Мугер Фугер: Пеколна гитарска енергија

Mooger Fooger е бенд каков што му требаше на Скопје, музички едуциран, тврдокорно автентичен и возбудлив до крајност. Со истоименото деби од минатата година, Сецко и пријателите успеаја да помрднат многу звучни граници на овие простори. Спонтаноста е нивниот главен адут, а живите настапи моментот кога адреналинот го креваат на највисоко ниво. По читањето на ова интервју, провокацијата за слушање на нивниот материјал ќе стане ваша вистинска потреба. Проверете зошто!

Сецко, ти си дел од една генерација од крајот на 80-те и почетокот на 90-те години од минатиот век, која преку својата музика кажуваше и носеше поинаква порака до сите на овие простори. Што се случи во меѓувреме со тебе, по распаѓањето на култните Ласт експедишн?

Сецко: По експедишн, бев дел од проектот Ексик (Exic), како компилација од музичари од различни бендови, издадовме еден албум, но тој проект, од разни причини, не успеа. Потоа ништо не правев, или не… да, си купував опрема. Кога ќе ти здодее да одиш по кафеани, ќе си ја направиш терасата место за журкање, со салата, ракииче, си пушташ музиче, си свириш со пријателите… Во собата имам се’, се дружиме и правиме што сакаме. Резултатот е одличен.

Од сета таа „балконска“ енергија, се изроди и идејата за нов бенд, нов проект?

Сецко: Мугер Фугер е идеја што јас ја започнав, но ова е бенд во кој удел имаат многу луѓе и сето тоа од ден на ден се надоградува. Приказната се случи многу спонтано, како спојот меѓу Џон Ли Хукер и Кит Ричардс, кога вториот одел кај првиот да учи гитара. Пиеле пиво и ако им се свирело – свиреле, а во меѓувреме гледале телевизија. Ние, за разлика од нив, си играме со компјутерот, па ако ни се свири – свириме.

Виктор, каква е твојата страна на приказната околу спојот со момците, или проектот Мугер Фугер?

Виктор: Едноставно, Сецко ми се јави и кажав „да“ од проста причина што знаев дека ќе биде прекрасно.

Досега, во твоите претходни „инкарнации“, не си ги искажувал своите вокални способности?

Виктор: Да, ова беше моментот што го чекав долго време. Мајка ми вели дека уште од мал сум роден за тоа, барем таа така вели (се смее).

Веројатно и излегувањето на деби албумот се случи спонтано, без некои претходни големи подготовки?

Сецко: Да, тие месеци во игра влегоа дечките од Рекорд рекордс, што ни одговараше, бидејќи и со Ласт експедишн не издадовме ниту еден албум за некоја голема издавачка куќа.

Ќе звучам малку иронично, но зарем кај нас постои голема издавачка куќа?

Сецко: Да, има, зад нив стојат неколку големи спонзори, но те условуваат да издадеш комерцијален материјал. Јас сакав понеобврзувачки однос: ако го биде – во ред, ако не – здравје. Со Симо се погодивме и албумот се појави.

Истоимениот албум има средносвиречка минутажа, таман колку што треба за едно деби, значи, да ја запознаеш публиката со твојата музика, а да не ги заглупавиш со премногу ноти…

Сецко: На деби албумот, од 20-30 песни, ставивме 12, а на другите им удрив „дилит“, да не ми сметаат.

Зошто, можеби меѓу избришаните песни имало и квалитетни парчиња, кои, со мала доработка, на следниот албум ќе ја погоделе вистинската цел?

Сецко: Постои некаква нервоза кај мене кога нешто што е започнато не е довршено. Еве, „Oki Trash“ стана хит, а јас бев подготвен со прстот на „дилит“ копчето да ја избришам, секунди фалеа…

На почетокот ги спомена Хукер и Ричардс. Дали можеби овие музичари беа пресудни за звукот на бендот? Кои имиња уште милувате да ги споменете кога станува збор за инспирацијата и влијанијата што сте ги имале во текот на вашето долгогодишно музицирање?

Сецко: По многу слушање музика им се вратив на корените. Џон Ли Хукер, Мади Вотерс и таа класична блуз и рокенрол школа од 50-те и 60-те години. Од сето тоа сакав да го извлечам најдоброто, па дури, еве, и од кантрито… Почнав да учам штимови полека навлегувајќи во сета таа приказна, бидејќи останатото добро го владеам. Тоа е таа улична школа, преку слајд свирењето и слободната finger-style импровизација на Хукер, во која музиката се базира пред се’ на емоции. И ние со дел од нашите теми имаме проблеми како да ги свириме, бидејќи имаме многу слободни штимови, како С-0 и сл. Во таа ситуација и ние зависиме од емоциите, како сме ги наштимале гитарите – така тргнува и приказната, но наместо улицата, во овој случај се работеше за мојата соба.

Виктор: Рокенролот го воспостави минимализмот уште кога се појави, во далечната 1948 година. Ние сме тоа, но ја немаме класичната блуз фразеологија.

Сецко: Да, би било смешно да ги цитираме сите тие класици, бидејќи тоа денес го прават малтене во секоја кафеана. Живееме во сосема различно време, но враќањето кон корените ни беше потребно како искуство.

Еве, за оние кои не успеале да ве погледнат и слушнат на неколкуте свирки што ги имавте во изминатиот период, збор-два од ваша перспектива за тоа како звучите во живо.

Сецко: Ми се допаѓа како звучиме на живите настапи. Виктор, за разлика од почетокот, сега се чувствува поопуштено, и со неговиот вокал ја надополнува жестоката свирка. Генерално, супер ми е. Кога свирам, може да ме бомбардираат, нема да почувствувам. Во тие моменти сум полн со адреналин.

Виктор: Јас да звучам скромно или нескромно?

Нескромно, како и секогаш!

Виктор: Јас имам чувство како публиката да гледа НЛО!

НЛО???

Виктор: Да!!! (се смее)

Еден од насловите на песните е „Го мразам капитализмот“. Што е работава, навистина ли во вас постои омраза кон најдемократскиот поредок во светот?

Сецко: Па, во една реченица сум кажал се’.  Навистина го мразам. Не кријам дека сум анархист, дека сум против социјални поделби и дека не сакам да постојат граници во светот.

Виктор: Но објасни што кажува текстот. Во него се вели дека ништо нема да умре.

Сецко: Да, тоа што ни ветуваа со години, дека државата ќе изумре, сето тоа е заблуда. Ако сега живееме во некаква си демократија, тоа треба да значи дека сме доживеале апсолутна слобода? Тоа е смешно. Тоа е како на куче да си му го продолжил ланецот за еден метар, а тоа и понатаму е врзано. Може да лае колку сака, но пак ништо.

Конечно, еве го и политичкиот момент кај Мугер Фугер.

Сецко: Ова не е нашиот политички, туку уметнички момент. Секој уметник треба што понормално да гледа на работите околу него. Она што ни го пласираат како добар живот е лажно. Па ние живееме во општество во кое луѓето немаат пари за да ги платат сметките за струја и вода.

Но сепак има топлина во нашиве луѓе овде…

Сецко: Супер се. Јас го сакам овој град, бидејќи е многу посебен. Можеби би се обидел да живеам во Манчестер, но бргу би се покајал и би се вратил.

Виктор: И јас Скопје не би го менувал за ништо, бидејќи градов е колевка на цивилизациите. На моменти сум имал лошо мислење за него и за луѓето тука, но го сакам и среќен сум во него.

Сецко: За убава живеачка не е проблемот во градот, туку до тоа дали си ги погодил луѓето во определен момент, каков им е паричникот…

Паричникот?

Сецко: Па да, ако видиш дека немаат пари, направи им свирка без пари. Кај нас се’ се врти околу правењето големи пари. Па едни Соник јут се’ уште во Лондон свират пред 1000 луѓе.

Да, но веројатно секој креативец, порано или подоцна, треба да го валоризира она што квалитетно го работи, тоа не е погрешно.

Сецко: Пак ли за парите?

Па ти го спомена паричникот!?

Сецко: Искрено, го загубив пред одредено време, сосе документите (се смее). Значи, вака. Јас сум минималист. Не ми треба ништо повеќе од девојката што ја имам, малиот простор во кој можам да свирам, дружбата со луѓето што ги сакам, да испијам некоја пијачка со нив. Ме прави среќен и возењето со велосипед, бидејќи со него поспоро се движиш и можеш луѓето да ги погледнеш в лице, какви што навистина се. Ги впивам тие ситуации како сунѓер и се обидувам најискрено да ги пренесам и во песните.

Одлично, кругот се заврте, и повторно дојдовме до музиката. На почетокот рековте дека сте се навратиле на корените, но за мене звукот на вашата плоча претставува прекрасно надоврзување на британската гитарска сцена од претходните две декади преку имиња како Мај блади валентајн, Рајд…

Сецко: Токму така, тоа се бендовите кои отсекогаш сум ги почитувал. Тука мора да ги споменеме и Мус (Moose), како нивна претходница, исто и Саунд, кои не станаа славни како Џој дивижн, но мислам дека се многу подобри од нив. Од новиве бендови ми се допаѓаат Сигур Рос, кои се блага варијанта на Валентајн. Немаат дисторзии, а звучат моќно. Значи, Шкоти, Ирци, Британци, Исланѓани, а во Мугер Фугер врие од Егејци. Ебати среќата. Кај ги најдов? (се смее)

Виктор: Јас кога почнав од мојата 12 година да слушам музика, почнав со 50-те. Бев фасциниран од Чак Бери и Линк Реј. И одев од „А“ до „Ш“. Почнав од „кифла“ фризура, која едно време ја носеше и нашиот басист Дојчин…

Не зезај, човекот е речиси ќелав…

Виктор: Па поради „кифлата“ е ќелав. За да се постигне тој облик, треба да се стави многу сапун и други работи, па нормално дека косата ќе му падне (се смее). Не, вака сега, стигнав до 67-та, и сфатив дека натаму ништо ново не се случило.

Сецко: 67-та? Па јас тогаш сум роден. Значи, после Сецко – се’ е Сецко.

И по Сецко – Сецко!

Сецко: Да, да, затоа ти, Виктор, си престанал да слушаш музика после тој период.

Виктор: Не, не, јас си имам неколку клучни фигури. Освен споменатите двајца, тука се и Џон Ленон и Сид Барет.

Добро момци, ајде да позборуваме малку и за промотивниот дел од вашата приказна.

Виктор: Снимивме спот за песната „Оки треш“ во режија на Јане Алтипармаков, промоцијата се случи пред Нова година во „мала станица“, каде за присутните направивме и мала акустична свирка.

Сецко: Оваа песна најлесно влегува во увце и затоа направивме видео за неа. Приказната е урбана, во Аеродром најдовме еден премин, ги ставивме инструментите, со сите графити од градов, и така… Испадна добро.

Јас отсекогаш сум сакал некој наш бенд, без најава, да направи свирка на автобуска станица, додека луѓето упорно чекаат да се појави нивниот број. Тоа би било жестоко, интересна би била и рекацијата на случајните минувачи…

Сецко: Да, може, добра идеја. Порано додека чекав „петка“ за пробата со Експедишн во киното во Ѓорче, повеќе ја чекав од „шеес-четворка“, па можевме да направиме пола проба на автобуска, па да довршиме во киното…

А што е со плановите за свирки „на страна“? Стигна ли овој материјал до некое релевантно име во соседството?

Сецко: Албумот се’ уште високо котира во Србија, конкретно во Белград, каде „Кругот на Мра“ е голем хит на радиото „Б-92“. Во Бугарија, пак, дебито фигурира на неколку андерграунд музички листи, што не’ радува, поради тоа што и ова се случи спонтано. Значи, она што е квалитетно, ќе исплива на површина и ќе дојде до оние луѓе на овие простори на кои вистинската музика многу им значи.

Виктор: Сето ова беше повод за Нова година да не’ поканат да свириме во култната белградска „Академија“. Се работеше за настан во организација на колективот „Индиго“, на кој настапи и бендот Широко и уште неколку диџеи, и еве, повторно нескромно да звучам, Мугер Фугер беше главен бенд на вечерта.

Одлично! За крај останува само да го најавите излегувањето на новиот материјал. Се крчка нешто, нели?

Сецко: Да, да, ако се’ биде како што треба, за 2-3 месеци материјалот, кој делумно е снимен, треба да се појави во продажба. Но за тоа – потоа. Ветуваме уште еден пеколен гитарски овердрајв.

@Интервјуто е објавено во магазинот „Филтер“ бр.4 од март 2006 година, во рубриката „Акапела“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *