Дерил Хана, интервју/омаж

Иако имаше закажана средба со новинарите во Домот на културата, на која критичарката од „Вараети“ како модератор нè прошета низ кариерата на Дерил Хана, сепак само час и половина пред тоа „Филмополис“ доби ексклузивна можност да направи 15-минутно интервју со американската актерка, која во последниве 30 години создаде завидна филмска кариера. Времето беше кратко за сè што сакавме да ја прашаме, но решивме да почнеме од почетокот. Малкумина знаат дека таа од мали години била несудена балерина. Прашањето ѝ беше многу драго. 

Дерил Хана: Навистина ги сакав балетот и танцот. Кога се раѓате, ви прават вежби за флексибилност, ве ставаат во разни позиции за да се уверат дека екстремитетите ви се добри. Моите не беа во ред и на мајка ми ѝ предложија да ми стават протези на нозете. Нејзе идејата не ѝ се допадна, чекаше до три и полгодишна возраст и тогаш ја праша нејзината пријателка Марија Талчиф, инаку првата американска прима-балерина, дали можам да почнам да вежбам балет, бидејќи ми требаше тоа. Така почнав да танцувам низ целата моја младост и бев многу сериозна, бидејќи Марија виде дека телото правилно ми
се формира и дека сум сериозен студент и таа мислеше дека имам сериозен потенцијал да станам прима-балерина. Таа ме праќаше во сериозни училишта, но се сеќавам дека на моја 11- или 12-годишна возраст девојките веќе пушеа цигари и беа силни, а учителите нè удираа со прачки. Балетот е многу сериозен, иако танцувањето е прекрасно, но дисциплината е многу интензивна. На еден мој роденден имавме „паричка на среќата“, кога јас се појавив веројатно со наместена коса, а мајка ми ја сврте и рече: „Ти ќе бидеш прима-балерина“. А јас реков: „Не!“, бидејќи не сакав да продолжат да ме удираат.

Тогаш, кој беше пресудниот момент, пресвртот од љубовта кон танцувањето кон љубовта во филмската уметност?
Хана: Се вљубив во филмовите затоа што имав несоници и не можев да спијам. По цели ноќи гледав филмови снимени во триесеттите и четириесеттите години, во ерата на Фред Астер, Џин Кели… И така си реков дека ќе почнам да степувам, но ќе практикувам и други форми на танц. Сакав да бидам дел од „Пееме на дождот“, дел од некој филм на Фред Астер, и тоа беше еден вид премин од танцувањето кон филмот, бидејќи и танцот е дел од
него. А втората причина беше бегството од реалноста. Сакав да побегнам во свет како оној во „Волшебникот од Оз“ и да живеам таму. Кога бев дете, јас бев сонувач и сè уште сум тоа. Многу ја сакам фантазијата. 

Многу рано во кариерата ѝ се случи да заигра во еден култен филм каков што таа посакувала, „Блејдранер“, или „Истребувач“ на Ридли Скот, каде што креацијата на андроидот Прис е антологиска.
Хана: Тоа беше остварување на мојот сон и мислев дека сите филмови ќе изгледаат така. Пред него снимив неколку други наслови, но „Блејдранер“ беше искуство во кое не работите, туку сте транспортирани во друга реалност, сè што е тука постои само за вас, вие сте во друг свет, станувате друга личност и сè во врска со тој филм беше она на што се надевав.

https://www.youtube.com/watch?v=G2lA6pHolEE

Дерил Хана во текот на 30-годишната кариера има одиграно различни ролји: таа се трансформираше во многубројни необични и митски суштества, од сирена, андроид, стриптизерка, пештерска жена, па сè до психопатски убиец и никогаш не влезе во калап или во одреден стереотип на улоги. Нè интересираше како ги одбира улогите: инспирирана од ликот кој треба да го игра или од режисерот.
Хана: Дефинитивно ги миксам работите. Понекогаш наидував на сценарија во кои не наоѓав интересни ликови, но бев заинтересирана поради режисерот. Имаше и случаи кога имав одлични улоги, а не бев слушнала за режисерот. Некогаш, пак, имате одлична приказна и сакате да бидете дел од неа. Има толку различни елементи што треба да се спојат, што ретко се случува. Затоа најчесто ве привлекуваат одредени нешта за да снимите одреден филм.

https://www.youtube.com/watch?v=VACN1RenMvE

Ја прашавме г-ѓица Хана за односот со режисерот Квентин Тарантино, кој на некој начин ја врати во игра со улогата на мистериозната и опасна Ел Драјвер во дводелниот хит „Убиј го Бил“.
Хана: Не го знаев Квентин пред „Убиј го Бил“. Играв во една претстава во Лондон и еднаш слушнав препознатливо смеење во публиката и си реков дека тоа ми звучи познато. Потоа тој се појави во мојата соба зад сцената и ми кажа дека го пишува сценариото за филмот и дека ме планира за една од улогите. Тој ми рече дека јас ќе бидам Ел Драјвер, а јас си помислив дека ќе се викам Бил и ќе бидам возач. По седум месеци ми го прати сценариото, што беше многу обемно. Секоја актерка сонува да работи со него, бидејќи тој е еден вид човек – филмско училиште. Тој знае сè за секој снимен филм и не само што сака да снима филмови туку ги знае сите нивни аспекти, знае сè за секого на сетот и кога сме на снимање, тој се наоѓа во неговиот рај. Тој е во рајот, што е фантастично.

За крај, интересот го префрливме на активностите од приватниот живот на Дерил Хана. Таа има активна улога во многубројни граѓански движења, особено за заштита на околината, давајќи пример со својот стил на живеење без да прави какви било компромиси. Хана била дури и двапати уапсена за нејзиното учество во мирни протести.
Покрај тоа, таа е многу активна во организациите за спречување трговија со луѓе. Моментно снима документарец на оваа тема, патувајќи тајно во земјите на југоисточна
Азија. Од неодамна работи и на кревање на свеста за конечно да се стави крај на оваа форма на ропство.
Хана: Светот во којшто живееме е многу интересен (се смее). Се наоѓаме во чудно и критично време во историјата, бидејќи се соочуваме со многу проблеми. Темите како ропството и човековата околина, загадените океани, се штети наследени од индустријализацијата на општеството, а тука е и исчезнувањето на одредени видови животни. Затоа велам дека живееме во критично време. Но, мислам дека имаме решенија за проблемитесо кои се соочуваме, имаме одговори за сето тоа. Мојата улога, како и на секој друг, е да се едуцираме себеси, да видиме како тие решенија ќе влијаат врз нашите животи. Треба да разменуваме информации, да си помагаме и да поставиме систем на вредности на ниво на Влада, на морално и на етичко ниво, да сториме сè што можеме за да ги смениме нештата. Сите проблеми што ги споменав се поврзани меѓу себе и од нас зависи колку ќе сториме. Можеби како индивидуи можеме малку да направиме, но колку што можеме, мораме да ги насочиме нештата во позитивна насока. 

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *