Овој филмски наслов веројатно многумина ќе го поврзат со легендарната книга „Животинска фарма“ на англискиот класик Џорџ Орвел. Тоа е секако далеку од вистината, но сепак постојат две лабави допирни точки што се наѕираат и во двата случаја. Првата, и поочигледната, се крие во епитетот „животинско“ во самите наслови, кој во „фармата“ ја опишува неминовноста од создавањето на хиерархиски систем во затворениот круг на општествените вредности, додека истото „анимално“ чувство во „фабриката“ се наметнува преку животот во слична таква, но по обме помала институција со конкретни задолженија и обврски – затворот.
Втората паралела е сонародништвото на двајцата „животински“ автори и нивната преокупација со навидум слични теми во различни историски периоди, користејќи ги медиумите на литературата, односно филмот. Ако Орвел бил силен критичар на комунизмот и прекален заштитник на капитализмот, тогаш Бушеми на потсвесно ниво си игра со затворската тема и на пдреден начин повторно, како и Орвел, ни раскажува приказна за институцијата која, на одреден начин, е организирана според „комунистички“ принцип (сите затвореници се еднакви… и невини), но во неа царуваат законите на капиталистичкото право кое, и покрај извиканата совршеност, постојано генерира зголемување на криминалот низ улиците на американските градови.
Но, да го оставиме конечно Орвел настрана и да му дадеме простор на режисерскиот проект на најзначајниот споредноулогаш во 20 век, г-нот Бушеми. По безбројните актерски настапи во филмови со сомнителен, но и врвен квалитет, неговото име стана вистински актерски авторитет. Таквата позиција во 90-те години му дозволи да го вкуси и режисерскиот занает со симпатичниот првенец „Trees Lounge“ (1995), а со актуелниот филм само ја зацврстува таа позиција.
„Животинска фабрика“ е непретенциозна приказна раскажана на многу искрен начин. Сижето се дистанцира од сите досегашни филмови на слична тема, со што од старт им ослободува простор за креација на режисерот и на актерите. Дека Бушеми комплетно го совладал и режисерскиот занает гледаме во текот на целиот филм, кој се фокусира на меѓучовечките односи во затворот, сето тоа надополнето со одличниот кастинг и, по правило, фантастичниот саундтрак на ветеранот Џон Лури, стариот пајташ на Бушеми.
Рон Декер (Едвард Фурлонг) е 21-годишно момче кое на правосудниот систем на САД треба да му послужи како пример дека младата популација, и покрај поседувањето на мало количество дрога, може лесно да заглави зад решетки. Неговата затворска судбина се поврзува со Ерл Копен (Вилијам Дафо), кој по 18 години робија веќе е одомаќинет во внатрешноста на ѕидиштата. Неговата суверена контрола врз сите акции во затворот, најчесто ситни дилови со наркотици, го прават неприкосновен крал меѓу затворениците.
Препознавајќи се себеси на млади години, Ерл го зема Рон под своја закрила. Главна фора во филмот е дали Рон ќе му стане „девојка“ на Ерл, но овој сепак има искрени и чесни намери. Заедничката вмешаност во неколку инциденти ја продлабочува нивната врска, притоа отворајќи нова територија за провокација, прашањето на затворската латентна хомосексуалност. Но Бушеми одлично ја избегнува таа стапица само површно кокетирајќи со таа можност, но и уфрлајќи го ликот на трансвеститот (Мики Рурк) како цимер на Рон, чија театралност не’ уверува во нешто сосема друго. Како шлаг на тортата е бегството од затворот на Рон со помош на Ерл, чија татковска фигура сепак му помага на младиот човек повторно да ја вкуси слободата и да не заглави како него со години во ќумезот.
На крајот, повторно „Бушеми-психологија“. Разликата меѓу актерот и режисерот Бушеми е во тоа што примарниот (актерот) повторно игра споредна улога дури и во филмот што самиот си го режира, со малку посериозни црти на лицето веројатно плашејќи се од авторитетот на секундарниот лик (режисерот). Секако, тоа не е доказ дека актерот Бушеми губи концентрација и почнува да се однесува снобовски, сонувајќи за некоја покомерцијална улога на големото платно. Напротив. So, long live Steve Buscemi!
@Текстот е објавен во октомврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.