Кон „Минари“ на Ли Ајзак Чунг

Минатата оскаровска година јужнокорејската кинематографија со „Паразит“ сруши многу рекорди, поставувајќи неколку куриозитети со добивањето на позлатените статуетки во четири категории, со што ги сруши и надежите на мала кинематографија како нашата, која во „Медена земја“ имаше достоен претставник во две категории, како директен конкурент на филмот на Бонг Јоон Хо. Ние чекавме дури четврт век за повторна номинација, а јужнокорејската кинематографија веќе почна да фаќа корени на американско тло, бидејќи „Минари“ веќе има номинација за „Златен Глобус“ во категоријата „Неанглиско говорно подрачје“, а предвидувањата велат дека нивниот годинашен претставник „The Man Standing next“ на Ву Мин-хо ќе биде селектиран во најтесниот оскаровски круг. Токму во насловот на филмот лежи таа метафора за пуштањето корени, бидејќи Минари е јужнокорејско растение кое на влажна и плодна почва многу бргу се распостранува во околината, и потоа неговото конзумирање предизвикува благодет за луѓето. Иако личи на нашиот пиреј, оној кој Петре М. Андреевски маестрално го опиша во неговиот роман како нешто што тешко се искоренува, сепак овој на јужнокорејските автори им носи бериќет, а не мака, и затоа екипата зад филмот со право се надева дека оваа, во најмала рака, чудна сезона, на крајот ќе ја крунисаат со ценетиот „Глобус“, по 59-те награди освоени на филмските фестивали во изминатата година, почнувајќи од Санденс 2020.

Краткиот синопсис за филмот на imdb.com содржи само една реченица, која гласи: „Корејско семејство се доселува на фарма во Арканзас во 1980-те“. Неверојатната источна рационалност е сосема доволна да се запрашате: „А што се случува понатаму?“ и без предрасуди да се впуштите во следењето на семејната драма која нема да ве разочара. Иако се работи за класично жанровско филмско остварување чие дејствие тргнува од точката А до точката Б, притоа школски следејќи го развојот на драматуршката целина со сите нејзини финеси, крајот донесува вистинско задоволство, како круна на одлично режисерски водената приказна, сесрдно помогната и од маестралниот актерски ансамбл.

Во претпоследната деценија од 20 век, САД се ветената земја за триесетина илјади Корејци годишно. Тие се обидуваат да го остварат „американскиот сон“ работејќи разни работи ширум земјата, надевајќи се на подобро утре. Четиричленото семејство на Џејкоб (Стивен Јеун) по калифорниското искуство, се сели во Арканзас на фарма која конечно станува нивен дом. „Не е она што го вети“, се првите зборови на неговата сопруга (Јери Хан), која сепак ја прифаќа промената. По првичните потешкотии, тие сепак успеваат да создадат еден семеен микрокосмос во кој преку малите нешта во пустата околина ја пронаоѓаат среќата. „Корејците го користат умот“, му вели Џејкоб на синчето Дејвид (Алан Ким) кое има проблеми со срцето и не смее да се заморува. Тука е неговата постара сестра (Ноел Чо) за да го заштити, а набргу пристигнува и бабата (Ју-Јух Јунг) за поголема сигурност.

Во ваквата поставеност на животот кој треба да се одживее, на територија која не ви е по ќеиф (мајката), но во која гледате фармерски потенцијал (таткото) произведувајќи корејски зеленчук за потребите на својот народ во туѓина, во борбата која трае деноноќно се менуваат многу расположенија. Низ внимателно водена приказна, исполнета со маестрални епизодисти, режисерот Чунг отвора безброј теми за размислување. Тој на суптилен начин ја критикува религијата кон која дојденците имаат амбивалентен однос (додека мајката остава донација од 100 долари во црквената корпа, бабата истите ги повлекува назад); во исто време, на површина излегува антагонизмот село-град преку односот на сопружниците во кризните моменти; но секако, највеќе од се’ фасцинира медитацијата на тема „снаоѓање во туѓина“ додека кредитот веќе сте го потрошиле и сте на прагот да земете нов, а во исто време не можете да се потпрете на сонародниците за кои велите дека се измамници, особено оние во големите градови.

Политичката призма низ која режисерот провлекол одредени ставови е олицетворена во ликот на Пол, најблискиот сосед на корејските доселеници, кој секојдневно им помага на фармата. Тој е ветеран од Корејските војни од средината на минатиот век, кога веројатно и единствено ги напуштил границите на САД во својот живот. Неговата благонаклоност кон новите соседи е надополнета со неговото сфаќање на религијата, одвреме-навреме носејќи еден огромен крст по патот, како бреме со кое смета дека мора повремено да се соочи. Исто како и корејските сопружници, кои токму во моментите кога имаат добри здравствени вести за синот, тие се пред крстопат како да продолжат понатаму. Што да се избере: животни предизвици или разумни компромиси? Моралното крешендо вели дека парите раздвојуваат, а маката (пожарот) обединува. Источњачки мудро!

И еве сме на крајот и од рецензијата и од филмот, каде повторно на површината излегува неизбежното Минари, кое во меѓувреме без пречки се раширило насекаде околу нас, и како олеснителна околност за најстариот лик во филмската приказна, оној на бабата, но и како оддишка за авторот на филмот Ли Ајзак Чунг, чија биографија започнува со зборовите: „Син на корејски емигранти, по растењето на мала фарма во Арканзас, заминува на филмски студии во Јута“. Од ова станува јасно дека иако филмаџиите своите автобиографски елементи најчесто ги провлекуваат во своите први или втори остварувања, Чунг тоа го сторил дури во четвртиот филм, правејќи си посвета на својот живот како дете, онаму од кадешто тргнала неговата во моментов ѕвездена животна приказна посветена на седмата уметност. Со овој филм тој го избрал идеалниот баланс: остварувањето да ја претставува кинематографијата на неговата матична земја, но производот да биде спакуван со сензибилитетот на независните американски артхаус остварувања. Тоа го препозна и Лос Анѓелес тајмс, кој тврди: „Ова е филмот кој во моментов ни е потребен“, затоа што истиот е непретенциозен, човечки и многу топол. Дајте му шанса 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *