Најплодниот режисер замина на најдолгиот пат

Македонската кинематографија остана без еден од своите најрепрезентативни филмски претставници, Бранко Гапо, режисер кој зад себе остави шест долгометражни остварувања и повеќе од четириесет документарни филма, со што се вбројува меѓу најплдоните автори на оваа почва.

Неговиот интерес за седмата уметност се појавува уште во раната младост, кога аматерски почнува да ги забележува првите приказни, за веќе во 50-те години на минатиот век, како професионалец, да ги сними и првите документарни филмови („Mугри во полињата“, „Фабрика за цигари“, „Скопски магазин“), со кои го кали филмскиот занает. Предизвикот наречен „целовечерен филм“ го остварува следната декада, откако Гапо асистираше при снимањето на неколку наслови, како „Виза на злото“ на Франце Штиглиц и „Мирно лето“ на Димитрие Османли, а подоцна беше дел и од филмските екипи на славните Абел Ганс и Вилијам Дитерле.

Во време кога македонската кинематографија го бараше својот идентитет, отстапувајќи од темите кои доминираа по војната, токму Бранко Гапо беше авторот кој го направи решителниот исчекор. Од денешна дистанца, гледајќи ги неговите филмови во кинотечните ревии, се открива неговата големина и моќ за отсликување на времето во кое создавал. Впрочем, токму 60-те години се и неговиот најплоден период, време во кое од 1961 до 1964 година во повеќе наврати студиски престојувал во Париз, кадешто во тамошната Кинотека и во познатите париски филмски студија го дооформувал својот филмски светоглед.

Дебито на големото платно од 1965 година „Време на искушение“ ги изненадило сите, бидејќи „почетникот“ Гапо веднаш се профилира како професионалец кој неусилено раскажува за убиството на Ѓорче Петров во Софија. Следи „Време без војна“ (1969), кој му ги носи првите награди на фестивалите во Пула, Ниш, Авелино… Исто така наградуваниот „Истрел“ (1972) претставува екранизација на романот „Под усвитеност“ на Димитар Солев, кој го потпишува и сценариото.

Според многумина, неговото најдобро остварување датира од 1976 година. „Најдолгиот пат“ е филм кој никого не остава рамнодушен и ден-денес. Социјалната драма „Време, води“ (1980) е продолжување на неговиот експеримент со филмските жанрови, а лебедовата песна „Македонска сага“ (1993), на која се’ уште добро се сеќаваме, е заокружување на творечката кариера на најплодниот македонски филмски режисер.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 25 ноември 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *