По две ипол декади, фантастичниот швајцарски индустријал рок бенд „The Young Gods“ повторно гостува во нашиот град, во рамките на европската турнеја „Appear disappear“ која солидно ја затераа уште од минатата година, по излегувањето на актуелниот истоимен албум на 27 март. За таа цел, батко Игор навреме го нарача ЛП-то од нивниот сајт, и со пресметаното заглавување во нашата пошта од минимум два месеци, некаде по новогодишните празници константно уживам во новиот материјал, подготвувајќи се за настапот во живо. Билетот веќе одамна е купен, а концертот ете го, се приближува, во сабота, во 21 часот, во МКЦ. Благодарност „Password production“! Can’t wait!!!

Се сеќавате ли на легендарниот фестивал во 1996 година по повод роденденот на „Стотројка“, кога на Скопското лизгалиште настапија словенечката „Боргезија“, грчкиот „Аватон“, нашите „Киборг“ и Нора, а како хедлајнери – фантастичните „Јанг гадс“. Тие беа актуелни со прекрасниот албум „Only heaven“, кој на некој начин претставуваше звучно обележје на целите 90-ти години на сто-и-третата фреквенција. Остана сеќавањето на тоа скопско лето во кое градот звучеше модерно и интерпланетарно со музиката на Франц и неговата индустријал банда, затоа што ние сме (бевме) генерации кои „го бакнуваа(т) сонцето“. Неколку години подоцна швајцарскиот бенд повторно настапи во Скопје во рамките на „Таксират“, настап кој во какофонијата со бендови од различна жанровска провиниенција, не остана баш во сеќавањата.

И, што се промени во овие три децении? Оставревме и ние и момците од бендот 🙂 но, љубовта кон нивната музика остана. И тие, како и ние, во овие долги три децении поминавме низ разни животни транзиции, за еве, како стари „љубовници“, повторно да се сретнеме на сцената и да размениме енергија. А таа богами ја има, затоа што новиот албум „Appear disappear“ во многу нешта наликува на најдобрите денови на бендот, а тоа дефинитивно се инспиративните 90-ти години на минатиот век, кога по паѓањето на Берлинскиот ѕид мапата на светот се прекројуваше, а на тој процес му требаше нов звук, нов саундтрак што ќе ја одбележи промената.

Музиката на „The Young Gods“ дефинитивно е една од оние кои го трасираа патот на новото време, кое очигледно го забрзува својот ритам, и само по три декади повторно се наоѓаме на крстопат, вклучувајќи го и прекројувањето на човековите судбини. Бендот сето тоа мудро го спакува во многузначниот слоган: „се појавува – исчезнува“. Или, кажано во балкански сленг: „сад га видиш – сад га не видиш“. Познато, нели!?

Долго време оригиналниот компакт диск од антологискиот албум „Only heaven“ беше дел од домашната фонотека, додека не решив комплетно да се префрлам само на звукот на плочите. Во ЛП колекцијата имам три плочи од „The Young Gods“, која од која подрага. Прв во раце ми падна нивниот втор албум со француски наслов „L’eau rouge“, илити „Црвена вода“, кој најчесто се наоѓа во оние генерални листи „Најдобри 1001 албум што морате да ги слушнете во текот на животот“. Сировата енергија од ова остварување доби своја совршена суптилна варијанта во споменатиот „Only heaven“, кој и после триесет години знам да го рокнам до даска, затоа што нема лоша песна.


Во меѓувреме следев што објавуваше бендот, но сето тоа ми звучеше преинтровертно и предалечно. За конечно нештата да созреат, коцките да се наредат, и во 2019 година да го издадат прекрасниот албум „Data mirage tangram“, кој е легитимен наследник на нивната потрага по совршениот звук уште од 90-те. Тој албум ме натера да ја дувнам прашината од старите плочи и да продолжам да ја следам нивната работа.

По три години, нова експлозија!!! Швајцарското трио во 2022 година ни го подари прекрасниот албум „The Young Gods plays Terry Riley in C“. Бендот и во минатото имаше излети во работата на нивните омилени композитори, па така на почетокот од 90-те ни ја подарија колекцијата песни на која на свој начин го „читаат“ наследството на авангардниот композитор Курт Вејл. Но во случајот со посветата на Тери Рајли, тие одат чекор понатаму, бидејќи се работи за плодна средба меѓу два споменика кои помогнаа во обликувањето на најсовремената музика во последниве неколку децении.

Тери Рајли, роден во 1935 година, е камен-темелникот на кој се потпирале значителен број уметници за да го ослободат својот однос кон процесот и методите на создавање музика. На ист начин, „Младите Богови“ од втората половина на 80-тите години го револуционизираа својот однос со рок-музиката, претворајќи го звукот на гитарите во семплери. Дијалогот меѓу овие пионери на музиката создаде еден особено прекрасен албум, сето тоа забележано во документарниот филм кој совршено го доловува моментот на трансформацијата на звукот во текот на процесот на музицирање, нешто слично како во џезот. Изгледајте го филмот – подоцна ќе ми заблагодарите за искуството што притоа ќе го доживеете 😉
И конечно, новиот албум „Appear disappear“. Веќе споменав дека вајбот ме потсетува на антологискиот „Only heaven“, a кога такво совршено дело претставува референца која треба да се надгради, тогаш успехот е загарантиран. Вообичаено во моите текстови сакам да се осврнам засебно кон секоја песна, но во случајов сметам дека нема потреба за тоа, затоа што го имаме на дланка самото извориште за таа цел. Имено, композиторот и текстописец, фронтменот Франц Трајхлер тоа го направил на официјалната страница на бендот, па повелете линк на кој можете да го преслушате албумот и да прочитате што стои зад секоја трака засебно, на тој начин подготвувајќи се за саботниот концерт 😉
Во рамките на европската турнеја, бендот вечерва е на гости во Будимпешта, утревечер настапува во Виена, во сабота ние сме му домаќини, а два дена после – Белград. Потоа повторно бегаат нагоре. Се надевам дека ќе ги инфицираме со добра енергија и дека Франц ќе отпее некоја песна и на француски јазик, затоа што францускиот на ниту едно друго место не звучи посекси како во песните на „Тhe Young Gods“. И се разбира, посакуваме специјално за сите нас, повторно да ја изведат „Kissing the sun“, затоа што ние сме земја на сонцето, имаме 300 сончеви денови во годината, сето тоа видливо и на нашето знаме.
Но настрана „патриотските“ чувства. В сабота имаме шанса за момент да излеземе надвор од својата кожа, станувајќи дел од суперсоничното музичко тело на „младите богови“ кое ќе се тркала низ европските сцени заклучно до последниот ден од пролетта. Потоа летото носи нови, фестивалски вибрации 😉

Post festum:
Моќен перформанс на “The Young Gods” синоќа во МКЦ!
И не, нема да ја изведеме “Kissing the sun”, не е ова балканска крчма за да исполнуваме нечии желби. Веќе сме доволно зрели и мудри за да уживаме во нашата уметност. Сте платиле билет за шоуто – take it or leave it , зрачеше потсвесно Франц.
Таман, брат. До следниот пат ![]()










Бонус трака: долго посакуваното ЛП конечно дел од домашната фонотека. Радости!!!

