Дебито на Бјорк

Деновиве на домашната адреса конечно пристигна албумот „Debut“ на Бјорк, кој сакав и морав да го имам во мојата ЛП колекција, затоа што на прсти се бројат возбудливите соло артистки кои во деценииве наназад останаа доследни на својот израз и продолжија да блескаат како и на своите почетоци. А токму почетокот на исландската музичарка од 1993 година е еден од оние проблесоци со кои малку музичар(к)и можат да се пофалат. „Деби“ е фантастичен албум во секоја смисла кој не го згази времето, и кој звучо свежо и полетно и денес. Но, доколку ја погледнеме музичката приказна на Бјорк, овој албум е еден од неколкуте нејзини „дебија“ во кариерата. Затоа и насловот на текстот е „Дебито на Бјорк“, како општа одредница на секогаш новите и возбудливи почетоци во нејзината богата музичка кариера која трае веќе 40-тина години.

„Девојката со џемперчето“ откако памети за себе, таа пее. Во основно училиште посетувала часови по пијано, пеела во училишниот хор, а нејзината снимка на една попиларна песна била емитувана на националното радио. Една издавачка куќа веднаш и’ понудила договор за снимање на албум, и Бјорк, всушност, уште од 11-годишна возраст влегува во професионалните музички води. Тогаш излегува и незјиното деби-деби, албумот со преработки на популарни поп теми, кој станува инстант хит на Исланд.

Со панк и њу вејв револуцијата, тинејџерските години на Бјорк поминуваат во експерименти токму со овој звук. Нејзините деби бендови Exodus и Tappi Tikarrass се токму тоа, експеримент без носач на звук. Дури следниот готик-пост-панк бенд KUKL ќе успее да издаде два албума кои ќе поминат речиси незабележано. Промените доаѓаат по оформувањето на култниот Sugarcubes, како прв исландски бенд чија популарност ќе излезе и надвор од границите на сопствената земја. Првиот албум „Life’e too good“ ќе помине одлично и во Британија и во Америка. Следи уште еден албум, помалку успешен, и заминување на Бјорк во соло води.

По преселувањето во Лондон кон крајот на 80-те, Бјорк ја впива британската сцена која нуди многу новитети. Таа е во центарот на случувањата и ја интересираат новите музички изрази, и сето тоа успева да го инкорпорира на нејзиниот прв албум како соло артистка, издаден во јули 1993 година за One Little Indian и Electra entertainment. Како продуцент се потпишува Нили Хупер, кој совршено ги микса темите во електро-поп фазон, со примеси на хаус, џез и трип-хоп.

Влезот со „Human behaviour“ е антологиски. Тоа е воедно и првиот сингл надополнет со прекрасен видео-запис режиран од Мајкл Гондри. Текстот на песната Бјорк го напишала уште како тинејџерка, а мелодијата ја развиле во Шугаркјубс, и дури и пар пати ја изведувале на нивните концерти.

Освен воведната тема, од деби албумот на Бјорк беа реализирани уште три синглови, кој од кој подобар: „Venus as a boy“, „Big time sensuality“ и „Violently happy“. Сите нудат различен музички израз, еклектично комбинирајќи различни стилови, но во ниту еден момент не доведувајќи го во сомнеж музичкиот идентитет на Бјорк. Сепак, вистинските бисери се оние, „неофицијалните“, како „Come to me“, „Anchor song“, и мојот фаворит, темата „One day“.

Затоа, среќен сум што деновиве повторно го слушам овој антологиски албум, еден од најдобрите дебитантски во современата музичка историја. Овој пат на грамофон, а на на касета, која е излижана од слушање во 90-те. Препораката е да се пушти доволно гласно и да се ужива, затоа што и по речиси 30 години од неговото излегување, албумот се’ уште е релевантен и влијателен.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *