На што потсетува географскиот облик на европските земји?

Георги Господинов со неговиот роман „Засолниште во времето“ не’ потсетува дека можеби предолго престојуваме во минатото, и напоменува дека ако веќе сакаме (и мораме) да бидеме таму, да ја оставиме вратата подотворена, за да можеме да се вратиме во сегашноста, мудро грабејќи кон иднината. Уметникот Закабир (Zackabier), пак, одбира поинаков начин на игра со европските земји, прилагоден на неговата професија, но исто така интригантен, и најважно, зачинет со убава доза на хумор. Тргнувајќи од прашањето од насловот на текстот, тој на крајот доаѓа до интересни и забавни решенија. Секако, стартот е резервиран за „италијанската чизма“ како најпрепознатлив момент во богатството од можности. А на што Ви изгледа Македонија? Закабир има интересно решение 😉

Австрија на Закабир му заличела на голем и дебел полжав. Интересно решение, иако полжавот, вака како што изгледа, не е баш расположен за разговор.

Уметничката интерпретација на Азербејџан, пак, е навистина убава: раскошна птица в лет, со еден откинат пердув зад себе.

Обликот на малечката Андора дава многу можности за фантазија, но уметникот препознал глава од некој вид на диносаурус. Рогчињата се навистина убав детаљ.

Географската поставеност на Белгија на уметникот му наликувала на човек во молитва, со прекрстени раце, свртен горе кон небото. Навистина импресивно!

Кој би рекол дека Босна и Херцеговина наликува на вселенски брод? Закабир има навистина чудесни решенија 🙂

Обликот на соседна Бугарија навистина потсетува на мачка, тука воопшто немало дилеми. Коте, коте, мац, мац…

Голем, црвен и моќен змеј е интерпретацијата која Закабир и’ го дава на изгледот на Велика Британија.

Географскиот изглед на Германија може да личи на многу нешта, но Закабир решил малку да се пошегува, употребувајќи и цензура врз сопствената креација.

Грција не била лесен предизвик за уметникот поради многуте распрскани острови во околината. На крајот, сепак, Закабир се одлучува за изгледот на старец кој малку наликува на Мерлин. На маѓепсникот, секако, не на босанскиот пејач 😉

Ерменија има чудна издолжена географска форма, која на крај се претвора во прекрасна ајкула чија насмевка сепак не е толку опасна, туку дружељубива.

Плишано мече ли е, коала ли е? Неврмајнд! Ирска е убава за гушкање.

Мистичниот Исланд со неговиот облик уметникот го потсетиле на кактус. Со разните чуда што ги поседува овој остров сместен сред Атлантикот, уште кактуси му фалат! А можеби и ги има? Треба да се посети, под итно!!!

Со Казахстан уметникот малку си поиграл, земајќи го предвид само западниот дел од земјата, кому потоа, со изглед на традиционален човек кој му дава „лајк“ и е свртен токму кон Западот, Закабир задира малку и во политичките води.

Обликот на Летонија дефинитивно е птица, но кој вид на птица – е тоа е навистина дискутабилно. И зошто е вака лута? Па дај, не зезај, насмевни се 😉

Многумина се зезаа дека Елвис е жив и можеби сите овие децении наназад се крие некаде и си живее мирен живот. Еве го, во Литванија! 🙂

Лихтенштајн, заедно со Луксембург, Андора, Монако… се микро земјите на Европа. Можеби затоа Закабир од нејзиниот облик создава сенишна фигура. Сепак, ова е friendly ghost 😉

Еве го и Луксембург. Прекрасна визија на уметникот!

Медитеранската островска земја Малта графички е навистина инспиративна. Од една страна Закабир црта глушец во потрага по сиренце, а од другата – јато риби. Генијално!

Иако Ханибал со војниците на слонови ги преминувале Алпите, а не Монако, сепак обликот на оваа европска монденска микро држава навистина потсетува на светото древно животно.

Обликот на Унгарија е толку здепаст, што Закабир многу-многу не се инспирирал, и нацртал еден убав голем компир. Јбг! Не е далеку и претставата за нас. Стеј тјунд 😉

Големата Франција му асоцирала на уметникот на еден голем, ноќен був. Интересно графичко решение!

Географскиот облик на Хрватска е еден од најчудните во светот. Закабир, како и во случајот со В. Б. му дал обличје на змеј кој изгледа импресивно.

Симпатичната Црна гора е претворена во Стегосаурус. Не е лошо Црногорците од оваа идеја да развијат цела туристичка рекламна кампања 🙂

Обликот на Чешка нуди варијации од можности, но Закабир се одлучил за морско прасе. Зошто, не знаеме!? 🙂

И конечно, „тамо где вечно сунце сја“! Изгледот на Македонија дефинитивно потсетува на мозок, но Закабир не бил до крај убеден дека треба да креира еден голем, паметен мозок од обликот на нашата држава, и на крај се одлучил за – КАРФИОЛ! Океј, не е лошо, и онака е време за туршија и ракиичка. Дете, донеси уште една тура! 😉

На крајот, ѕирнете го оригиналното видео каде Закабир гласно си кажува како дошол до крајните креации, кои навистина се забавни, импресивни, генијални 😉

Извор: www.stylevamp.com

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *