Кон романот „3 минути и 53 секунди“ од Берт Стајн

Добровечер, благодарност за поканата вечерва да кажам збор-два за книгата која се надевам дека веќе сте ја прочитале и сте уживале во неа. Доколку не, ќе се обидам да ве убедам што побргу да го сторите тоа. За да бидам јасен и прецизен во мислата, напишав еден не многу долг текст кој ќе го прочитам, и кој се надевам дека ќе ви се допадне.

Моето обраќање вечерва ќе биде лично, како што впрочем е лична и самата книга на Бранко, со индикативен наслов 3’53”. Кога стигна малечката по формат, но голема во срцето книга во книжарницата ИЛИ-ИЛИ, видов едно необично издание, башка и со псевдоним за кој прво мислев дека е оригинално име на некој странски автор, односно, дека се работи за превод на некое дело. Веднаш почнав да ја читам книгата и уште од прва, многу ми се допадна концептот и пишаното внатре. Секако, веднаш сфатив дека се работи за наш автор и за нашето Скопје, и тоа уште повеќе му даде значење на текстот. И откако по пар денови во книжарница дојде Бранко и ми кажа дека дека Берт Стајн е токму тој, целата приказна се заокружи на убав начин.

Ќе бидам искрен, за момент ми беше ужасно криво што јас не ја напишав оваа книга, што е секако емоција на која бргу и ги скратив крилјата и не и дадов можност да се развива.  На крајот од краиштата, најважна е приказната која останува и која се споделува со читателите, а таа, барем на мене, иако со Бранко се знаеме одамна, можеби не толку добро, но, ми откри за неговото сараевско минато, за неговите семејни, социјални и адолесцентски премрежија низ кои поминувал, така преку книжевноста вовлекувајќи не во сторија во која на места се препознаваме. Токму тој момент на идентификација за мене беше доста важен, бидејќи иако Бранко својата интимна историја преку музиката ја започнува во Орвеловата 1984 година, сепак ударната декада во која ги дефинира и се обидува да ги канализира своите чувства се 90-те години на минатиот век, битни години и за мене и општо, за нашата генерација, кога земјава се осамостои, влеговме во период на транзиција која се уште трае, ситуација која придонесе тотално да се изгубиме во лавиринтите на хаосот во кој се најде државата, нешто што се обидов и самиот да го доловам, иако низ различни призма и ракурс, и во моите книги. Или, како што импулсивно му напишав на авторот во мејлот веднаш по читањето на книгата (сега самиот ќе се цитирам, чисто за да бидам пост-модерен и вербално метатекстуален): „Имаш едно големо ФАЛА од мене, бидејќи во книгата како да го читам сопствениот историјат во Скопје преку залудноста на градов, дремењето, бесперспективноста итн, итн, низ сето она низ што поминавме во 90-те години, секако, слушајќи еден куп фина музика која ни го менуваше и колку-толку не одржуваше во живот.         

Значи, една од битните компоненти, музиката на пиедестал, како прочистувач, иницијална каписла да се навлезе во материја на себе-преиспитување, овој пат од дистанца, во однос на тоа што сме направиле, или, како сме требале нешто да направиме, да го насочиме својот живот, и колку и дали сме успеале во тоа. И сето тоа да биде за ситуацијата овде и сега, што всушност е и една од поентите со книгите, и генерално, со уметностите, да се долови духот на времето во кое си умирал/живеел, а тоа Бранко, совршено го скоцкал во оваа мала, но голема книга.

Уште една од работите која особено ме радува во книгата е што авторот успеал да создаде една културна мапа на градов преку местата во кои излегувавме во 90-те, за да остане запишана за век и веков. Низ места како чајџилниците САМ и Багдад кафе во Безистен во Старата скопска чаршија, Менада, или тогашно Дали,  култното Дорс, Пони во Парк, Њу ејџ, Мјузик гарден, Медиум итн, ние растевме, созревавме и се надевам се најдовме себеси во хаосот кој ни го понуди овој злобен и прекрасен град Скопје.

И на крајот, му споменав на Бранко, иако знам дека е пофраерски да се пишува под псевдоним, сепак, да сум на негово место, 3’53” би ја потпишал гордо, со полно име и презиме БРАНКО ПРЉА. Сепак, и авторот си има свои причини зошто е тоа така, кои, секако, треба безрезервно да се прифатат. Како и да е, уживајте во романот на Берт Стајн, и посакувам оваа книга да биде инспирација за многу други кои на искрен начин, како во оваа книга овде, ќе пишуваат историјат за нашиот град и за нашето живеење во овие луди години, низ ракурсот на музиката, филмот, ноќниот живот, субкултурата, љубовта кон плочите, уметноста… Живели!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *