Нескротлива енергија од мозокот во срцето

Кон албумот „Мека машина“ на Хајка (Самиздат, 2023)

Со слушачка промоција на 28 јануари момците од бендот „Хајка“ го промовираа својот втор албум „Мека машина“. Темата која беше нивен ултимативен хит во текот на бројните настапи низ целата 2022 година стана наслов на второто свиречко чедо кое, за разлика од првенецот кој беше достапен само онлајн, си доби и свој физички компакт-диск облик.

Читајќи ги насловите на темите, забележувам една прецизна трансверзала која започнува од мозокот, а завршува директно во срцето. Бендот на слушателот му праќа сублиминална порака дека во материјалот треба да се влезе со бистар ум, но не заборавајќи го она клучното – емоциите што ги создава срцето. Одамна не ме обземала таква фина возбуда од издание на актуелен македонски бенд. Го ставам це-дето во плеерот, слушалките на уши, и „возењето“ започна. 

Воведната „Мозок“ во 1 минута и 19 секунди успева позитивно да вознемири и да  укаже дека прошетката низ материјалот кој следи ќе биде една возбудлива и непредвидлива емо-авантура. Или, со еден збор, ЛУДИЛО!

Басот на Филип во „Мртви прсти зборат“ ги разбива сите илузии и не’ тера да играме. Како надоврзување на сировоста на темите од нивниот деби албум, во темата се’ се случува брзо како на филмска лента. Нема победници, нема губитници, останува „Нерешено“. Загрижува сликата која ја добиваме: „куќите ќе останат исти, децата ќе останат исти, луѓето ќе останат исти…“ Уметникот е тука за да ја детектира ситуацијата онаква каква што е, колку и таа да е темна и безизлезна. Тој стои на ќошот и мудро набљудува. И осознава. И „баш го брига“. Е „како може така“ бе, момци?

Бегството во надреалноста на сонот ја спасува ситуацијата. „Микросон“ е тема-вртоглавица, во која гитарата на Тео е на работ од провалијата. Жестока, двојна, тројна, насекаде е присутна, доволно да го спаси „давеникот од водата“ и да го врати во нормален колосек.

„Само човек“ е меѓник меѓу пред и потоа. Веќе сме стигнале на средината од албумот, а се’ е толку брзо и нестварно. Темата беше една од најдобро изведените на протестот пред МКЦ. А Бојан го „чеша носот“. Што ли значи тоа? Аха, (можеби) знам.

Сето ова е ново и за него и за пајташите. „Ново, ново, ново“. Треба ли да имаме страв од новото? Секако не! Ах, колку само ни треба нова и свежа енергија во ова наше полузамрено општество. Токму генерацијата на која и’ припаѓаат и „Хајка“ е таа нова и автентична енергија која ни требаше како Оче-наш.

Полека, но сигурно се приближуваме кон срцето. Но прво ни треба мал „Инфразвук“. Тивок, но продорен и длабок. По најдолго-свиречката тема следи ослободување, големо ослободување низ еден значаен крик. Стој-стој, Да-да, Не-не, Јеееееееаааааааааааа!!!

„Мека машина“ е бисерот на овој истоимен албум. Совршена синестезија меѓу инструментите во коалиција со текстот чија метафора повикува на битникот Бароуз и неговата легендарна кат-ап техника за создавање на нови, надреални светови.

И конечно, срцето. Аха, стигнавме! Толку бргу? О да. Ние се распаѓаме, но од убавини. И потоа го стискаме копчето repeat, и го слушаме новиот материјал повторно, и повторно, и повторно…

Веднаш по објавувањето на албумот, се појави и првиот осврт за него на веб страната „balkanrock.com“. Бидејќи никогаш не ме бивало жанровски да ја определам музиката, не сакајќи да ја зацементирам во одреден фолдер не одземајќи и’ така од слободата, ќе ги “позајмам” зборовите на авторот на текстот, кој го потенцира експериментот со звукот на новиот материјал, нагласувајќи дека „нијансираниот и абразивен пристап не ги напушта едноставните панкерски корени, туку ги збогатува со примеси на електроклеш, дисонантни гитарски и денс-панк пасажи во фазон на бендовите како Pylon, Fad Gadget и Contortions“. Бритко и безобразно прецизно.

Снимен, миксан и продуциран во студиото на Драган Гиновски-Гино во Бардовци, овој налудничаво квалитетен албум на „Хајка“ отвора еден широк прозорец за бендот, со надеж дека уште оваа година ќе може да го види публиката на фестивалите ширум Балканот.

Напред момци, иднината е ВАША!!!

One thought on “Нескротлива енергија од мозокот во срцето

  1. Пингување: ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Остлунд, Унковски, Аврамовска, ТВ серија „Шпион меѓу пријателите“, нов албум на „Хајка“ - Рацин.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *