Џим Морисон (8.12.1943 – 3.07.1971)

Денес се одбележува 53-годишнината од смртта на Џим Морисон, еден од најхаризматичните музичари во 20 век. Овој ден во 1971 година беше кобен за сјајниот вокалист и текстописец, кој уживајќи во слободните денови со својата драга во Градот на светлината, беше пронајден мртов во кадата токму од неговата љубов. Сето тоа беше прикажано на крајот од филмот „The Doors“ од 1991 година, кој ги скокоткаше нашите тинејџерски фантазии. Деновиве наидов на една изјава од неговиот соборец Реј Манзарек која се однесува токму на споменатиот филм на Оливер Стоун, која од сосема поинаков агол гледа на популарниот филм кој го реактуелизираше животот и делото на музичката икона, дваесет години по неговата смрт.

„Оливер Стоун му направи атентат на Џим Морисон. Филмот го прикажува Џим како насилна, пијана будала. Тоа не беше Џим. Кога излегов од киното по гледањето на филмот, си помислив: „Човеку, кој беше тој кретен на платното?“ Џим не го запали плакарот на Пем. Тој не фрли телевизор кон мене. Неговиот студентски филм не содржеше слики од „Триумфот на волјата“. Тоа беше целосно измислено. И Џим никогаш не се откажа од филмското училиште. Тој дипломираше на UCLA. Се’ што гледате е Џим како пијан хедонист. Трагедијата е во тоа што славата го проголта. Но, тоа не беше пораката на Џим. Тој беше интелигентен. Тој беше љубовен. Тој беше добар човек кој веруваше во слободата и во преиспитувањето на авторитетите. Но, тоа никогаш нема да го доззнаете по гледањето на овој филм“, вели Манзарек во изјавата, истакнувајќи ги човечките особини на Морисон надвор од големата сцена.  

Можеби најдобар документарен филм од кој ќе дознаете многу нешта поврзани со „The Doors“ е „When you’re strange: a film about the Doors“ на режисерот Том ди Сило, кој, меѓу другото, го содржи и експерименталниот филм „Автопат“ во кој Морисон ги покажува своите вистински актерски квалитети. Топла препорака!

Веројатно денес неговото вечно почивалиште на популарните францсуки гробишта „Пер Лашез“ е полно со почитувачи на ликот и делото на оваа незаборавна икона.

Long live Jim Morrison!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *