Истaрски музички задоволства

Без музика навистина не ја бива работата 🙂 Имам среќа и задоволство во текот на мојот престој во Пазин да присуствувам на неколку свирки кои ја задоволија мојата жед за живи настапи, особено по двете години пандемиска апстиненција, со чест на исклучоците, нели. Овој крај уште на сцената во поранешна Југославија значеше за напреден и иновативен, изнедрувајќи еден куп возбудливи бендови. Пулската и риечката отсекогаш биле добар пример за тоа како треба да функционира една музичка сцена, а во оваа јунска музичка понуда, меѓу другите, ги гледав, за прв пат во животот, и „Атомско склониште“. Да, да, се’ уште постојат. Маестро Бруно Лангер со двајца млади момци ја растури сцената пред средновековната тврдина во Пазин. Стеј тјунд 😉

Познатиот „Каштел“ кој виси над пазинската јама денес претставува простор во кој се сместени Етнографскиот музеј и Музејот на град Пазин. Но, пред неговиот влез, од левата страна,  функционира и кафулето „Рок Каштел“, кое на посителите им нуди фина сенка и добар избор на пијалоци во менито.

Иако претежно ги отвора своите врати кога има закажана свирка, овој простор од тврдината на својата веб страница вели дека истовремено е и музичко студио, простор за проби, курсеви и комисиона продажба на инструменти. Односно, со неколку збора, неговото постоење е најдиректно врзано за и со музиката. Благодарение токму на „Рок Каштел“, присуствував на два концерта на кои одлично си поминав.

За мене беше вистинско изненадување кога дознав дека во Пазин ќе свират легендарните „Атомско склониште“. Низ градот немаше плакати, но денес и онака се’ функционира на мрежата – веднаш пронајдов уреден настан на кој организаторите не’ канат на жестока рок вечер со доајените на хрватската музичка сцена. Баш убаво, си реков, за прв пат ќе го гледам бендот кој ја создаде една од најубавите рок-балади во екс-Ју – „Јер за љубав… треба имат душу“.

Никогаш нешто особено не сум ги заслушал „атомците“ и се обидував да се сетам на други нивни песни од богатата кариера, и се’ што ми текна се зафркантската „Вагинална манипулација“ и секако, легендарната „Поморац сам мајко“. Навраќајќи се на нивната дискографија од минатото, наидувам на податокот дека нивниот албум „Ментална хигиена“ од 1982 година е прогласен за најдобар во тоа време на ниво на Југославија, а токму споменатата љубовна балада го отвора истиот. Но на концертот препознав уште многу песни кои сум ги слушал, и така сликата стана целосна.

Во бендот оформен во далечната 1976 година денес фигурира само Бруно Лангер, кој е и носител на целиот проект. Во успешната изведба на старите хитови сесрдно му помагаат одличните Матија Дадиќ на гитара и Ерик Војак на тапани. Триото во таа пазинска вечер беше на високо ниво, свирејќи дури два ипол часа пред посетителите.

Она што најмногу ме изненади е вокалната интерпретација на маестро Лангер. Иако во поодминати години (во август ќе полни дури 73) и со малку потпораснат стомак, тој и понатаму жестоко го „работи“ басот, притоа изведувајќи и пеејќи ги песните како во младите денови. При една пауза не заборави да му се заблагодари на едно девојче кое речиси целиот концерт го проследи од оградата пред него, велејќи: „Кој вели дека не постои веќе рокенрол? Еве оваа млада дама пред мене е доказ дека тој е витален, затоа од се’ срце и’ се заблагодарувам“.

Лангер со помладите колеги не’ прошета веројатно низ целата негова дискографија, а како минуваше ноќта и посетители имаше се’ повеќе и повеќе, бендот се врати на бис, со што целата свирка се оддолжи на повеќе од два ипол часа, и сите беа среќни и задоволни. Во еден момент Лангер вреска: „Како би младост живела без својих црних стања?“, со што логично се наметна заклучокот: „Без старца нема ударца“ 🙂

Доцна во ноќта, по првиот самостоен настап на „Атомско склониште“ во Пазин во 47 годишната кариера, при враќање во своето престојувалиште, „Куќата за писатели“, го забележувам легендарното олд-скул „Мерџо“ на Лангер паркирано крај ѕидовите на тврдината, и не одолеав да не го фотнам како сувенир за спомен и долго сеќавање.

Но сепак, на младите светот останува, а Лангер тоа добро го знае, па како предгрупа им отстапува простор на младиот бенд „Границе нормале“, или „Limits of sanity“, кои доаѓаат недалеку од Пазин, од местото Линдар. Баш беше убаво да се слушне еден рок/метал бенд од Истра, кои навистина имаа добар настап и направија добар вовед во вечерта.

Како посвета на нивните локални музички херои, линдарската четворка настапот го почна со каверот на хитот „Вјеран пас“ на риечките херои „Лет 3“.

Во текот на свирката следеа уште 2-3 посвети на нивни омилени групи, но најголемиот дел од материјалот беше автентичен, сместен на нивните претходни албуми, со што „Границе нормале“ покажаа дека се добро воигран музички тим кој , ете, таа пазинска вечер, им беа предгрупа на легендарните „Атомско склониште“, што е одлична референца за нивното си-ви.

Враќајќи се наназад, кон почетокот на месецот, кога градот го славеше својот 1089 роденден од постоењето, бев во можност да гледам уште една свирка, и тоа тематска, панкерска. На 03 и 04 јуни во организација на градот, им беше даден простор на младите локални бендови да покажат што знаат и умеат.

На првата свирка, на 03 јуни, на едно место настапија 4 рок бенда од градот, на која, за жал, не отидов поради променливото време (ред дожд, ред ветер), а башка и бев тазе дојден во градот, па ми требаше време за ресетирање. Својата љубопитност ја задоволив на Јутјуб за да видам што сум пропуштил, и наидувам на одличен кавер на мојата омилена песна „She sells sanctuary“ од The Cult. Ова е бендот со интересно име, „ТТРТ“ 😉

А ова се „Hell Padrino“ со настап во Пазин, но пред четири години.

Но следниот ден срцето не издржа и отидов на панкерскиот концерт, на кој немаше голема посетеност, но сепак важно беше штоовој настан се одржа поради поддршката на локалната сцена, потпомогната со гостувањето на неколку панк бендови од Загреб.

Супер беше местото на одржување – кровот на гаражите во центарот на градот, на кој отстрана има панк графити на кои може да се прочита и името на бендот К.Б.О, кои, пак во 2018 година свиреле во Пазин, за што сведочи и едно плакатче кое се’ уште може да се види на градските ѕидови, покрај еден куп панкерски графити кои се секаде наоколу.  

На гаражите се појавија неколку бендови кои повеќе се зезаа отколку што свиреа, но беше интересно да се почувствува таа панк енергија и во овој век, на друго место, така потврдувајќи дека „панкот не е мртов“, туку витален, исто како што претходно констатираше и Лангер во однос на рокот, или рокенролот, сеедно.

Повторно се враќаме пред „Рок каштел“, каде една пријатна јунска вечер гостуваше бендот „Techno Vikings“. Овој пат сцената беше поинаку поставена, момците беа долу, на калдрмата, а не горе, на сцената, и тоа на хепенингот му даваше почовечна   димензија.  Приказната за нив почнува во 2006 година на улиците на Пореч, каде четворицата дувачи и тапанарот почнуваат со своето шоу во кое изведуваат музики од различни жанровски провиниенции. Во меѓувреме тие се претвориле во вистинска музичка атракција која настапила на многу музички фестивали во Хрватска и низ Европа.

И вечерта пред нас го покажаа својот квалитет, свирејќи теми од електронската музика, преку добри рокачини, па се до филмските саундтраци. Успеав да фатам една од нив, темата од славниот филм „Кум“ компонирана од Нино Рота.

Летово има еден куп музички случувања на јадранскиот брег,и баш ми е жал што не успеав да видам нешто повеќе од локалната музичка сцена. Но, што е тука е, среќен сум и со ова. За крај, прашувајќи ги моите домаќини што е она што го слушаат периодов, тие ми го препорачаа етно бендот „Веја“ кој доаѓа токму од Пазин, и кој во последниве години е прилично активен и популарен. Тие ги комбинираат традиционалните истарски песни изведени во современ стил, со што само се збогатува понудата од различни звуци во овој текст. Слушнете го нивниот актуелен албум „Шкура ура“, можеби ќе ви легне во увце 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *