По долгогодишно учење на филмскиот занает во Холандија, минатото лето режисерката Анета Лешниковска ги окупираше улиците на Скопје, снимајќи го својот прв долгометражен филм со интересен наслов, всушност, прашање: Боли ли? Па да, боли кога се снима дебито, бидејќи од него зависи развојот на целата понатамошна кариера, а според она што можеме да го видиме на големото платно во киното “Фросина”, авторката е на добар пат кон остварување на својата цел.
Ентузијазмот е клучниот момент во целиот проект. Откако го потпиша ‘заветот за девственост’ во Копенхаген, обврзувајќи се дека доследно ќе ги почитува начелата на Догма манифестот, Лешниковска собира група на пријатели-актери-натуршчици, на некој начин, интересен микс на скопската шминка и скопското подземје, и со многу мал буџет, тргнува во неизвесна авантура – потрага по приказна за понатамошна филмска разработка. Таа (приказната) како несигурно да се провлекува низ целата структура на филмот, преку различните наметнати, но недоработени теми: дали да се замине или да се остане, причините за судирот меѓу Албанците и Македонците, порнографија, дрога, педофилија, лажни политички херои…
Бидејќи поднасловот на филмот кажува дека ова е реалност базирана врз фикција, а краткиот опис вели дека се работи за филм ‘од младите и за младите во Македонија’, веројатно и самата авторка, како и нејзиниот лик, режисерката, во филмот, на моменти ја губат основната појдовна идеја, но, првиот филм секогаш е поле за испитување на можностите на едно целовечерно остварување, при што се акумулира драгоцено искуство, кое со сигурност ќе експлодира во вистински момент во филмовите што следат.
Филмот, занаетски, е добро изработен. Режисерката го контролира процесот кој се случува пред нејзиниот објектив, и покрај тоа што во многу случаи се работи за импровизирана актерска игра, за потоа на монтажниот стол сето тоа да го скроти Игор Андреевски. На филмот му забележуваат дека е премногу локален, иако тоа може да биде и негов квалитет, но, дефинитивно, сите се сложуваат околу една очигледна работа: Скопје, конечно, доби нов шмек на големото платно, шмек на вистинска метропола, за што највеќе е заслужен директорот на фотографија Ленерт Хилеге. Повеќето актери, пак, кои немаат големо филмско искуство зад себе, догма концептот и тоа како им одговара, бидејќи имаат можност да се соочат со петте минути во кои јас-не-сум-јас, а-сепак-сум-јас, и сето тоа пред сведокот-објектив, за кој не се знае кога е вклучен, а кога не.
Првата македонска и балканска догма, “Боли ли?”, со своето појавување и понатамошно опстојување низ кино салите и филмските фестивали, потврдува дека филмовите кои се правени со големо срце, секогаш знаеле да го привлечат вниманието на публиката. На крајот на краиштата, “Боли ли?” е доказ дека македонската филмска сцена содржи квалитет, и пред се, разновидност, што само може да радува.
(Текстот е објавен во неделникот „Глобус“)