Ах, тој филм!

(Игор Анѓелков: „Филмски град“, Или-Или, Скопје 2018)

пишува: Оливера Ќорвезироска

Отсекогаш постоеја две нешта кои суштински нѐ поврзуваа со Игор Анѓелков. Книжевноста и филмот. Во интересот за книжевноста имаме симетричен однос; во интересот за филмот – асиметричен. Јас сум само страстен љубител на филмот, Анѓелков е многу повеќе од тоа. Асиметричните односи не го придвижуваат светот напред, тие или го држат во една иста неудобна точка или го враќаат назад. Но, и покрај моето неверување во асиметрични односи, решив да учествувам во претставувањето на најновата филмска книга на Анѓелков, од проста и едноставна причина што тој е и писател и што речиси сите филмови за коишто пишува во „Филмски град“ сум ги гледала и самата. Истава книга да ја беше напишал истиов автор кој немаше да е и писател, бездруго немаше и јас да ја претставувам.

Јас го сакам текстот на Игор Анѓелков и кога е расказ, и кога е роман, интервју или филмска критика. Секогаш во него има една препознатливост, една автентичност, искреност и отвореност, што сето заедно укажува на јасен, изграден стил. Иако „Филмски град“ е една сериозна книга за филмот, сериозно структурирана и темелно обмислена, сепак, она со што сакам да „спорам“ е предговорот во неа од самиот автор. Објаснувајќи ни го принципот на својата книга, организацијата и архитектурата на материјалот, Анѓелков имплицира сопствен став дека текстовите од првата половина на книгата се понови и со тоа и подобри, наспроти текстовите од втората половина на книгата кои се стари и по десетина години и кои не се доволно изгланцани. Тоа едноставно не е точно. Текстовите се различни, одлично што актуелните рецензии на домашните филмови се поставени напред, но на крајот е базата на филмскиот интерес на авторот, без која актуелните рецензии би лебделе.

1.Две отсуства

Кога размислувам за заслугите за настанувањето на оваа книга, првенствено мислам на две сериозни отсуства за кои сум сигурна дека извршиле големо внимание. Првото е отсуството на „Филмополис“, филмската емисија на Телма која Анѓелков ја уредуваше и ја водеше 11 години и која, за жал, ТВ Телма, како и сѐ друго што беше препознатлив културен и урбан белег на телевизијата го жртвуваше за бескрајните политички дебатни емисии и скудните прилози од неколку минути за културата во вести. Да постоеше „Филмополис“, книгава можеби и немаше да излезе. Второто отсуство е неизлегувањето на списанието „Мој клуб“ на Т-Мобиле, подоцна на Телеком. Овој магазин иако беше првенствено рекламен и репрезент на програмата за лојалност на корисниците на Телеком, излегуваше 12 години со невиден тираж од 120.000 примероци и во него, речиси сите години единствен соработник за филм беше Анѓелков. Другите соработници се менуваа, освен филмскиот, зашто со филмскиот соработник можевме секоја сезона да договориме нов пристап. Анѓелков беше подготвен за каков било договор за филм. Тематски, жанровски, домашна продукција, интервјуа, играна продукција, краткометражна, документарци, рокументарци и сл. Да постоеше и „Мој клуб“, книгата можеби и немаше да излезе.

2. Излегување на занаетот од дуќанот

Голем дел од рецензиите во „Филмски град“ се постирани на Фејсбук. Ова е доста честа појава во услови кога нема дневни весници ниту списанија каде што може да се објави актуелна критика. Но, во рецензијата конкретно за филмот на Раде Шербеџија – „Ослободување на Скопје“, Игор Анѓелков вели дека ништо не е како што треба на биде, зашто да е, тој рецензијата сигурно не би ја објавил на ФБ. Овој став е вид протест, како што е вид протест и објавувањето критика и книжевност на приватните ФБ профили. Не гледам ништо страшно во тоа, впрочем, сите им правиме услуга на порталите кои потоа си преземаат што си сакаат и професионалноста станува општо добро како слика од плажа или приготвено јадење на Инстаграм, на пример. Но, суштински гледано, ваквата постапка на објавување критика или проза на сопствен приватен профил е исто како шивачка да излезе сосе својата машина од работилницата и на сред плоштад да крпи, шие, коригира што кому му треба. Излегувањето на занаетот од дуќанот е сериозен проблем за професионализмот во нашата земја. Како едноставно да го нема веќе. Секој е стручњак за сѐ, никој од нас не живее од она што вистински го знае.

3. Синџирот на вкусот

Да се вратиме на текстовите. За домашните филмови. Анѓелков ги следи ревносно и ги коментира на прва, не зихерашки, не на сигурно како што прават многумина што се замислуваат филмски критичари. Текстот за „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски е толку внимателно напишан, и толку прецизен, што претпоставувам дека е еден од оние во кои Анѓелков баш се измачил. Кога ја читав таа рецензија и непосредно по премиерата на „Бикини Мун“ во Скопје и сега во книгава, повторно имав впечаток како Анѓелков да ги држи сите зборови во рацете, а да ги пушта само тие што треба. Само како контрапункт, како доказ за различност, го наведувам текстот за „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески. Во него сѐ е толку опуштено и природно, а структурата на рецензијата е типично книжевна, со навраќања и наративни техники на повторувања. Раскажувачките постапки на Анѓелков се само применети на друг материјал, на филм не на фикција, транспонирана документаристика или што и да е тоа што го прави тој во книжевноста.

Ќе спомнам уште два текста типични за ова што сакам да го кажам. Тоа е текстот за „Јас, Даниел Блејк“ на Лоуч и текстот за „Патерсон“ на Џармуш. Во првиот првата половина е речиси дневнички запис на писателот Анѓелков во корелација со социјалната приказна на филмот; во вториот – текстот за Патерсон, можеби мој омилен текст во целава книга – се спомнуваат Асталните проекции во Менада. Таквиот книжевен пристап е она што од Анѓелков прави лесно препознатливо перо што и да пишува. Импозантен белетристички и личен влез во критика.

Наспроти сета таа одмереност и виртуозна изразна контрола и прецизност, текстот за „Нељубов“, за Звјагинцев, на пример, е лингвистички, лексички, особено значаен. Јас сум лингвист и не можам да не забележам дека кога Игор пишува за Звјагинцев, единствено тогаш ја употребува придавката феноменално, која не е примерена за негово разумно критичарско писмо. Ова не е слабост, напротив, доказ дека и филмските и книжевните критичари се само луѓе со сопствени вкусови Колку да го држиме личниот вкус на синџирот на професијата, сепак, тој, личниот вкус, е жива материја која може да го заѕвечка синџирот. Но за мене тоа е симпатично, битно е само синџирот да не се скине. Можам лесно да претпоставам дека Звјагинцев и Џармуш му се можеби омилени режисери на Анѓелков, и тоа не е страшно воопшто. Мене ми се слабост иранските филмови и одвај чекам вечерва да го видам филмот „Без датум и потпис“ на Вахид Џалилванд, на пример. И тоа не од сега, туку уште од фестивалот во Солун кога слушнав за него, кога „Исцелител“ ја доби наградата на публиката, а филмот на Џалилванд доби Сребрен Александар.

„Филмски град“ е книги за сите љубители на филмот. Преглед на најновото, но и омаж на старото, значајното, жанровското,… базата поради која рецензиите се стабилни, цврсти и приземјени и не лебдат. Најмногу го сакам текстот зa Патерсон и Тематскиот филмски град со омажот на филмовите за композиторите, писателите и писателките, сликарите. Коментарите за прекрасниот Модилјани на Енди Гарсија, на совршениот Пикасо на Ентони Хопкинс, за чудинот Климт на Џон Малковиќ, за Силвија Плат, Вирџинија Вулф… Во овој блок единствено ми фали мојот омилен биографски филм за Ингрид Јонкер – „Црни пеперутки“. Се надевам дека Игор Анѓелков во својата наредна, трета филмска книга, ќе се осврне и на него. https://www.imdb.com/title/tt0906778/?ref_=nv_sr_1

smart

Текстот е објавен во книгата „На полпат“ (критика или молк) од Оливера Ќорвезироска (Арс либрис, 2022)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *