Воскреснување на митот

Кон „Кога си необичен: Филм за Дорс“ на Том ди Сило

Употребувајќи ја на почетокот познатата носталгична констатација, „како вчера да беше“ кога во 1991 година се појави филмот „The Doors“ на Оливер Стоун, кој врз нас, средношколците, делуваше хипнотички, разнесувајќи ни го умот без пардон. Распадот на Југославија беше во тек, наоколу – хаос, а од киноплатното врескаше харизматичниот Морисон (одлично одигран од Вал Килмер) кој таму некаде, кон крајот на 60-те, кога мојата генерација се’ уште не беше ниту родена, безрезервно го практикувал светогледот на новото време: „Живеј брзо и умри млад“. Долго време по гледањето на филмот не можевме да се собереме, а магијата продолжуваше во ситните саати низ градските кафулиња, кои го користеа моментот и правеа музички ривајвл токму на Дорси.

Но, време е да се смени перцепцијата за бендот. Тоа ќе ви го овозможи новиот документарен филм кој фрла сосема нова светлина врз годините на авантура на славниот бенд. Филмот на режисерот Том ди Сило е остварување низ кое ве води гласот на Џони Деп, кој во неколку наврати ја чита поезијата на генијот Морисон, која и понатаму звучи вонвременски. Всушност, ди Сило бил поканет од останатите членови на Дорс, Манзарек, Кригер и Дензмор, токму тој да го реализира овој проект, откако им се допаднале филмовите што тој ги има снимено, а овој, нормално, веднаш ја прифатил once in a lifetime поканата, која не се одбива.

Документарецот содржи еден куп фотографии уште од раните настапи на легендарната група кои ги направил Пол Ферера, другар на Морисон од универзитетот УКЛА, кој го следел бендот до самиот негов распад. Исто така, членовите на Дорс, од оваа перспектива, на многу поинаков начин гледаат на халуциногените излети во својата младост, кога хипиците владееја со светот. Но најинтересно е да се видат актерските способности на голобрадиот Морисон, чиј настап во експерименталниот филм „Автопат“ од 1969 година е интегрален дел од ова остварување.

Режисерот ди Сило не’ потсетува и дека Дорс снимија шест студиски албуми за само 54 месеци постоење, а четири декади подоцна, иако бендот не свирел од смртта на Морисон во 1971 година, годишно се’ уште продаваат околу еден милион плочи. Што се однесува до моментните преокупации на останатите членови, гитаристот Роби Кригер, авторот на „Light my fire“, пишува биографска книга, а кон крајот на годината ќе излезе и неговиот нов соло албум „Singularity“; Манзарек веќе има неколку книги зад себе, како и бројни соло албуми, и се’ уште живее во Напа вали во Калифорнија, каде со својата сопруга Дороти ќе ја прослават 40-годишнината од бракот; најуспешниот меѓу нив, Џон Дензмор, е бестселер автор кој во моментов работи на неколку холивудски филмски сценарија. Така си е тоа, „кога си чуден“ со децении 😉

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 13 април 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *