Нашиот филм го чекаат зрели времиња

ТЕЛЕВИЗИЈА, Игор Анѓелков

Секој понеделник од 21 часот на ТВ Телма, сите љубители на филмот можат да уживаат во емисијата „Филмополис“ и да се информираат за најинтересните збиднувања од светот на филмот. Авторот на емисијата, Игор Анѓелков, е активен и на други полиња. Тој е радиоводител на Радио Равел, а дел е и од книжарницата „ИЛИ-ИЛИ“. Тој има и неверојатна смисла за хумор…

– Веќе една година на Телма се емитува твојата емисија „Филмополис“. Во овој циклус има и освежувања…

И.А. „Филмополис“ почна да се прикажува од октомври минатата година. Пред две недели го доживеа своето 50-то, јубилејно издание. Не е некој јубилеј, меѓутоа решив да го одбележам. Прво мислев да донесам танчарки во студио, па тука некаде да се провртка и Џемс Бонд, ако некоја од нив не даде сè од себе, сè со намера тоа да остане филмска емисија, ама да се прави сè друго, освен да се зборува за филмот (ха, ха, ха). Сепак, љубовта кон филмската уметност надвладеа и реализирав една друга замисла, насловена „Еволуцијата на роботите во филмската уметност“. Се надевам дека беше провокативна и забавна за гледање. Втората сезона го задржа концепцискиот правец од почетокот, преку редовните рубрики „Култна сцена“ и „Филмска музика“, со кои се навраќаме на добар дел од филмската историја. Потоа покривањето и информирањето за најзначајните светски филмски фестивали, редовното доделување на филмските награди, и секако, актуелните случувања во нашите и светските киносали. Јас многу би сакал македонскиот филм да биде постојано во фокусот, но, за жал, случувањата во домашниот филм се мали за да може буквално во секоја емисија да говориме за домашниот краток, документарен и долгометражен филм. Но доаѓаат интересни и зрели времиња за филмот кај нас, цврсто сум убеден во тоа.

– Со кои проблеми се соочуваш и кој дел од подготовките ти е најтежок?

И.А. Кога пред една година ТВ Телма ме повика да правам филмски магазин на нивната фреквенција, со уредниците имавме еден отворен разговор, во текот на кој тие ја препознаа мојата голема љубов кон филмот, а јас им возвратив со квалитетен телевизиски производ. Презадоволен сум од нивниот коректен однос и од одврзаните раце при подготвувањето на секоја нова епизода, така што во самиот почеток паѓа голем дел од оптоварувањето и тешкотиите со кои можеш да бидеш соочен. Многу сум ѝ благодарен и на екипата што го подготвува магазинот, без чие жртвување тој немаше да изгледа така како што изгледа. Инаку, еден период од животот активно снимав експериментални филмчиња, кои успеаја да влезат на неколку европски фестивали. Велам филмчиња, затоа што беа без буџет, засновани на чист ентузијазам и љубов. Токму во тие филмчиња, експериментирајќи и директно играјќи си со медиумот, воспоставив однос кон визуелното. Како и секое филмче тогаш, така и секоја следна епизода од магазинот се прави „до смрт“. Процесот трае неколку денови, во кои сè мора прецизно да се координира бидејќи нема простор за импровизации. Тоа веднаш би се почувствувало. Токму тоа е и најтешкиот дел, ако се обидеш да манипулираш со гледачот. Затоа, пак, со истражувачка работа и непретенциозен пристап, се трудиш да придобиеш што поголем дел од гледалиштето.

– Водиш и емисија на Радио Равел…

И.А. Мојата прва работа во електронски медиум се случи во 1997 година, на брановите на музичкото радио Канал 103, во период кога современата музика го оформуваше мојот светоглед. Во меѓувреме, дипломирав на Факултетот за новинарство. Преминот во Радио Равел се случи во вистински момент, во почетокот на 2003 година, кога почнав со музичката емисија „Мезанин“, како продолжување на презентацијата со преокупациите со современиот звук, за подоцна да уредувам и дел од магазинот од културата, „Извесен поглед“. Радио Равел е едно од ретките радија во кое се запазуваат сите елементи што го сочинуваат квалитетниот радиски медиум, затоа има голема публика на различна возраст, која во претпладневните часови има можност да се информира, попладне да ужива во добрата музика, а во вечерните термини да се забавува со квалитетните авторски емисии, кои опфаќаат различни музички жанрови.

– Како успеваш да се снајдеш и во двата медиума?

И.А. Сè е во љубовта што ја даваш додека работиш и во двата медиума, а кај мене постои доволно од неа и во обата случаја. Со добра координација и со стискање на копчето во главата на вистинската страна, резултатот си доаѓа сам по себе. На сите им е добро позната разликата меѓу радиото и телевизијата. Кај првиот увцето со добро изграден критериум е од пресудно значење, а кај вториот медиум визуелниот момент е неприкосновен. Сепак, пристапот и во двата случаја е еден и единствен. Станува збор за тимска работа која, ако не функционира, нема да добиеш ниту квалитетен телевизиски ниту квалитетен радио производ. Егото, за жал, мора да остане настрана. Кутрото тоа.

– Освен ова, дел си и од книжарницата „ИЛИ-ИЛИ“. Тоа значи дека многу сакаш да се дружиш и со книги?

И.А. Книжарницата е мојата секојдневна пријатна преокупација. Постои веќе две години, период во кој со партнерот Ненад Стевовиќ успеавме да стекнеме редовни читатели, на кои книгата им е вистинска духовна потреба а не минлив момент. Со текот на времето, „ИЛИ-ИЛИ“ прерасна во нешто повеќе од обична книжарница – тоа е малечок, интимен простор, во кој покрај добриот и автентичен избор на книги, може да се напиете кафе, чај, топло чоколадо, да си направите интересен муабет и да си заминете со широка насмевка на лицето. Токму затоа мислиме паралелно да отвориме и стоматолошка ординација, која веднаш ќе ги лоцира расипаните заби на читателите (ха, ха, ха). Еј, повторно се шегувам.

Милена Атанасоска

Интервју во АНТЕНА бр. 341, 17 декември 2004
(петочен додаток за филм, ТВ, музика и забава во дневниот весник „Дневник“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *