Синоќа стартуваше новото издание на угледниот филмски фестивал во Торонто, Канада, каде вечерва продолжуваат возбудувањата со веројатно најочекуваната премиера годинава, онаа на филмот „Франц“ на полската режисерка Агњешка Холанд. Се радувам што после три ипол децении некој се нафати да се наврати на приказната за омилениот Франц Кафка, откако во 1991 година Стивен Содерберг сними незаборавно црно-бело ремек-дело со Џереми Ајронс во главната ролја, во кое суптилно се испреплетуваат биографските елементи од животот на писателот со фикцијата од неговите класици како „Процес“, „Замок“ и се разбира, „Америка“.

Кога во 2017 година гостин во Скопје ни беше писателот Мариуш Шчигел, познат по книжевната репортажа, на промоцијата на романот „Готленд“ беше запрашан зошто тој, Полјак, напиша книга за Чешка. Краткиот одговор беше: „А зошто да не!?“, а во поширокото образложение влегоа елементите како љубовта и почитта кон соседот, како и културолошката блискост која ја негуваат двете земји.
Веројатно истиот критериум би важел и за полската режисерка Агњешка Холанд, се разбира, надополнет со нејзината љубов кон ликот и делото на Кафка. Авторката на „Европа, Европа“ која зад себе има неверојатни преку 40-тина филмски наслови, пред крајот на својата кариера реши да се/не’ почести со филм за кој, според навестувањата, уште долго ќе се зборува.

Сценариото за филмот, покрај Холанд, го потпишува Марек Епштајн, базирано според приказната на Епштајн и Мајк Дауни. Снимањето започнало на 12 април 2024 година во Прага (а каде на друго место!?), а екипата кон крајот на мај се префрлила во Берлин. Актерот Идан Вајс го игра легендарниот писател, а во другите улоги настапуваат Џеновева Бокова како Милена Јесенска, Себастијан Шварц како Макс Брод, Катарина Старк како Отла Кафка…

Според најавите, филмот е реализиран како калеидоскопски мозаик, и го следи Кафка од тинејџерските години во Прага, па се’ до неговата смрт во Виена по Првата светска војна. „Франц“ ќе ѝ даде на публиката сосема нова перспектива за животот на човекот зад книжевниот гигант, велат оние колеги кои ја имале таа среќа претпремиерно да го гледаат филмот. По премиерата во Торонто, следи европската премиера на филмскиот фестивал во Сан Себастијан кон крајот на месецов.
Што да ви кажам, освен, CAN’T WAIT!!! Дотогаш, бујрум трејлерот 😉
