Филмски контроверзии: Депардје со темна кожа

Иако станува збор за драма-комедија која требаше глатко да помине на кино-благајните, сепак, „Другиот Дима“ на режисерот Сафи Небу откако на 10 февруари ја доживеа својата официјална кино-премиера во матичната Франција, не престана да предизвикува полемики околу изборот на еден од главните актери во филмот. Имено, славниот романсиер кој ја одбележа европската книжевност во 19 век, Александар Дима, кој начесто се самодекларирал како црнец поради афро-карипските корени на неговите предци, во новото остварување го игра Жерар Депардје, кој за потребите на улогата мораше да ја затемни својата кожа и цело време да носи кадрава перика за што поуспешно да го долови ликот на писателот, кој на човештвото му ги подари класиците „Грофот Монте Кристо“ и „Тројцата мускетари“.

Филмот на Небу всушност има намера по век ипол повторно да ја реактуелизира приказната за писателот во сенка, таканаречениот „писател-дух“, во случајов Огист Макет, за кого се смета дека стоел зад некои од делата на популарниот Дима. Но Александар потекнувал од семејство кое имало значајна улога во француското општество, и токму затоа тој секогаш бил во преден план, за разлика од поталентираниот Макет, кој починал во анонимност. „Другиот Дима“ се обидува да ја исправи таа неправда, меѓутоа, сосема неочекувано, работите отидоа во друг правец, и наместо да се води дебата околу оваа провокативна тема, која ја разработува и Роман Полански во својот нов филм кој му донесе „Мечка“ во Берлин, на големо се зборува за „неправилниот“ кастинг.

Русокосо-синоокиот Депардје смета дека дебатата е смешна, непотребна и неинтересна. Но така не мислат и членовите на Францускиот совет за црната заедница, кои гласно го поставија прашањето „зошто во ниту еден домашен филм досега еден црн актер не одиграл бела ролја, а во случајов е избран бел актер да игра човек со африкански корени, и тоа ни помалку ни повеќе туку славниот Александар Дима?“ На ова Депардје одговори дека проблемот е стар и веројатно за него се виновни историчарите, но и инфантилната француска политика за идентитетот, која со децении наназад ништо не решава, туку само создава дополнителни забуни. Ви звучи познато, нели!?

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 23 март 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *