Интервју со Митко Панов, „ВОЈНАТА ЗАВРШИ“

2010 година исто така беше интересна на филмски план кај нас, бидејќи се случија премиерите на три сосема различни филмски остварувања. Едната од нив е премиерата на малиот-голем прв долгометражен игран филм на режисерот Митко Панов, „Војната заврши“ во киното „Рамстор“. Неколку денови пред тоа, на 27 октомври, светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство, режисерот ги подари 35мм копии од својот наградуван краток филм „Ливада“ на Кинотеката на Македонија, како симболичен потег за кревање на свеста и кај другите филмски автори, дека Кинотеката е единственото место каде што негативите и треба да се депонираат и чуваат. Со краток прилог за овој настан и го започнавме магазинот, во кој скромниот Панов од еден сосема поинаков агол ни зборуваше за филмот и за идеите што го преокупираат, сакајќи да ги преточи во подвижни слики и да ѝ ги подари на публиката. На почетокот, мала лична карта за вас, да речеме дека сте релативно непознат за овдешната јавност, живеете во Швајцарија, и пикот во сите информации во овдешните медиуми е дека сте единствениот добитник на престижната Златна палма во Кан од Македонија. Годината е 1985-та, вие сте студент во Полска, филмот е „Со кренати раце“. Ајде да се вратиме малку наназад.

Митко Панов: Да. Филмот е снимен во 1985 година, и по шест години, во 1991-та, ја имаше таа среќа да учествува на фестивалот во Кан и да ја добие Златната палма за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто добиваше награди, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна.

– Како се случи да го снимите овој филм, кој е инспириран од една единствена фотографија од далечното минато?

М.П. Да, филмот е фиктивна ре-креација на еден вистински настан, а тоа е депортацијата на Евреите од Варшавското гето во април 1943 година, таканаречената екстерминација на познатото еврејско гето во Варшава. 

– Во 1991 година започна распадот на Југославија. Како одекна вашиот успех во Кан во овдешните медиуми, како тие го покрија овој несекојдневен успех?

М.П. Филмот е во полска продукција, а личноста што го однесе во Кан е Американка, така што некои што беа присутни од Македонија на фестивалот, ми кажаа дека на почетокот воопшто не се знаело кој е и од каде доаѓа Митко Панов. Првото мислење било дека станува збор за Бугарин, така што и нашите новинари таму не биле свесни дека се работи за Македонец. Тоа беше во мај 1991 година, прилично турбулентно време, и многу добро се сеќавам на прес-конференцијата во Центарот за култура на поранешната СФРЈ, кога се собраа претставниците на медиумите од сите републики, и практично повеќето од времето тие го посветија на меѓусебни кавги и расправии. Едно време јас се најдов во аголот читајќи една монографија за Хиландар, но ги слушав разговорите на новинарите што беа добро информирани за војната која, многу веројатно, претстоеше во следниот период на балканските простори.

– Во 90-тите години вашиот опус го обележаа два кратки филма, „Бериќет“ од 1994 година и „Ливада“ четири години подоцна. Каква е фестивалската приказна околу овие филмови, како тие поминаа во годините кога беа актуелни, се сеќавате ли на нивниот живот како на интересен и возбудлив период?

М.П. „Бериќет“, пред „Војната заврши“, е единствениот филм што е поддржан и финансиран од страна на Македонија. Го сработивме во продукција на „Вардар филм“ и тоа беше мојот прв контакт со македонскиот филмски еснаф. Предметот на тој филм беа оригиналните локации каде што се случува драмското дејствие на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Јас уште во 1992 година сакав да го екранизирам „Пиреј“, но тоа не помина, така што „Бериќет“ е една документација на место и време, која треба да ни прикаже визуелно и филмски како би требало да изгледа тој наративен филм без приказна. Да се видат лицата на стариците, да се видат пејзажите, и затоа снимавме на оние локации каде што евентуално би го снимал „Пиреј“.

– Станува збор за селото Цер…

М.П. Да, тоа е Цер, кое се наоѓа наспроти Жван и Слоештица, селото од каде што доаѓа Андреевски. За жал, „Пиреј“ до ден-денес не се сними, веројатно зашто станува збор за обемен проект. „Бериќет“, пак, убаво помина, се сеќавам дека ја добивме наградата „Амон Ра“ на фестивалот во Исмаилија во 1995 година.

– Пејзажите во Цер се прекрасни, исто како и оние во краткиот филм „Ливада“, кој исто така го снимавте на автентични и живописни локации во централна Македонија.

М.П. Всушност, „Бериќет“ освен во Цер, го снимавме и во Штавица, Мариово, додека „Ливада“ го снимивме во Гргурница и Седларево, кај Групчин.

– Насетувам сличен сензибилитет при избирањето на локациите со Милчо Манчевски.

М.П. Јас особено го ценам мојот постар колега Манчевски, и веројатно сте во право, имаме нешто заедничко, барем при изборот на локациите, на некој начин се преклопуваме. 

– Конечно, „Војната заврши“. Во едно неодамнешно интервју велите дека доколку е остварливо, приказната би ја раскажувале само низ слики бидејќи ликовите понекогаш се одвишни. Но, мој впечаток е дека тоа може да важи за кратката, но не и за долгометражната форма. Првпат се фаќате во костец со долгометражен проект, какви се искуствата што ги носите со себе?

М.П. Една мала корекција, или мало надополнување. Имено, „Земјаци“ е мојот прв долгометражен, но документарен филм, каде што јас сум нараторот, додека „Војната заврши“ е мој прв долгометражен игран филм.

– Можеби тој проект беше иницијација и искуство токму за актуелниот филм?

М.П. Токму така, сигурно дека беше, бидејќи во „Земјаци“ има околу десетина портрети на луѓе, а еден од нив е и Кадри, кој е учител во близина на Медвеѓе и кој во 1999 година емигрира во Швајцарија. Токму тоа беше почетната точка од која тргнав при пишување на сценариото и реализација на актуелниот филм, бидејќи врз основа на неговата лична приказна и патешествие ја направив оваа приказна, иако сите елементи се фиктивни. Имам намера да снимам уште еден филм и така да ја заокружан трилогијата што се занимава со тие настани во 90-тите години на минатиот век на Балканот.

– Екипата на филмот е интернационална, со луѓе од 14 земји. Колку беше тешко да се искоординираат за време на снимањето?

М.П. Признавам, беше тешко. Ова е нискобуџетен проект и поради тоа и имаше толку многу луѓе од различни земји. Многу од нив се мои поранешни студенти, кои во изминатите 15 и повеќе години почнаа успешно да ги градат своите професионални кариери, така што го искористив тоа мое патешествие низ светот и ги поканив луѓето за кои знаев дека работата ќе ја завршат навремено и дека ќе можам финансиски и професионално да ја поднесам.

– Реакциите што деновиве кружат, односно, главното прашање што струи во воздухот е од каде потребата да раскажете една албанска приказна? Зарем нема режисери-Албанци што тоа би го сториле? Зарем толку нема македонски приказни што би биле интересни за екранизација?

М.П. Јас како филмски автор не ги делам темите на албански или на македонски. Мене ми е тешко да дефинирам филм според етничка или национална припадност, тоа е административна, а не филмска категорија. Мене ме интересираат човечките приказни и јас во тие миграции што настанаа со распадот на поранешната држава и во претходните две турбулентни децении наоѓам филмски материјал што е достоен за филмски третман и на кој му е потребен повеќе простор во нашите медиуми бидејќи станува збор за страшни човечки драми, бидејќи милиони луѓе останаа без своите домови. Важно е да се зборува за овие теми и од економски аспект, бидејќи имаме голема економска емиграција. Речиси секој втор млад човек размислува дали би било подобро да ја напушти оваа земја и да ја бара својата среќа некаде надвор. Секој ја носи таа мисла дека можеби во странство ќе биде подобро, односно, секаде ќе биде подобро освен тука, во оваа земја во која нема просперитет.

– За мене ова е храбар потег, бидејќи несомнено дека еден филмски автор инспирацијата за одредена приказна што би ја преточил во филм, ја бара насекаде околу себе.

М.П. Сигурно, но внимавајте, и во овој случај инспирацијата не ја барам многу-многу далеку од себе, а тоа е животот на нашите сонародници, без разлика дали се Албанци, Турци, Роми… Животот на нашите соседи е многу сличен на нашиот, имаме многу допирни точки и заеднички драми. Единствено што како феномен во последниве 20 години медиумски сме фокусирани на нашите разлики, постои многу политизација и темите стануваат многу жешки и комплексни, и повторно се ставаат во еден политизирачки контекст.

– Имам впечаток дека можеби некој албански режисер не би можел да ја раскаже на ваков начин приказната бидејќи вие гледате со одредена дистанца кон оваа приказна, што ви овозможува почисто гледање и поставување на нештата.

М.П. Да, тоа го слушнав и од албанските колеги. Во тоа има и нешто позитивно, и можеби неопходно.

– Слоганот на филмот е „Најголемата војна е онаа под твојот покрив“ и токму тоа и успешно се доловува во самиот филм, бидејќи судбините на ликовите се последица на лудилото на балканската војна, меѓутоа војната во филмот ја нема, таа е некаде таму, зад ридот, или на телевизискиот екран. Филмот е фокусиран врз приказната за семејството и она што им се случува на неговите членови, што е еден од рецептите за правење успешна филмска драма.

М.П. Вашето гледање на работите се совпаѓа со една критика во Швајцарија, во која се вели дека ова е филм за војната, но без војна. Филм за бегалци, но без бегалци. Во неа се вели и дека Митко Панов сними филм преку кој ни го доближи животот на луѓето што секојдневно ги среќаваме и живеат меѓу нас, и чии судбини ни се познати, или ние барем така мислиме, но кои сепак не ги познаваме. Тоа е, всушност, и самиот филм.

– Тука би сакал да кажам едно мое лично искуство. Бев да го гледам филмот во киното „Рамстор“ во терминот од 22 часот и забележав дека сум единствениот етнички Македонец во салата, која ја делев претежно со Македонци-Албанци од различни генерации, кои различно реагираа на одредени сцени блиски или далечни за нив. Каква е вашата перцепција, имате ли информации каква е посетеноста и кои луѓе го гледаат филмот, бидејќи за мене тоа е интересен феномен?

М.П. Немам конкретни информации, но веројатно најголемиот дел од гледачите се од албанско-јазична провиниенција. На што се должи тоа? Една од причините е дека филмот е на албански јазик. Но, можеби исто држи и приказната за буџетските причини, односно, филмот немаше некој голем публицитет и реклама, бидејќи јас како продуцент немав финансиска можност да им го приближам филмот на гледачите. Исто така, не треба да ги заборавиме и предрасудите, кои се можеби најбитни во овој случај.

– Филмот воопшто не се занимава со некаква поделба на овие простори на кои сме толку навикнати, јас не би сакал да верувам дека и Албанците не одат да гледаат македонски филмови поради слични причини. „Војната заврши“ е една фина, топла семејна приказна, која се фокусира на судбината на едно семејство, без разлика од каква етничка припадност доаѓа. Добро, одиме понатаму. Ме интересира како течеше кастингот, бидејќи добриот кастинг значи половина завршена работа уште пред да почне снимањето. Ми споменавте дека сето тоа траело прилично долго.

М.П. Да, кастингот траеше девет месеци, затоа што се работи за семејство, каде што треба да се најдат актери во кои публиката ќе препознае двајца браќа, како и за двете нивни сопруги, децата што наликуваат на нив, таткото итн. Сето тоа треба да се совпадне, да се почувствува хемија меѓу нив, и навистина, да се комплетира едно филмско семејство е вистински предизвик.

– И на крајот, збор-два за идните планови на Панов. Имате намера да ѝ се вратите на кратката форма, или можеби ќе фатите континуитет со уште еден целовечерен проект?

М.П. Немам планови да ѝ се вратам на кратката форма, затоа што е прилично маргинализирана во филмот, нема соодветна дистрибуција и е прилично некомерцијална. Таа е најчиста форма на која сесрдно би ѝ се вратил, исто како и документарната форма, но тие, за жал, не добиваат доволно простор и внимание, и финансиски се многу тешки за изведба.

– Имате сценарио во Полска, реализирано со Јарослав Шода. Што се случува со тој проект?

М.П. Тој филм се прикажуваше во киносалите низ Полска оваа пролет. Јас сум сценарист, филмот се вика „Продавач на чуда“ и повторно станува збор за емигрантска приказна. Постои некакво врзивно ткиво во темите што ги обработувам, интересни ми се темите што се случуваат меѓу две култури, меѓу две граници. Овде се работи за приказна за две емигрантски деца, кои бегаат од еден полски логор, а инаку се од Чеченија. Новиот проект, пак, се вика „Сведок“ и станува збор за приказна поврзана токму со нашиве, балкански простори. Се работи за сведок во Хаг. Тој проект веќе доби две меѓународни награди за развој на сценарио и сè уште ја бара матичната земја, бидејќи темите што ги обработувам, имаат мултиетничка димензија. На пример, главното дејствие не се случува во Македонија, туку во Хрватска. Но се надевам дека главниот продуцент ќе биде од Швајцарија, секако, со можност за кофинансирање од страна на македонскиот Филмски фонд. И да, филмот би го снимал исклучиво на англиски јазик, токму заради тоа публиката својот фокус да го задржи на приказната, а не на тоа каде таа се случува и од каде се личностите.

– Дали „Сведок“ е заокружување на таа неформална трилогија што претходно го напоменавте?

М.П. Да, токму така, и потоа би сакал да го снимам „Пиреј“.

Во текот на магазинот, за да не бидеме здодевни, иако се работи за одлично интервју, направивме мала пауза со осврт кон актуелниот филм на Митко Панов. Инаку, режисерот кон крајот на минатата, 2014 година, го заврши снимањето на филмот „Сведок“ што го спомена во интервјуто, чија премиера ја очекуваме во следната, 2016 година. Снимањето траеше од 1 октомври до 16 ноември во Хрватска, Македонија (Трескавец, Маврово, Галичник, Маџари…) и Ирска. Главната ролја во него ја толкува легендарниот Вендерсов ангел Бруно Ганц, заедно со Падрек Дилејни, Гери Вилан, Рефет Абази, Наташа Петровиќ… Но, за овој филм можеби во некоја следна книга. Следи краткиот осврт кон „Војната заврши“. 

По неколкугодишно пред и постпродукциско филмско патешествие, дебитантскиот долгометражен филм „Војната заврши“ на македонскиот режисер Митко Панов деновиве имаме можност да го видиме и на домашниот кинорепертоар. Дејствието на филмот паралелно се случува во годините пред конфликтот на Косово, во 1998 и 1999 година, и десет години подоцна, во Швајцарија, а во фокусот е едно албанско семејство од Јужна Србија, кое живее идиличен живот во едно планинско село.

Училишниот наставник Расим е главниот носител на приказната. Тој е идеалист и верува во добриот живот со соседите. Доаѓањето на успешниот брат од Швајцарија со неговото семејство е одличен мотив за започнување на внатрешната драма кај него, бидејќи тој не сака да ги отфрли традиционалните вредности во кои таткото е глава на семејството. Згора на тоа, на повидок е крвава војна, па почнува да се наметнува дилемата дали да се остане или да се замине.

Квалитетот на филмот на Панов лежи во истражувањето на темата на различностите помеѓу западниот начин на живот и балканската семејна традиција, кој преку сложената констелација на односи отвора многу клучни и суштински прашања за албанската заедница, и не само за неа, сакајќи да го натера гледачот (или директно засегнатиот) да истражува дали домот е онаму каде што си среќен, чија војна е таа што ни се случува на прагот, дали политичарите конечно ќе почнат реално да го подобруваат животот на своите сограѓани…

(Интервјуто е емитувано во „ФИЛМОПОЛИС“ 320, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *