорно. Откако нејзиниот татко ќе ја спречи страсната врска, вљубената дама ќе се омажи за д-р Џувенал Урбино (Брат), но Флорентино нема да престане да ја сака и со сите сили ќе се обиде да ја врати својата непреболена љубов. Оваа, навидум, патетична лимонада освои многу срца низ светот, пред се’ благодарение на мајсторското перо на Маркес, чија адаптација на големото платно беше само прашање на време кога ќе се случи.

За прашината што ја крена овој филмски проект сведочат главните протагонисти во филмот, кои велат дека откако се расчуо за подготовките за снимањето на долго најавуваното сценарио, целиот Холивуд фаќал врски за да влезе во проектот. Особено се истакнале големите латино-ѕвезди, кои не бирале средства да добијат макар и мала ролја во филмот. Но принципиелниот режисер Мајк Њуел не подлегнал на притисоците, на крајот снимајќи филм кој подеднакво им се допаѓа и на публиката и на критичарите.

„Мислам дека романот на Маркес е дел од културната ДНК на Јужноамериканците. Мајка ми е од Перу и таа постојано се идентификува со местото од кое доаѓа, така што тешко е да не гледаш на животот како на мелодрама. Што е љубовта без страст? Таа е и многу други нешта, но страста мора да биде основниот елемент во неа“, се зборовите на Бенџамин Брат на премиерата на филмот, кои на најдобар можен начин го објаснуваат значењето на „Љубов во време на колера“, филм кој се надевам дека ќе ги натера оние што се’ уште не го прочитале романот, што поскоро да го сторат тоа.

@Тексто е објавен во неделникот „Глобус“ на 15 јануари 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *