Американските филмски критичари го нападнаа „Variety“

Изјава од Националното друштво на филмски критичари во врска со извинувањето на „Варајети“ за рецензијата за филмот „Promising Young Woman“

Ние, членовите на Националното друштво на филмски критичари, сакаме да го потенцираме нашиот протест за излитениот третман на „Варајети“ кон нашиот колега Денис Харви.

На 26 јануари 2020 година, весникот го објави освртот на Харви за филмот „Ветувачка млада жена“ по прикажувањето на филмскиот фестивал „Санденс“. (Целосно разоткривање: освртот е уредуван од Питер Дебруж, главен филмски критичар на „Варајети“ и член на НСФЦ). Додека го фали филмот, Харви напиша дека Кери Малиган е „добра актерка, иако изгледа како необичен избор“ за протагонистка во филмот „со многуслојна фам-фатал визура“, забележувајќи ги аспектите на костимирањето, фризурата и вокалните предиспозиции на ликот кој треба да го игра. Тој продолжи да го фали перформансот на Малиган како „вешт, забавен и предизвикувачки, дури и кога ексцентричниот метод ја прикрива прецизната порака“.

На 24 декември 2020 година, речиси една година подоцна и во густата сезона на награди, Малиган ги кажа своите забелешки за рецензијата на Харви во „Њујорк Тајмс“: „Се чувствуваше како да сака да каже дека не сум доволно жешка за да ја одиграм ролјата“.

Мaлиган, како и секоја уметница, има право да одговори на критиките за нејзината работа, исто како што и ние, во рамките на нашите права, можеме да тврдиме дека ништо во рецензијата на Харви, која се фокусира на стилизираната презентација на актерот, а не на нејзината привлечност, не го поддржува нејзиното тврдење. Но, разликите во ставовите при оценувањето на филм или актерска изведба воопшто не се спорни. Она што нè засега е одлуката на „Варајети“ да стави забелешка од уредникот на врвот на написот: „Варајети искрено и’ се извинува на Кери Малиган и жали за нечувствителниот јазик и инсинуацијата во нашата рецензија за филмот „Ветувачка млада жена“, која ги минимизираше нејзините смели перформанси“.

Ако весникот сметаше дека јазикот во освртот на Харви е нечувствителен и инсинуирачки, имале можност да соработуваат со него за тоа да се реши при процесот на уредување, пред текстот да биде објавен. Исто така, постојат начини на кои „Варајети“ можеше да ги признае и да одговори на критиките на Малиган, наместо едноставно да капитулира пред неа и со тоа да го поткопа сопствениот критичар во процесот. Наметнувањето на пресуда за субјективна вредност („нејзиниот смел перформанс“) како рамна уредничка перспектива, небаре станува збор за неоспорен факт отколку за мислење, е особено несоодветно. Затоа веруваме дека белешката на уредникот треба да се отстрани.

Како и секое новинарство, и филмската критика честопати не ги задоволува оние за кои се пишува. И, како и секој новинар, и филмските критичари мора да ја имаат поддршката на медиумите во кои работат, особено кога тоа незадоволство доаѓа од луѓе далеку помоќни од било кој новинар, и особено кога тој медиум тврди дека известува за индустријата во која живеат моќните луѓе. Ужасно е што, во овој случај, „Варајети“ избра да застане на страната на таа моќ, наместо да го поддржи својот критичар.

Објавено од Националното друштво на филмски критичари (американски партнер и член на FIPRESCI).

Еве го и линкот од оригиналниот напис, сега на потег е „Варајети“ во оваа отворена мини-војна за одбрана на честа на Денис Харви, но и воопшто, на работата на филмските критичари ширум светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *