Еден од најчудните/најинтересните/најбизарните/нај/нај/нај… настани, како сакате насловете го, се случи пред десетина години во њујоршкиот Музеј на современа уметност (МоМА), кога познатата актерка Тилда Свинтон реши јавно да спие, пред публиката, реализирајќи го проектот насловен „The Maybe“. Во оваа инсталација, Свинтон спиеше во стаклена кутија по шест-седум часа на ден, нудејќи интимно искуство во живо кое ги брише границите меѓу јавниот и приватниот живот.

„Перформансот“ се случуваше ненајавено и се одвиваше во случајно избрани денови, веројатно кога актерката не беше зафатена со својата основна професија – глумата. Изложбата ги канеше гледачите да размислуваат за темите на ранливоста, набљудувањето и немилосрдното минување на времето.


Инаку, оваа перформанс-инсталација првично беше изведена во Лондон и Рим во 1995 година. Но „Можеби“ привлече најголемо внимание меѓу посетителите во „МоМА“, предизвикувајќи ги традиционалните поими за уметноста со позиционирање на едноставниот чин на спиење како длабоко истражување на човековото постоење, и односот помеѓу набљудувачот и набљудуваното притоа.



