Чоколадо

Шон беше панкер во душа. Ја сакаше слободата на движење низ неговиот роден град кога сака и со кого сака. Тој имаше бенд што во одредени кругови важеше за култен. „Малото семејство“, како што го нарекуваше, го делеше со уште двајца другари од средно. Претходно сите поминаа низ различни фази и низ различни групи, но на крајот некако се пронајдоа во оваа, која ја нарекоа „Д Џорџ“. Едноставно и ефектно.

И покрај неволјите во кои одвреме-навреме знаеше да упадне, Шон, всушност, беше многу коректен дечко. Срце од човек. Тоа го докажал многупати и во многу ситуации и затоа „бандата“ го сакаше и го ценеше. Постојано го зафркаваа кога еден познајник го снимил на улица како ѝ помага на една старица да помине преку пешачкиот премин, додека автомобилите шибале наваму-натаму. Тој подзастанувал и го кревал средниот прст кон возачите, пцуејќи на сет глас. „Панк атитјуд“, им велеше смеејќи се, и ним покажувајќи им го средниот прст.

Денеска беше посебен ден. Еден од другарите му пиша порака дека има нешто големо и важно да им каже и дека сите ќе бидат среќни. Тоа беше басистот Димац. Знаеше да ги изненади кога најмалку го очекуваа тоа. Кога добро ќе размисли, Шон сметаше дека и покрај тоа што текстовите на песните ги пишуваше тој, а и композициите претежно одеа на негова сметка, иако подоцна сите се вклучуваа во процесот и даваа свој дел, сепак, токму Димац е човекот кој ја имаше таа голема слика за бендот, како да се поттурне, кон каде да се оди, и музички и менаџерски. Секако, овој последниот збор многу го нервираше Шон, бидејќи звучеше некако помпезно и капиталистички, но некој мораше да ја тера и таа работа, а најидеален за неа беше токму Димац. Едноставно, човекот го бидуваше за тоа и сите се согласуваа дека треба да му се верува.

Пред да излезе од дома ѝ се јави на неговата голема љубов уште од средношколските денови, Моника. Таа беше графички дизајнер и им го направи логото на бендот, им правеше маички што ги продаваа за време на нивните концерти (неретко токму таа беше зад штандот и ја вршеше таа „тешка, но слатка работа“, како што велеше) и беше еден вид неофицијален, петти член на бендот. Како „Битлси“ на почетоците кога имале петти член кој сакал да свири со грб свртен кон публиката, така и Моника беше таа злато-вредна личност во заднината што ѝ даваше идентитет на групата на нејзиниот дечко.

„Ало, љубави, што правиш?“, ја праша Шон.

„Еве, арбајтен!“, му одбруси гласно таа од другата страна на линијата.

„Аааааа, тежок ден денес, а?“, ја зезаше Шон.

„Ќе го задавам, сум ти кажала стопати, еден ден ќе го задавам и ќе му отерам сè на купче, и мајки и шајки, све! И никој нема да ме спречи во тоа, јасно? Ни ти, ни никој друг“, беше категорична Моника.

Таа не беше во добри односи со шефот, кој ѝ го имаше фрлено окото уште кога се вработи во фирмата, па дури и отворено флертуваше со неа и ја канеше на вечера или што и да е. Тој е најдобар пријател на директорот и сметаше дека има одврзани раце да прави што сака со вработените во фирмата. Еднаш дури ѝ ја скрати платата за 30% на Моника поради недовршен проект и преминување на дедлајнот, но страстите бргу се смирија затоа што Шон знаеше дека засега, додека не најде саглам работа, токму приходот на неговата девојка е оној што ги одржуваше во живот. Секако дека со задоволство би му го извадил срцето на тој мајмун среде улица уште веднаш, но мораше да внимава и на несаканите последици. Но, сонуваше кога еден ден ќе има одврзани раце и кога ќе може да се пресмета со таа „лујка“, како што го нарекуваше.

„Остави го кретенот, срц, и не се нервирај, стопати сме збореле за ова, не е вреден ни мрсул да фрлиш врз него, сум ти кажал“, ја смируваше Шон.

„Знам, бе, маци, ама за ова во странство се наплаќа за малтретирање, знаеш. Како беше оној зборот, стално го заборавам?“

„Ах, твојот омилен збор што стално го забораваш: мобинг, маче, мобинг!“, се смееше Шон.

„Така е, факинг мобинг, човек. Ова е класичен мобинг, да знаеш, и нема да си помине така лесно ова ѓубре!“, се закануваше Моника.

„Остави го, ќе му дојде редот. Трпение-спасение, така?“, се обидуваше Шон да ја развесели неговата девојка.

„Океј, океј, како ќе кажеш, ти го препуштам на тебе. А ти, каде си, кон каде, зошто-како-со-кого?“ праша Моника со малку потсмирен глас.

„Затоа и ти се јавив. Ми пиша Димац, имал добра вест за нас, одиме во свирална, се собираме, ако можеш, помини после работа“, предложи Шон.

„Не знам, ќе видиме уште колкав тормоз ќе доживеам до крајот на денот, од тоа зависи. Знаеш дека сакам да бидам во свирална секогаш кога можам“, рече Моника.

„Добро, види што-како, знаеш кај сме. Ако не, се гледаме вечерва, стандард, нели срц?“ праша Шон.

„Тоа не ни бега. Океј, бацки, чус“, го поздрави Моника со нејзиниот омилен германски поздрав, „последица“ од нејзиниот неколкумесечен престој во Германија пред неколку години. Но, и генерално, таа беше јазичарка, знаеше да зборува совршено и шпански и англиски, за разлика од Шон, кој, и покрај името, едвај се снаоѓаше со англискиот, колку да се разбере во комуникација.

Свиралната всушност беше гаражата на таткото на тапанарот Мише. Тој уште како мал имал играчка-тапани и толку се вљубил во нив, што во шесто одделение ги натерал неговите да му купат тапани што ги стационирал во гаражата, каде што гордо стојат и ден-денес. И покрај името во деминутив, Мише беше најборбениот меѓу нив.

„Бубњар“, велеше, „мора да сум најратоборен. Имам вистинско оружје во рацете. Со овие две палици можам да ти направам многу злобни работи“, се закануваше на шега.

Негов омилен лик беше Брус Ли и нунчаките од детството секогаш гордо висеа над тапаните во гаражата, а ги носеше и на свирки и секогаш на волшебен начин наоѓаше место на бината каде што ги обесуваше, да бидат видливи за сите. Мише, несомнено, имаше стил, и сите го почитуваа поради тоа.

Откако зема неколку лименки пиво од локалниот гранап, Шон се спушти кон свиралната од каде што се слушаше звукот на тапаните. Мише веќе влегол во „филм“, си рече Шон, и со широка насмевка толку силно затропа на отвореното крило од вратата на гаражата, што за момент успеа да ја надмине вревата на тапаните и сериозно да го подисплаши Мише, кој речиси скокна од столчето.

„А бе, да тибам педерот, ми се смрзнаа гомната“, му се развика.

„Па, што, не си кењал сабајлево? Таа работа се врши отсабајле, за да немаш мука после тоа“, му врати Шон, силно го гушна и го бакна во образот.

Шон го симна ранецот од рамото и од него извади студени лименки пиво. Ја отвори едната и му ја подаде на другарот, а со втората за кратко време наздравија и отпија по неколку голтки.

„Топло денес, у пичку…“, рече Мише, „чак и овде доле под земја се запотив ко кретен, а не лупам долго, сега дојдов, пред 10-15 минути.“

„Појма немам, брат, не ни помислив на времето, зашто мислам на Димац. Што ли ни спрема курето?“, се праша Шон. „Да не знаеш?“

„Врска немам, брат. Го знаеш Димац. Увек е пун со изненаџења“, констатираше Мише и отпи од пивото.

„Ако, ако, волим изненаџења. Осеќам дека е нешто добро“, беше позитивен Шон, и тој отпи од пивото. Набргу дојде редот и на втората тура.

Димац вообичаено не доцнеше, но овој пат го немаше плус половина час од договореното. Но, момците и онака никаде не брзаа. Кога беа во свиралната, тие го имаа целиот свет само за себе, заборавајќи на оној, надворешниот. Шега еден, шега два, шега три-четири и ете го господинот басист пред прагот.

„Ајде, бе, човек, што направи?“, веќе благо запиени во еден глас го прашаа Шон и Мише.

„Ќути, заглавив, нема да ви се верува, али небитно. Друг пат за тоа“, рече Димац и ја соблече јакната, закачувајќи ја на еден од клиновите во гаражата. Забележа дека другите двајца замолчеа и го гледаа право в очи и тој како да сакаше да ја продолжи неизвесноста, па им рече: „Еј, вечер Ливерпул и Арсенал, дерби, а?“

„Дај, бе, не нè дупи, кажи што е тоа што треба да ни го кажеш, сто работи свртевме низ глава, дај не отекувај више“, му згрмеа наизменично обајцата, надополнувајќи се.

Шон отвори пиво, му го подаде на Димац и му нареди: „Причај, птицо!“

„Дечки, што ни е најголема желба на нас?“ ги праша.

„Што знам?!“ се мислеше Мише. „Да одам во Норвешка и да работам на нафтена платформа, а после да ги шетам фјордовите“, одбруси.

Шон почна да се смее и наздрави во тоа име.

„Дај не дупи сега. Убаво ве прашувам: Што ни е на нас, како бенд, како ’Д Џорџ‘, најголема желба откако постоиме?“ беше упорен Димац.

„Па, да издадеме албум, да го ебам“, како од пушка рече Шон.

„Па, тоа е тоа, да го ебам и јас, Шон“, возврати Димац. „И што правиме околу тоа со години? Имаме материјал, го свириме, луѓето ги знаат текстовите на памет, а носач на звук – курац!“, во една реченица Димац ја сублимираше ситуацијата што трае, заклучно со денешниот ден, точно три и пол години.

„Д Џорџ“ беа енергични на сцената и така и ја стекнаа својата популарност меѓу публиката, но освен две студиски снимки што минатата година ги преплатија кај извиканиот продуцент кој им ги собира парите на поп-ѕвездите, мамините и татините синови, тие немаа друг адут во ракавот. Навистина, фановите неретко ги снимаа нивните концерти и потоа снимките од одредени песни успеаја да се свртат неколкупати на единственото радио за алтернативна музика во градот, што претставуваше некаква романтична приказна, но тоа беше далеку од задоволително.

„И? Ајде кажи ни, да тибам, не нè држи веќе во неизвесност!“ грмна Шон.

„Чекај да допијам“, рече Димац и го испи пивото до дното.

„Вчера брчкав нешто и наидов на конкурс каде финансираат издавање на албум. Сега, можда ќе се надркате, ама знаете кој е Џон Давос, така?“, праша Димац.

„А бе, дај не нè дупи, у пичку матер“, викна Шон и стана од местото, виткајќи ја празната лименка со раката и фрлајќи ја во кантата во аголот на гаражата. И погоди. Не му е првпат. „Сакаш да кажеш да одиме и да молиме некоја ’лујка‘ таму во фондацијата да ни дадат пари за да издадеме албум? Нема шанси!“ категоричен беше Шон.

„Така е, брат. И на мене не ми се свиѓа идејата“, дојде поддршката и од Мише.

„Што ви е, бе, кретени?“ згрме Димац. „Знаев дека ќе бидете вакви. Сто пати… не, милион пати сме го правеле муабетов. Тупкаме во место, еј, со години. Што ако ни дадат пари од фондација? Ако не сме ние, други ќе го лапнат хонорарот и после ќе се курчат со албумот. И? Некој ќе ги праша од кај им се парите и како го издале? Курац! Ќе си дојдат луѓето на концерт, ќе купат карта, ќе си купат албум и сите среќни и весели!“ се обидуваше басистот да биде прагматичен.

„Муда голи!“ викна Шон и продолжи: „Нема шанси да ме натераш да одам кај некој канцелариски пацов да молам за нашата музика. Нема шанси!“

„Добро, бе, ќе одам со Мише“, се обиде Димац да ја префрли топката.

„А, не!“ и тапанарот зазема одбранбен став. „Одете вие двајца, ме знаете мене. Ќе затепам некого таму ако ме изнервира.“

„Аха, одете вие двајца. Значи, се согласуваш дека треба да побараме помош за албумот?“ Димац беше умен и читаше меѓу редови.

Мише омекна: „Па, добро, на прва топка ми се причини педерски, ама можеби имаш право“.

Остана да прифати уште Шон.

„Еј, у пичку матер, што знам?!“ се насети колебање и кај него. Тука Димац го зададе завршниот удар.

„Слушај, работата е завршена. Синот на колегата на Стариот мој работи таму и тој е задолжен за овој конкурс. Сметај дека работата е завршена. Само треба утре да се појавиме, да му ги однесеме двете студиски снимки, да направиме муабет со него и тоа е тоа. Завршена работа“, ги уверуваше Димац.

Шон беше тврд орев за многу работи, но и тој толку многу посакуваше да го издадат тој проклет дебитантски албум, што мораше да потклекне пред можноста што им се укажува. По беседење уште половина час, каде што ги превртеа сите предности и маани на оваа одлука, сепак на крајот се согласи утре да отидат во фондацијата „Давос“ и да го направат тој проклет муабет каде што требаше малку да се подвитка ’рбетот, но „сè за музиката и уметноста“, се согласија сите тројца и ги допија последните лименки со пиво, по што следуваше шут-кош кон кантата. „Д Џорџ“, конечно, набргу ќе го добие своето првенче. Името веќе одамна се знаеше. Албумот ќе се вика „Јасно и гласно!“

Иако ветија дека вечерта ќе се видат, Шон сепак ѝ откажа на Моника со цел „да се наспиел“ и да бил свеж за утрешниот состанок. Таа се израдува на новоста и му препорача да не се глупира пред човекот, туку да се покаже во најдобра светлина за да им помине албумот, а после… „после – рокенрол!“ извика задоволно Моника и му прати десетина бакнежи преку телефонот на Шон, кој го обожаваше. Тој ги прими позитивните вибрации и навистина порано си легна, за утрото да биде свеж и со бистри мисли да настапи пред „канцеларискиот пацов“, како што си мислеше. Со Димац се договорија да се чекаат пред зградата на фондацијата, откако претходно ќе ги направат сите утрински ритуали. Накратко се договорија како да се претстават и што да зборуваат за да остават добар впечаток, иако Димац рече дека работата е речиси завршена, па немаат за што да се грижат. Но, никогаш не се знае.

Седиштето на светски познатата добротворна организација која во земјите во вечна транзиција, меѓу другото, финансиски ја поддржуваше и културата, беше на вториот кат од модерната зграда во чие приземје беше сместен еден голем маркет. Димац за оваа пригода дури ставил и вратоврска врз кошулата, со која настапи на сцената и на нивната последна свирка, кога сите го пофалија дека одлично му прилега на исправениот бас-став на телото што го имаше. Шон под раскопчаната карирана кошула, пак, ја носеше омилената маичка од „Суисајдал тенденсис“, неговиот омилен бенд. Двајцата другари се гушнаа, се погледнаа и со очите си рекоа „ајде да го направиме она што мораме да го направиме“. Со лифт се качија до вториот кат, каде што ги пречека секретарката која им рече да почекаат, бидејќи господин Милан има странки во моментот. По пет минути Милан со кафето в раце со појави во ходникот и беше очигледно дека бил на пуш-пауза. Секретарката, за да ја покрие својата лага, скокна од местото зад компјутерот и му ги претстави гостите на Милан, со кои тој срдечно се поздрави и ги покани во неговата канцеларија.

Тој седна зад својот деск, а претставниците на „Д Џорџ“ на работната маса пред него, на солидна дистанца. Во канцеларијата немаше ниту еден музички детаљ што би го навел патникот-намерник дека токму ова е местото на кое ќе се одреди судбината на перспективниот бенд. Сè беше стерилно и студено. Тоа воопшто не му се допадна на Шон, но немаше враќање назад. Милан го мешаше своето кафе, гледаше во момците пред себе и молчеше. Димац ја презема иницијативата и му кажа на господинот дека има поздрав од татко му, кој е колега на неговиот татко веќе дваесетина години во фирмата во која работат и дека го знае уште од мал.

„А, да, се сеќавам на чичко Димитар, многу одамна. Имаше интересен мустаќ и знаев здраво да му го потегнам“, се присети човекот на фондацијата. „Иако тоа беше многу одамна“, заклучи тој.

Димац го извади стикот со двете студиски теми на „Д Џорџ“ и му објасни што содржи тој, почнувајќи да зборува и за историјатот на групата, нивните свирки, популарноста на радио и така натаму. Шон беше нервозен и постојано ја клацкаше левата нога. Откако Димац заврши, Милан го допи кафето во хартиената чаша, ја свитка и ја фрли во кантата во аголот, како што тие прават во гаражата.

„Ова е добар рокенрол момент. Ценам!“, рече Шон и се насмеа. Милан го погледна под око и не коментираше ништо.

„Значи, вие сакате да издадете албум, така?“, нерасположено праша канцеларискиот човек.

„Па, мислам дека сме на вистинското место, со вистинскиот човек“, беше позитивен Димац.

„Добро“, рече Милан и крена некакви хартии во воздухот, подавајќи ги пред себе, „земете ги овие формулари, пополнете ги и дајте ѝ ги на секретарката, другото е под моја ингеренција“, им намигна тој, стана и ги испрати до вратата.

Во ходникот веќе нетрпеливо чекаше друг музичар. Тоа беше Зоки од бендот „Трула вишна“, нивен познајник од местата низ градот. Еднаш дури и свиреа на заеднички настан, но беа само на „здраво“, ништо подлабоко.

„Еј, што наваму?“, го праша Шон.

„Еве, бе, исто ко вас“, им се насмеа тој, помина покрај нив и влезе во канцеларијата, затворајќи ја вратата зад себе. Но, пред да ја затвори, јасно се слушна гласот на Милан, кој срдечно му се обрати со зборовите: „Кај си бе, Зоки?!“

„Брат, да попунуеме или не?“, праша Шон.

„Што ти е, бе, брат, слушна што ни рече? Попунете и другото е моја работа. Тоа не ти кажува нешто?“ праша Димац самоуверено.

„А ова последново ’Кај си, бе, Зоки?‘ не ти кажува нешто?“ упорен беше Шон.

„Заеби. Дојдовме за ова и ќе одиме до крај!“, рече Димац, го пополни формуларот со основните информации за бендот, членовите и насловот на албумот и ѝ го даде на незаинтересираната секретарка.

Денеска му беше редот на Шон да пазарува. Многу го мразеше тоа, но мораше да го одржи балансот со Моника двапати тој, а двапати таа месечно да пазаруваат во маркетот што имаше многу пониски цени од оние, „извиканите“, а сепак нудеше квалитетни работи. Тој ја зема количката, бидејќи сакаше да ја наполни до врвот, затоа што само грицките за двете деца ќе заземеа половина од просторот поради нивната габаритност. Ќе испазарува, си мислеше, ќе отиде дома, ќе отвори едно пивце и со синчето ќе го изгледаат вечерашното дерби во Лигата на шампионите, каде што неговиот Арсенал игра со Ливерпул. Вечно дерби – вечен ривалитет, како во Премиер лигата, така и во Лигата на шампионите. За Нова година малиот посака да му купи дрес и кога го праша од кој фудбалер сака да биде тоа, надевајќи се дека ќе каже некој од фудбалерите на Арсенал, синот посака тоа да биде Ембапе. Шон се изнасмеа и секако дека му ја исполни желбата. Многу ги сака своите деца, бидејќи љубовта кон Моника и во овие средни години кај него не беше спласната.

А, да, си рече, пред натпреварот ќе го побарам Димац во Америка малку да го дупчам дека вечерва ќе ги добиеме, а ќе му свртам и на Мише, ама којзнае дали ќе го добијам тој шутрак?! Димац одамна замина во „ветената земја“ на студии по бас-гитара и сега тера бар-приказна со разни музичари низ континентот. Одвреме-навреме му пушта снимки на Шон, а овој го зафркава дека тоа не е за него, бидејќи е „музика за старци“. Мише, пак, не отиде на нафтена платформа во Норвешка, туку келнерисуваше на еден огромен крузер, со кој успеа во неколку наврати да ги посети фјордовите и беше многу задоволен од тоа. Сега е скрасен во Естонија со една привлечна блондинка која го обожава.

„Океј, да земам уште пивца и тоа е тоа“, кажа полугласно Шон и се упати кон рафтот со лименките.

Таму едно момче дотрча и со радост ги дофати пијалаците во првите редови и ги бутна долу. Паднаа неколку лименки и, за среќа, не предизвикаа некоја особена штета, бидејќи на рафтот имаше и алкохолни пијалаци во стаклени шишиња. Шон бргу реагираше и ги врати лименките на рафтот. Знаеше дека ќе бидат под притисок и реши да избере други, иако тие беа неговата омилена марка. Момчето продолжи да трча по другите рафтови, а неговиот татко, кој се појави во меѓувреме, се обидуваше да го дофати и да го доведе во ред. На Шон му беше забавна целата ситуација, затоа што и неговиот син, кога беше на таа возраст, го правеше истото.

Откако заврши со пазарувањето, Шон со полната кошница на тркалца се упати кон касите. За среќа, таму немаше многу луѓе и бргу стигна на ред. Процесот на вадење на производите од кошницата и ставање на подвижната лента секогаш го заморувал, но мораше да го стори тоа. И додека на крајот ги полнеше кесите со избраните производи, се појави палавото момче од пред малку, чие смеење и врева се слушаше и по неговата беља кај лименките. Шон се сврте кон него и го погали по косата, а во тој момент дотрча и таткото видно испотен и нервозен.

„Патрик, ти реков да бидеш мирен и внимателен, нема веќе да те носам со мене на пазарување, ова е последен пат“, му викна.

Патрик со широката насмевка се вртеше де кон Шон, де кон татко му, тоа го направи неколкупати како игра и на крајот почна да ја тресе главата горе-долу како да е на некој концерт на метал-бенд.

Шон препозна дека таткото на момчето е господинот Милан, „канцеларискиот пацов“ кој не го одобри нивниот факинг „проект“, како што го нарекоа албумот во образложението што го добија. Милан исто така го препозна Шон, затоа што, и покрај поминатите години оттогаш, тој речиси се немаше променето, сè уште беше старото добро панкериште со избричена глава, обетка на левото уво и можеби со неколку брчки повеќе околу очите. Милан ја наведна главата и не рече веќе ништо, иако неговиот син продолжи со играта што беше мошне гласна и која, очигледно, ѝ пречеше на касиерката која за момент ги затвори ушите погледнувајќи кон муштеријата.

Тогаш Шон зема едно од купените чоколада од ќесето, клекна долу во висина на малиот, го погали по косата и му го подаде чоколадото со една голема насмевка.

„Земи го. Имаш прекрасна енергија. Рокенрол енергија“, му рече.

Малиот го зема подарокот и веднаш почна да го отвора. Шон потстана, уште еднаш погледна кон Милан, чија глава сè уште беше спуштена, ги собра ќесите со двете раце и ѝ посака пријатна вечер на касиерката, на која очигледно веќе ѝ беше преку глава од денешниот ден.

@Расказот е дел од збирката „Двојна експозиција“ (ИЛИ-ИЛИ, 2022)

                                                                                                                

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *