Моќна, но кршлива девица-кралица

Во 1998 година режисерот Шекар Капур го сними епот „Елизабета“, кој на главната актерка Кејт Бланшет и’ ја донесе првата номинација за Оскар. Станува збор за приказна за истоимената легендарна кралица од 16 век, која Британците ја паметат како жена која успеала кралството да го однесе чекор понатаму. Токму златниот период од нејзиното владеење е темата на неофицијалното продолжение на оваа историска сага, во која сценаристите Мајкл Хирст и Вилијам Николсон успеале супериорно да го измиксаат сексот и војната, сето тоа завиткано во прекрасни дворски костими.

Во „Елизабета- Златната доба“, кралицата сака да се забавува. Исто така, таа сака да го одбрани британското кралство од шпанската армада, но и од шпионските интриги кои понекогаш доаѓаат и од најдоверливите луѓе (Џефри Раш повторно го игра сер Френсис Валсингем). Но кога ќе се појави романтичниот гусар Волтер Рали (Клајв Оувен), работите си доаѓаат на свое место, бидејќи кралицата ќе биде задолол(е)на на сите нивоа. Мажествениот Рали ги покорува воинствените Шпанци, но, поважно од се’, ќе ја натера кралицата да се почувствува како жена. Иако народот ја нарекува фригидна девица, барајќи од неа да роди легитимен наследник, таа длабоко во себе ги открива страста и желбата за љубов, но сепак, одлучува да ја оствари волјата на Бога, доследно посветувајќи и’ се на својата животна мисија – Кралица на Британија!

Токму затоа, новото остварување на Капур е истовремено и политички трилер страсна романса, екранизација на еден интересен период од островската историја во кој доминираат религијата (почеток на судирот меѓу католицизмот и протестантизмот), можта, мажественоста и женственоста. Филмот е преполн со поттекстови кои уште повеќе го збогатуваат внатрешниот момент кај различните карактери. Секако, главен носител на дејствието е супериорната Кејт Бланшет, чиј лик, кој е поголем од животот, таа го доловува со постојана трансформација од бескомпромисна владетелка до кршлива девица-кралица, перформанс кој никого не остава рамнодушен. Улога за одбележување е и ролјата на Саманта Мортон како Мери, кралицата на Шкотска, која смета дека тронот и’ е даден од Бога, нешто што на крајот ќе ја чини и глава.

Се’ на се’, филмот на Капур е интересен и во него со сигурност ќе уживате, бидејќи, меѓу другото, содржи и прекрасна фотографија во која кинематограферот Реми Адефарасин инсистира на горниот ракурс како божествен поглед врз минливите нешта на Земјата и борбата за владеачкиот трон.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 22 јануари 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *