Кон „КАКО УБИВ СВЕТЕЦ“ на Теона Митевска

За жал, филмот на Митевска е единствениот македонски филм за кој не успеав да интервјуирам барем еден од авторите на филмот или членовите на екипата. Подоцна, кога кинематограферот Ален Маркоен ќе биде гостин на фестивалот „Браќа Манаки“ (оној контроверзниот, што се одржа во Скопје) го прашав за искуството од снимањето во Македонија, но тој не кажа ништо особено што би можело да влезе како импресија и која вреди да се спомене и запише.

Филмот се снимаше во текот на 2002 година, кога магазинот сè уште не постоеше, а од друга страна, пак, неговата премиера не ја проследивме поради банални технички причини – немавме термин за камера поради зафатеност на телевизиската екипа со други, секогаш поактуелни политички настани, за разлика на оние од културата. Сепак, во последниот „Филмополис“ број 54 во тековната 2004 година, му направивме добар кавер на филмот, со што го одбележавме неговото егзистирање на мапата на новата македонска кинематографија. Еве што авторот на овие редови имаше да каже во однос на дебитантскиот филм на Теона Митевска, со која подоцна, во следните два нејзини филма, нема да ја повтори истата грешка, односно, тие ќе бидат покриени и со изјави, и со соодветни рецензии објавени благовремено во печатените медиуми.

Дебитантскиот филм на амбициозните сестри Митевски, „Како убив светец“, откако се прошета на еден куп европски филмски фестивали, како Ротердам, Валенсија, Линц, Сараево, Ерусалим, во минатиот месец ноември конечно ја доживеа и својата домашна кинопремиера, со која директно беше ставен пред судот на домашната публика и критичарите. Освен во Скопје, набргу филмот можеа (и сè уште можат) да го видат и гледачите од другите македонски градови. Филмот снимен при крајот на 2002 година во македонско-словенечко-француска копродукција, на дел од авторите и екипата веќе им донесе и неколку фестивалски награди. Имено, на Филмскиот фестивал во Ротердам, каде што „Како убив светец“ ја доживеа официјалната светска премиера, режисерката Теона Митевска беше вброена во петте надежни млади автори во моментов. Потоа, на фестивалот во Линц, Австрија, филмот ја освои главната награда, додека на Сараевскиот филмски фестивал Милан Тоциновски ја освои наградата за најдобра машка улога. И на крајот, на фестивалот во Валенсија, филмот на Митевска ја доби специјалната награда од жирито.

Приказната во филмот е лоцирана во предвечерјето на етничкиот конфликт во Македонија, кога по тригодишно отсуство, главната хероина Виола се враќа дома и наидува на хаотична состојба, во која таа не може да ги поврзе сите конци. Во меѓувреме во филмот се појавуваат многу споредни ликови кои, бидејќи приказната почнува да бега самата од себе, само повеќе придонесуваат кон губењето на основниот мотив кај главните ликови, кои, насетуваме, е бегството од себе, или можеби, барањето на слободата што всушност е далечна, или можеби воопшто и не постои!? Како и да е, сценаристите Теона Митевска и Метју Бардин се обиделе да направат филмска приказна што е актуелна и која на моменти се обидува да провоцира и да отвори прашања, но не обидувајќи се барем да ги намириса одговорите и да даде можно движење на нештата кон крајот, или после него. Токму затоа тука во игра влегува Милан Тоциновски, чие филмско деби е од сништата. Неговата маркантна глума, која не е ни глума туку природно движење низ просторот пред објективот, го вади филмот од калта на заборавот (сараевчаните тоа добро го лоцираа и заслужено го наградија).

Уште една работа што е за потенцирање околу првенецот на Теона Митевска е дека тој имаше најдобра маркетиншка реклама за еден македонски наслов досега. Сугестивна радио и ТВ-реклама, која постојано се врти, флаери во дневни и во неделни весници, знаменциња низ градот, токму онака како што треба да се рекламира еден моќен медиум како што е филмското дело. Но, жално е што Митевска не успеала докрај да ја „искористи“, во позитивна смисла, соработката со генијалецот зад камерата Ален Маркоен, човекот што редовно соработува со браќата Дарден, чии филмови се секогаш едни од најочекуваните меѓу филмофилите, и секако, редовно наградувани на фестивалите. Камерата на Маркоен, можеби поради соработката со дебитант на шефовската позиција, сепак не ни дава печат на мајстор чие умеење неретко ни дава информација и за она што се наоѓа зад филмските слики.

Како и да е, смелиот обид на Митевска да се коментираат актуелните настани кај нас на социјален и политички план наиде на поделени мислења. Тоа значи дека во филмот има нешто, односно, дека во никој случај нема да ве остави рамнодушни, но слабостите во сценариото, како и недефинираниот режисерски пристап, за жал, се недостатоците и на овој македонски долгометражен филм.

(Освртот е емитуван во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 54, и заедно со воведниот текст е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)       

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *