Во средношколските денови, освен задолжителните книги чие читање повеќе предизвикуваше отпор отколку возбуда (со чест на исклучоците!), во книжевноста баравме нешто што ќе ја заскокотка нашата фантазија, што ќе не’ однесе на места на кои дотогаш не сме биле. Го откривме Чарлс Буковски со сета негова валкана чистина, но тој свет на тие години како да ни беше недофатлив. Возбудлив, но недофатлив. И тогаш во фокусот ни влета Хенри Милер. Американец, но во Париз. „Светот на сексот“ и „Мирните денови на Клиши“ беа читани и препрочитувани по сто пати, а потоа нуркавме и низ дневниците на неговата голема љубов Анаис Нин. На тој начин Хенри и Џун и Хуго и Анаис, овековечени и на филмското платно од режисерот Филип Кауфман, станаа нашите вистински еротски херои.

„Кога ќе дојде пролетта во Париз, и најскромниот жив смртник ќе почувствува дека живее во рајот“, напиша Хенри Милер во „Раковиот напоредник“. Тој живееше во Париз од 1930 до 1939 година, а „Градот на светлината“ стана позадина за неговите први големи дела, вклучувајќи ги „напоредниците“, најпрво на „ракот“, а потоа и на „јарецот“, кои се извлечени од неговите животни искуства и во Њујорк и во Париз. „Раковиот напоредник“ беше објавен во Париз во 1934 година, но се соочи со забрана во сите земји од англиското говорно подрачје.

Почетните години на Милер во Париз биле обележани со финансиски потешкотии, но неговата решеност да успее останала силна до крајот. Во тоа време ја запознал Анаис Нин, неговата финансиска поддршка и пред се’, книжевна муза, која била инспиратор на неговите книжевни определби. Тие живееле неколку години во парискиот 14-ти кварт во „Вила Сера“ (бр. 18), во населбата „Монтсури“. Овој период е многу продуктивен за Милер, кој развил значајна мрежа на писатели и уметници кои наминувале и твореле во неговата вила. Конкретно, американскиот писател во тоа време бил под влијание на француските надреалисти и на Џорџ Орвел, чии дела стекнувале се’ поголема популарност.

Милер, и покрај тешкотиите, го обожувал својот живот во Париз. Во една прилика изјавил: „Немам пари, немам ресурси, немам надежи. Јас сум најсреќниот човек на светот“. Тој подоцна изјавувал дека неговите најсреќни моменти во животот ги поминал токму во париската вила. Меѓутоа, со почетокот на Втората светска војна во 1939 година, Милер заминал од француската престолнина и се вратил во Америка, наоѓајќи го својот мир во Калифорнија.
За безгрижниот париски живот полн со еротика, потоа преточена во книжевните дела, позната е Милеровата изјава која гласи: „Да молчиш цел ден, да не читаш весник, да не слушаш радио, да не слушаш озборувања, да бидеш темелно и целосно мрзлив, темелно и целосно рамнодушен кон судбината на светот, е најдобриот лек што човек може да си го даде себеси“.

Оваа лежерност во пристапот кон животот ја надополнува Анаис Нин во нејзините дневници водени од 1931 до 1934 годинa. Еве еден извадок од нив:
„Живеете во засолниште, во деликатен свет, и верувате дека живеете. Потоа читате книга… или одите на пат… и откривате дека не живеете, дека хибернирате. Симптомите на хибернација се лесно забележливи: прво доаѓа немирот. Вториот симптом (кога хибернацијата станува опасна и може да дегенерира во смрт): отсуство на задоволство. Навидум изгледа како неопасна болест. Монотонија, досада, смрт. Милиони луѓе живеат вака (или умираат на овој начин) без да знаат. Тие работат во канцеларии. Тие возат автомобили. Тие одат на пикник со своите семејства. Воспитуваат деца. И тогаш се случува некаков шок: личност, книга, песна… и тоа ги буди и ги спасува од смртта. За жал, некои никогаш не се будат“.

Прозата на Милер е истовремено и лирска и брутална, доловувајќи ја суштината на изгубената генерација растргната помеѓу креативноста и конвенцијата. Тензијата меѓу уметноста и животот е опиплива, додека главните ликови во неговите книги (најчесто истоименуваниот Хенри) се движат низ кревкоста на човечките односи и откупувачката моќ на еротското искуство. „Американецот во Париз“ најчесто ја истражува борбата за уметничко изразување и автентичност, ослободувачкото дејство на сексот и желбата за рушење на општествените конвенции и конзервативно воспоставените морални норми. Милер слика живописна таписерија на слаткиот живот (dolce vitta) на Париз, кој изобилува со ексцентрични ликови, поети, уметници и проститутки. Наративите во неговите книги течат со поетски интензитет, пресликувајќи ги внатрешните превирања и креативните недоумици на ликовите додека се во потрага по поврзување, заедничко искуство и трансцеденција.

Поради сето ова, неговите добри познавачи дело велат дека Хенри Милер со своите дела ги оспори законите за цензура и општествените норми, влијаејќи врз „Бит генерацијата“ и движењата на контракултурата две-три децении подоцна, редефинирајќи ги границите на литературното изразување, на тој начин зацврстувајќи ја сопствената репутација на пионерски автор.
