Деновиве од печат излезе нова книга во издание на ИЛИ-ИЛИ. Се работи за преводот на романот „Кога светлината згаснува од Ојген Руге, како 193 наслов во популарната едиција „ПРОаЗА“. Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова, илустрацијата на корицата и дизајнот се на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е помогнато од книжевната мрежа „ТРАДУКИ“.
Од годините на егзил, преку годината на падот на Берлинскиот ѕид, па сѐ до новиот милениум се протега историјата на едно германско семејство раскажана во романот на Руге. Приказната нѐ води од Мексико преку Сибир сѐ до новооснованата ГДР, прикажувајќи ни ги големите достигнувања, но и падови на 20. век. Така настанува една широка панорама, еден голем роман за Германија, кој раскажан толку човечно и на моменти смешно, ни овозможува да ја доживееме историјата како семејна историја.
Во средиштето на овој роман се прикажани три генерации: бабата и дедото, комунисти по убедување, кои се враќаат од мексиканскиот егзил дома во ГДР, за да придонесат во градењето на новата република. Нивниот син, кој како млад маж побегнал во Москва и подоцна бил транспортиран во сибирски логор, го започнува патувањето од другиот крај на светот, од Урал. Се враќа во малограѓанското опкружување со својата руска сопруга, и верува дека може да ја промени оваа нова република. На внукот по извесно време му станува претесна избраната татковина на родителите и бабата и дедото – и токму на деведесеттиот роденден на патријархот, заминува на запад. Блескавата моќ на политичката утопија изгледа како да се замрачува од генерација до генерација: тоа е времето кога светлината згаснува.
Критичарите за романот се едногласни, дека се работи за книжевно ремек-дело:
„Овој роман за ГДР ја поседува големината на Буденброкови на Томас Ман.“ Ди Цајт
„Времето е зрело за овој немаскиран, смешен и чувствителен поглед врз историјата.“ Зидојче Цајтунг
„Пулсирачко, вибрирачко, возбудливо дело со огромна обликувачка фантазија, необично чувствително и пред сѐ со остар хумор… Овој роман ни покажува дека од урнатините на источниот блок може да порасне нешто што ја има силата да го надживее.“ Њујорк Тајмс
Ојген Руге е роден 1954 год. во Сосва (Урал). Студирал математика на универзитетот „Хумболт“ и подоцна работел во централниот институт за физика. Пред да замине од ГДР на запад во 1988 год. работел и во студиото за документарен филм „ДЕФА“. Од 1989 год. работи за повеќе театри и радио-станици како автор и преведувач. За својот прв ракопис „Кога светлината згаснува“ во 2009 год. ја добива наградата „Алфред Деблин“, и подоцна, во 2011 год., за истиот роман, најпрестижната германска награда „книга на годината“ (Deutscher Buchpreis).