Книжарница „Мимоза“ во Херцег нови

Од март 1993 година во прекрасниот Херцег нови се наоѓа најмалата книжарница во Европа, а можеби и во светот. Сместена само во 3.80м2, книжарницата „Мимоза“ нуди богат избор од квалитетна литература. Интересно, просторот е тесен, но истражувајќи по насловите на полиците, добивате чувство на големина, како да гледате кон морскиот хоризонт недалеку оттука.

Кога се качувате по скалилата на основачот, кралот Твртко, кон горниот плоштад на Стариот град, од левата страна ве пречекува газда Томислав Меденица (кој се надевам дека се’ уште е жив и здрав, бидејќи фотката е од 2008 година), кој ќе ви раскаже за историјата на градот, за жолтата мимоза како негов заштитен знак, и секако, за неговиот симпатичен дуќан преполн со книжевни богатства. Всушност, сето она што гo приредил и во симпатичната книгичка во негово издание.

Доколку сте во можност, посетете го Херцег нови, особено во летниот период, нема да зажалите. Посетете ја куќата-музеј на Иво Андриќ, летниковецот во кој често престојувал и пишувал. Можеби ќе го фатите Филмскиот фестивал со неколкудецениска традиција, или Фестивалот на забавни мелодии, ултрапопуларен на Балканот, или пак, едноставно, ќе уживате во џез музиката во клубот на Антоније Пушиќ. Да, да, ова е родниот град на Рамбо Амадеус, кој можеби ќе ве провози и на неговиот едреник, којзнае 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *