Интервју со Наташа Петровиќ, актерка
Со дебитантската главна улога во ирско-македонската копродукција “Како да ме нема” на режисерката Хуанита Вилсон, таа окажа дека е една од најталентираните актерки на нејзината генерација. Впрочем, толку рано да се влезе меѓу десетте најнадежни европски актер(к)и и не е мала работа. Во меѓувреме, до следниот филмски предизвик, таа го живее, учи и впива театарот во симпатичниот проект “Театра”. Дами и господа, запознајте ја одблиску Наташа ПетровиќЗа оние кои не те познаваат, ни и за оние кои веќе те запознаа, макар преку Седмата уметност, на почетокот, подари ни една мала лична карта за себе.
Наташа Петровиќ е родена во Штип пред точно 23 години . Во овој град го има завршено своето основно и средно образование. Првите чекори на театарската сцена ги има направено во Штипскиот културен центар во една детска театарска претстава на режисерот Васил Шумански. Неколку години подоцна ја игра и својата прва професионална претстава во Штипскиот народен театар – ,,Илинденски сноевиденија’’, потоа следат претставите ,,Постела од кактуси’’, ,,Ученикот на ѓаволот’’, ,, Зимска бајка’’, ,,Тартиф’’… Овие неколку претстави полека почнуваат да и ја разгоруваат желбата своето високо образование да го продолжи на Факултетот за драмски уметности во Скопје , каде и студира актерска игра во класата на проф. Владо Цветановски и проф. Мими Таневска.
Колку си задоволна од студиите на ФДУ во Скопје, колку тие создадоа база за твоја понатамошна актерска надградба?
Н.П. Поминаа четири години откако сум дел од ФДУ, и можам да кажам дека во овој период, со помош на моите професори и колеги, успеав да си направам стабилна основа за себе-надградување како актер, но пред се и како човек . Во нашава професија секојдневно учиш, секојдневно се збогатуваш со искуство кое ти помага полека, но сигурно да се оформиш како актер.
Како се случи соработката со ирската режисерка Хуанита Вилсон? Како се случи Наташа Петровиќ да добие главна улога во една интернационална копродукција: по препорака, или се работеше за случајност и среќна околност?
Н.П. Хуанита Вилсон беше дојдена во Македонија за да го финализира својот кастинг кој, како што разбрав во моментот кога и јас самата пристигнав таму, траел некои девет месеци. Во овој период режисерката трагала по главниот женски лик. Денот кога бев поканета да бидам дел од овој проект од страна на Нела Витошевиќ , која работеше како кастинг директор заедно со Фатима Грахич од Босна, го добив сценариото според кое јас требаше да се појавам на кастингот за една споредна улога во филмот. Сосема спонтано, средбата се продолжи некои добри четири часа во кои, освен за ликот за кој бев поканета , продолжив да работам и на некои сцени на Самира – главниот женски лик. Следното утро бев повикана на состанок на кој ми беше соопштено дека јас ја добивам главната улога на Самира. Среќа!
Колку ликот на киднапираната и измачуваната Босанка Самира влијаеше врз твоето секојдневие додека го снимаше филмот, бидејќи тој има специфична тежина, и колку истиот потоа те промени тебе, како личност?
Н.П. Сфатив дека кога работиш на филм, особено доколку си присутен секој ден да сет, реално имаш многу малку простор да размислуваш за нешто друго освен за работата што треба да ја завршиш, во овој случај на ликот кој треба да го играш. Точно, ликот на Самира со себе носи една посебно специфична тежина која сакал или не во тие неколку недели додека се работи и не можеш баш така лесно да ја избегнеш. Благодарение на овој филм можев да видам и да научам многу за немилосрдната војна на Балканот и за луѓето кои го преживеале целиот овој хорор, а следствено на тоа, да созреам и јас како личност.
Благодарение на филмот, на ланското Берлинале беше дел од манифестацијата Shooting stars, заедно се девет други млади колеги од европскиот континент. Потоа следеа уште неколку патувања на останатите фестивали низ Европа.
Н.П. Чест е да се биде еден од десетте надежни млади европски актери. Јас сум навистина среќна што можев да присуствувам на еден ваков настан и да ја добијам наградата на најдобар млад актер, награда која се добива еднаш во животот. Со самото тоа што овој проект се прави со цел да се промовираат младите актери од Европа, истиот овозможува остварување на многу контакти. Тимот кој работеше на организација на оваа манифестација во текот на целата година стоеше зад нас и не промовираше на филмските фестивали со кои имаат склучено соработка. Јас имав чест да присувствувам заедно со уште неколку мои колеги на интернационалните филмски фестивали во Шангај и во Севиља, каде имавме можност да се запознаеме и да споелиме искуства со многу наши колеги и малку подетално да се информираме за нивните принципи на работа. Од целото искуство можам само да сумирам дека е многу битно да си го цениме тоа што го имаме како квалитет во земјава и да се трудиме да го испромовираме најдобро што можеме, особено кога станува збор за вакви интернационални збиднувања на кои не се прави промоција само на еден човек, туку на една цела земја, нација…
Во меѓувреме, го калиш театарскиот занает. Публиката може да те види на сцената во “Театра” во Скопје, еден интересен проект кој неодамна го прослави својот прв роденден.
Н.П. “Театра” е нов независен театар кој го носи создавањето на театарот на ново ниво, кој ја враќа потребата од театар во секоја смисла на зборот со подигнување на нови уметнички форми, облици и значења. Целта на Театра не е да предизвика револуција на она кое театарот го носи со себе и го претставува, туку сама по себе да биде форма на оригиналност која ги отвора можностите за иновација во театарот, за негово доживување низ нови призми и перспективи, преку тимови од млади креативци за кои театарот е многу повеќе од штици, зборови и движења.
Јас сум горда што сум дел од овој театар и што во минатата година успеавме на скопската публика да и понудиме три претстави, три премиери. Претставите ,,Мизантроп’’, ,,Звукот на коските што се кршат’’ и ,,Хаус ситери’’ се претстави со кои стартувавме и со кои се поставија темелите и столбовите на овој театар кој секојднево се надградува и се шири. Со радост најавувам дека многу бргу во “Театра” ќе има и нова премиера. Повеќе информации за оваа претстава ќе најдете на нашата facebook страна.
Театар или филм? Што е поблиску до срцето на Наташа?
Н.П. Ние сме театарска земја, повеќе се работат театарски претстави отколку филмови, така што ние како актери повеќе шанси имаме да заиграме на театарските сцени отколку на филмското платно, затоа би рекла дека во нашиве услови, ако без нешто не можам, тоа е театарот.
Кои се твоите активности во слободно време? Имаш ли некое хоби, сакаш да се журкаш, да спиеш до доцна, да готвиш…?
Н.П. Се поретко имам слободно време, но кога го имам, најчесто се враќам во Штип. Се поретко се гледам со мојата фамилија и старите пријатели , па поради тоа се трудам колку што можам да го надокнадам тоа испуштено време. Убаво е кога си дома опкружен со љубов, внимание , позитивна енергија, што е одличен начин да се стартува еден ден.
И на крајот, омилени филмови и актер(к)и?
Н.П. Еден од подобрите филмови што успеав да го изгледам во периодов е ,,The Artist “, филм кој навистина вреди да се погледне.
(Интервјуто е објавено во „ТВОЈ КЛУБ“)