Војната како зависност од адреналин

Секоја година Американската академија за филм и наука милува да создава нови ексклузивитети и куриозитети кои медиумите ќе ги објавуваат во своите секојдневни приказни поврзани со доделувањето на Оскарите. Ниту оваа година не беше исклучок од непишаното правило, па така насловите претежно циркулираа околу тоа дека режисерката Кетрин Бигелоу постигна голема победа над поранешниот сопруг Џејмс Камерон, кој фрли огромни пари за спектаклот „Аватар“, кој на крајот остана со куси ракави, барем што се однесува до главните награди.

Токму финансискиот беше вториот аспект на пласирањето на приказната, бидејќи Оскаровецот „Деминер“ чини само 11 милиони долари, што за холивудски услови е нискобуџетно остварување. Секако, тоа што Бигелоу стана првата жена-режисер која го доби Оскарот беше ставено во прв план во извештаите на новинарите ширум светот, и на крајот, дел од медиумскиот колач и’ припадна и на приказната дека филмот е еден од ретките Оскаровци во историјата кој имал релативно мала гледаност во текот на сезоната, а ја добил престижната статуетка за најдобар филм, со надеќ дека истата ќе му помогне во понатамошната киноексплоатација, иако, според информациите, ситуацијата во овој постоскаровски период не е којзнае колку подобра.

Капак на се’ беше моментот со неочекуваната тешкотија со транскрипцијата на насловот на филмот, кој во различни земји доби различни значења, а бидејќи во Македонија немавме можност да го гледаме на официјалниот кино репертоар, истиот можеме да го сретнеме со различни преводи и толкувања. Па така, „The Hurt locker“ стана „Х’рт локер“ онаму кадешто преведувачите беа мрзеливи, потоа, ја добивме и варијантата „Наредникот Џејмс“ според главниот лик во филмот, одлично одигран од Џереми Ренер, а ние се одлучивме да ја истакнеме неговата професија како главен и моќен означител на ова наградено остварување.

Базиран според личните воени искуства на новинарот Марк Боал, кој е сценарист и заедно со Бигелоу и продуцент на филмот, „Деминер“ не’ втурнува во воениот Ирак, при што, поради начинот на кој е снимен филмот, и самите стануваме дел од единицата за деактивирање бомби. Со постојаното инсистирање да се биде во близина на главните ликови, чија небезбедност ја отсликува тензијата на борбените улици на Багдад, речиси целиот филм е снимен со камера од рака. Флертувањето со смртта е секојдневие за момците, меѓу кои со својата храброст се издвојува наредникот Џејмс, чиј рекорд е 873 деактивирани експлозивни направи, односно, којзнае колку спасени човечки животи. Во моментите кога адреналинот спласнува, филмот се претвора во студија на човековата интима со која се разголуваат причините поради кои војната ги обезличува нејзините синови, а обидот да се внесе филозофска нишка во приказната се наѕира дури во крајната сцена, кога во политички коректно поделените улоги, афро-амеериканскиот војник му вели на својот колега дека „никој нема да се загрижи доколку загине на должност, освен неговите родители, но тие и онака не се сметаат“. Сепак, концептот заснован врз главната идеја-двигател дека „налетот на борбата често пати е силна смртоносна зависност, затоа што војната е дрога“, која деминерот Крис Хеџис го отвора ова остварување.

Како и да е, една од ретките филмаџики со стаж во филмската индустрија, по долгогодишна макотрпна работа стигна до успехот токму во моментите кога тоа најмалку го очекуваше. Започнувајќи ја кариерата со авторски проекти каде нејзиното име фигурираше и како сценаристка на неколку остварувања, таа барем во своите почетни остварувања се држеше до темата на силината на обесправените женски карактери во нејзините приказни („Син челик“, „Чудни денови“). Кога работата од задоволство се претвори во бизнис, при што таа почна да фигурира и како продуцентка на своите мегапроекти („К-19“), малкумина очекуваа дека приказната ќе заврши со Оскар, но ете, и тоа се случи. Секако, не и незаслужено, бидејќи „Деминер“ ги содржи сите атрибути на еден добитник на позлатената статуетка, особено ако на работите погледнеме од патриотска гледна точка. Или, како што изјави самата Бигелоу на сцената во „Кодак“ театарот: „Важно е да верувате во приказните кои ги снимате, сето останато е небитно“.

По “Деминер“, се уверивме дека беше само прашање на време кога Академијата ќе додели Оскар за најдобар филм на остварување со воена тематика која на дел од Американците ќе им го крене моралот, и покрај, според проценките, одамна загубените и бесмислени војни на Блискиот Исток. А на прв поглед, ќе помислите дека станува збор за аполитичен филм. Но, кој како гледа на нештата, нели!?

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 30 март 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *