Ѕвезда

Годинава славам дводецениски роденден од излегувањето на мојата прва официјална прозна објава, збирката „Кротки приказни“. Во меѓувреме, дваесетината раскази поместени во неа се најдоа во реизданието кое во насловот содржи по нешто од сите трите книги што ги нуди: „Кротко-крајаптни синтези“. По тој повод, денес „честам“ еден расказ поврзан со музичар, кој се надевам дека ќе го препознаете 😉

8.

Во многу непријатен период од годината, средината на јуни, кога сонцето вистински почнува да пече, а народот почнува да диши на жабри, во најтоплата сала во градот гостуваше една од најкомплетните личности во модерната музичката историја, човек чија кариера има постојан напредок уште од крајот на 70-те години па наваму. Цената на картата за концертот беше навистина висока, но, „once in a lifetime“, нели.

Салата, очекувано, беше исполнета до последното место. Никому не му сметаше неподносливата топлина внатре, и сите се обидуваа да ја анулираат телесната температура со по некоја лименка пиво.

Концертот почна. Виталниот музичар, иако веќе во години, одлично се однесуваше на сцената. Камелеон-ски. На почетокот сакаше да го испита пулсот на пу-бликата, и почна со неколку теми од неговите соло про-екти. Атмосферата се загреа. Го извади првиот џокер од ракавот. Стара, добро позната тема, од неговите први албуми, кога беше лидер на познатиот new wave бенд, кој има многу почитувачи во градов. Дел од публиката стана од своите места и почна да игра. Позитивни ви-брации и насмевки насекаде. Музичарот возвраќа со препознатливи движења на сцената. Бендот составен од црномурест басист, тапанар, перкусионист и гудачки секстет, одлично се вклопи во целата приказна, не до-зволувајќи да биде под влијание на аурата на големата ѕвезда. Делуваа фантастично компактно. Уште еден џокер. И уште еден. Дојде време за повторно опуштање, пред финалниот удар. Стратегија што зрачи со зрелост
добиена од илјадниците свирки наназад.

Преминот го искористив да излезам во холот и да испушам една цигара. Застанав до една група луѓе кои исто така излегле да ги оладат главите од жешката атмосфера во салата. Во позадина одеше смирена верзија на последниот хит на музичарот, со видоизменет аранжман за оваа прилика. Темата ми послужи како фон врз приказната на една девојка од групата до мене, која со многу енергија и вчудоневиденост раскажуваше што ѝ се случило вчера.

„Додека бев на утринската смена во хотелот во кој претстојуваше музичарот, дојде еден од организаторите на концертот и ми даде клучеви од еден рентан автомобил, кој требаше да им послужи на музичарот и останатите членови од бендот доколку сакаат да се прошетаат некаде, да видат дел од градот. Моја обврска беше да им ги дадам клучевите од возилото и да им кажам неколку кратки информации што би можеле да посетат, притоа да добијат убави впечатоци и пријатно да се чувствуваат. Додека останатите музичари од бендот решија претпладнето да го поминат во кафулето во лобито од хотелот, легендарниот музичар дојде на рецепција и ме праша каде може да изнајми велосипед. Јас му ја објаснив приказната дека има на располагање автомобил со кој може да се провози низ градот, но тој упорно инсистираше да изнајми велосипед. Јас му објаснив дека нашиот град не е Амстердам, но тој и понатаму беше доследен во својата замисла. Се јавив на еден од менаџерите на хотелот, и за петнаесет минути музичарот веќе се одвозе со велосипед кон паркот“.

Се возам низ градскиот парк со велосипед и застанувам на една од чешмичките за да ја угасам жедта. Недалеку од мене застанува друг велосипедист, чекајќи на ред. Ја подигнувам главата. Некако ми изгледа познат.
„Hello“, ме поздравува.
„Hi“, му возвраќам.
Се тргнав за да може и тој да ја угаси жедта.
„Lovely day“, продолжуваме да комуницираме.
„Yeah, but to hot“, констатирав со мојот Тарзан-инглиш.
Продолживме во ист правец. И двајцата се одлучивме да возиме по патеката која целосно беше под сенка. Кога дојдовме до крстопатот, тој сврте лево, а јас десно.
„See ya“, ме отпоздрави.
„See ya. Tomorrow“, додадов.
Се насмевнавме.

Веќе сите беа на нозе. Прв бис. Втор бис. Нашата публика е создадена за ракоплескање. Незаситна е. Музичарот ја сфати финтата и веќе не излезе на сцената. Последните негови зборови беа: „Thanx. See ya“.

Ѕвезда