Вчера почина великанот на филмската уметност Вељко Булајиќ (1928-2024). Доживеа длабока старост, како што заслужува еден партизан. Во 2008 година беше гостин на „контраверзното“ издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, кој се одржа на релација Битола-Скопје. Имав можност да направам интервју со г-нот Булајиќ, кому секогаш му е драго кога се враќа во омиленото му Скопје. Токму тој беше „виновникот“ за филмот „Скопје 63“ кој одекна низ светот, и на нашиот град му го донесе потребниот публицитет и можност за помош од многу братски земји, после кој се крена како феникс од пепелта.
Пред да одиме со интервјуто, да се потсетиме на некои основни работи поврзани со великанот. Вељко Булајиќ е роден крај Никшиќ на на 22 март 1928 година, а со родителите и браќата до почетокот на Втората светска војна живеел во Сараево. Кога се вратиле во родното Вилуси, тој на 13-годишна возраст им се приклучил на партизаните. Средното училиште го завршил во Сараево, а по војната почнал да се интересира за филмската уметност, и запишал филмска режија во Рим. Дипломирал во 1959 година и им бил асистент на големи режисерски имиња како Федерико Фелини и Виторио де Сика, по што се вратил во Југославија.
Првиот долгометражен филм „Воз без возен ред“ го снимил токму во 1959 година, за кој добива две „Златни арени“ во Пула, каде станува лауреат и со вториот филм „Војна“ (1960). И со третиот филм „Зовриен град“ (1961), за животот во новиот индустриски центар, ја добива „Златната арена“ во Пула. Сепак, негови најпознати остварувања се оние со „партизанска“ тематика. Меѓу нив се издвојуваат „Козара“ и „Битката на Неретва“ (номиниран за „Оскар“) како најгледани филмови во поранешната држава.
Булајиќ добива уште многу филмски награди, а најзначајни се оние токму за документарниот филм „Скопје 63“, и тоа ни помалку ни повеќе, туку „Златен лав на св, Марко“ и „Сребрена гондола“ во Венеција, „Златна Нимфа“ во Монте Карло, „Golden spike“ во Ваљадолид… Репликите на венециските награди денес гордо ја красат постојаната поставка во Музејот на град Скопје на старата железничка станица, меѓу многуте артефакти од земјотресно Скопје ’63.
Како круна на неговата богата кариера, во 2013 година на Фестивалот на медитеранските земји во Рим му беше доделена Наградата за животно дело, која му ја врачи актерот Франко Неро, ѕвездата во неговиот „Битката на Неретва“, по што беше прикажан неговиот филм „Либертас“ за животот и делото на големиот хрватски писател Марин Држиќ.
Конечно, време е за интервјуто со големиот режисер, пријател на нашето Скопје, во кое ни раскажува незаборавни приказни за важноста од континуитетот во работата, за првиот филм „Воз…“, десетгодишната екскомуникација од филмот во Хрватска, за „Либертас“ и Марин Држиќ, но највеќе за неговиот најдраг филм во кариерата, „Скопје 63“ и начинот на неговото настанување, а потоа и неговиот кино-живот низ светот. Слушнете ја приказната на големиот пријател на Скопје, великанот Вељко Булајиќ, кој заслужува име на улица во нашиот град.
Секако, како бонус материјал, повелете линк од филмот „Скопје 63“, кој ќе остане како потсетник на едно време кое никогаш не посакуваме да се повтори:
И на крајот, доколку сакате да ја видите целата емисија „Филмополис“ 223, посветена на „контраверзното“ 29 издание на фестивалот „Браќа Манаки“ на релација Битола-Скопје, во чии рамки беше емитувано интервјуто со Вељко Булајиќ, клик на следниот линк: