Филмски плакати

Посетата на возбудливиот „Национален музеј на филмот“ во Торино ја заокружуваме со последниот напис од трилогијата, посветен на филмските плакати, и тоа на роденденот на филмската уметност, на 28 декември. Се сеќаваме, на овој датум во 1895 година се случи првата официјална проекција во „Гранд кафе“ во Париз на филмовите на браќата Лимиер, по што светот дефинитивно не остана ист.

Речиси цел еден кат во музејот е резервиран за постерите кои ги најавувале легендарните остварувања, за потоа, како и самите филмови, засекогаш да останат во сеќавањата на филмофилите. Отпечатени на големи формати за да можат посетителите да уживаат во секој нивен детал, навистина беше задоволство да се погледне трудот на дизајнерите, секој со свој автентичен печат во времето во кое живеел и творел. Ја започнуваме прошетката низ филмската историја со помош на филмските плакати, најпрво со единствениот Шарло акробатот, а веднаш по него и незаборавното „камено лице“ на Бастер Китон. Уживајте 😉

„Плакатот е оглас напишан или втиснат на лист хартија и обесен или залепен на јавно место. Форматот на плакатот најчесто е таков што овозможува употреба на букви доволно големи за да можат да се прочитаат од прилична далечина. Освен текстот, плакатот речиси редовно содржи и ликовни елементи, концепирани и изведени така што да го привлечат вниманието на оние на кои им се обраќа, а со визуелната компонента не само да ја помогнат и дополнат перцепцијата на содржината, туку и директно или асоцијативно да дејствуваат врз сензибилитетот на приемачот на пораката. Поради сите наведени специфики, плакатот е делотворен медиум за јавно информирање“, вели тетка Википедија.

Филмските плакати во Моле „Антонелијана“ на одредени места беа тематски подредени, но заради подобра прегледност, во овој текст ќе се обидам да им дадам контекст и приказна. Започнавме со великаните од првата фаза на филмската историја, а продолжуваме во сличен стил, со класиците на седмата уметност. Следат плакатите за филмовите на великаните на филмот од првите декади на 20 век, како Сесил Б. де Мил и Ернст Лубич, но и ценетиот Жан Виго и легендарниот Фриц Ланг.

Кога станува збор за класици на филмот, на врвот секогаш (ќе) фигурира ненадминатиот мајстор на суспензот Алфред Хичкок, застапен со плакатите за филмовите „Опседнатата“ и „Прозорец кон дворот“. Веднаш по нив и оние за „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс и незаборавниот „Казабланка“ на Мајл Кертиз. Се разбира, повеќето од насловите на филмовите се на италијански јазик, затоа што се работи за национален музеј во Торино чија филмска архива е навистина богата и заслужува целосно внимание.

Овој прв дел со филмски плакати посветен на класиците полека финишира со прекрасните постери за вестерн филмовите на Џон Форд, за мјузиклите на Џин Кели, со големиот љубовник на големото платно Рудолф Валентино и неговиот помлад колега Џејмс Дин, и уште неколку други бисери од средината на минатиот век.

И сосема на крајот од овој блок, францускиот класик Луис Буњуел и плакатите со сличен сензибилитет за двата негови ангажирани филмови, „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972) и „Фантом на слободата“ (1974). Многузначно!

А кога веќе зборуваме за класици, како може да ги заборавиме рускиот и шведскиот генијалец, Андреј Тарковски и Ингмар Бергман, кои секогаш оделе рака-под-рака? Плакатите за „Носталгија“, „Седмиот печат“ и „Зимска светлост“ заслужуваат да бидат дел од еден национален филмски музеј, но пред нив, филмските постери на уште една величина, сценаристот и режисер Сергеј Ејзенштајн, чии „Потемкин“ и „Грозни“ се дел од секоја филмска екциклопедија.

Од северо-источните филмски предели се селиме во централна Европа, каде во средината од втората половина на 20 век доминираа полските и чешките режисери, односно, прашката и филмската школа во Лоѓ. Следат плакатите за пар филмови на Роман Полански и Милош Форман, но најпрво оној за антологискиот „Декалог“ на Кшиштоф Кишловски, реализиран според десетте Божји заповеди.

Лека-полека стигнавме во зоната на националните кинематографии. За да не ги навредиме домаќините на ова прекрасно музејско шоу, и’ даваме предност на италијанската кинематографија. Што се’ нема меѓу плакатите: филмови на Неореалистите од 50-те, на мајсторот на магичниот реализам Федерико Фелини, но и на современите италијански режисери како Нани Морети и Габриеле Салваторес. Сепак, започнуваме со плакат за филм од мојот омилен италијански режисер, Микеланџело Антониони.

Нека следните постери бидат мала, но возбудлива авантура за историјата на италијанската кинематографија, која на крајот завршува со славните комичари Тото и Роберто Бењини 😉

Секогаш кога се појавува некое движење во уметноста, во кое неколку имиња создаваат дела со сличен сензибилитет зад кои стојат и заеднички идеи и гледишта, тоа останува во аналите на уметничката историја. Во филмот еден од тие пресвртни моменти секако е францускиот „Нов бран“, кој и’ даде свеж здив на филмската уметност, кој потоа доведе и до славната и револуционерна „1968“, кога светот, очигледно, за последен пат го крена гласот против естаблишментот. Следат неколку плакати од филмовите на Луј Мал, Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо, Ерик Ромер…

Германската кинематографија во втората половина од минатиот век исто така беше една од водечките не само во Европа, туку и во светот. Од нејзините пазуви изнедрија имиња како Рајнер Вернер Фазбиндер, Вернер Херцог, Маргарет фон Трота… но кон Вим Вендерс имам посебна наклонетост. Човекот кој „американскиот сон“ од европска перспектива го наслика подобро и од самите Американци, во музејот е застапен со плакатот за филмот „Американскиот пријател“, со Денис Хопер во главната ролја. Убава симболика!

Од европската кинематографија, време е да се тркне на далечниот Исток. Кое име е прво на листата? Па се разбира, Куросава! За жал, плакатот од „Рашомон“ не е сјајно усликан, но добар е за архива. Затоа оние за „Кагемуша“ и „Седумте самураи“, иако помали, блескаат! По нив и постерите од филмовите на Нагиса Ошима, Кенџи Мизогучи, но и на нивниот кинески колега Жанг Јиму.

Конечно, Холивуд, и тоа оној Холивуд кој на неколку квалитативни нивоа повисоко го крена т.н. „филмска братија“ на чело со Скорсезе, Копола, Спилберг, де Палма… Серијата плакати за легендарните остварувања од 70-те и 80-те години на овие филмски великани започнува со омилениот филм „Таксист“. You talkin to me!?

Не дека претходните филмови не се култни, но плакатите на овие што следат сметав дека треба да се стават во посебен фолдер. Серијалот кој содржи плакати за дела од различни светски кинематографии, започнува со мојот омилен научно-фантастичен филм „Блејдранер“ на Ридли Скот, се’ уште ненадминат во жанрот, како и „Палп фикшн“ на Квентин Тарантино, последниот кој го преврте светот наопаку со своите иновативни решенија и свеж филмски пристап на раскажување на неколку испреплетени урбани приказни.

Пред самиот крај од оваа музејска „плакат-прошетка“, дојдовме до „рендом“ блокот со неколку плакати за филмови кои исто така оставија печат во филмската историја. Интересно, првиот од нив е од единствениот филм од балканските простори изложен во музејот, „Црна мачка, бел мачор“ на Емир Кустурица. Чинам дека тоа е единствената забелешка што можам да им ја дадам на Италијаните.

И конечно, на самиот крај од оваа трилогија посветена на „Националниот музеј на филмот“, кој имав можност да го посетам за време на 43-иот Филмски фестивал во Торино, посвета на жената без чија макотрпна работа со децении овој музеј немаше да постои. На излезот, сосема скромно, речиси незабележително за поголемиот дел од посетителите, поставен е плакат на Марија Адријана Проло (1908-1991), основачката на „Националниот музеј на филмот“, чија желба тој да биде сместен во велелепната кула „Антонелијана“ се оствари дури по нејзиното заминување од овој свет. Слава и’.

Се разбира, како заклучок, овој текст нека биде инспирација и за некоја од нашите институции за организирање на една ваква изложба со плакати од македонските филмови. Поканата да ја курирам изложбата ќе ја прифатам со драго срце 😉