Рецензија, „Крај-пат“

пишува: Милан Дамјановски

Игор Анѓелков е една од најурбаните појави  на нашите простори во последните две декади,  особено како личност која ги проследува, презентира, но и креира  настаните и тенденциите на културната сцена низ повеќе медиуми. Најдобро е познат преку неговата работа на емисијата Филмополис  на ТВ Телма, но и во неговата издавачка куќа Или-Или,  во чии рамки тој секогаш се истакнувал со истенчен вкус за промовирање на една  урбана и современа естетика.  Во текот на овие години тој пред македонската јавност се има претставено и со збирки раскази кои ја продолжија оваа негова урбана нишка. Заради сето тоа, претставува вистинско задоволство  и предизвик да се соочиме со неговиот прв исчекор во романексна форма, романот „Крај-пат“, кој излезе од печат на крајот од 2010 г.

Игор Анѓелков е дел од генерацијата која без своја вина порасна и се изгради во една држава и систем на вредности, за својата младост да мора да ја помине во непрестајната транзиција кон посветла иднина. Таа генерација вечно се наоѓа на крстопат, ако веќе не е замината на далечен пат подалеку од  нашата земја и се што се случува во неа. Неговиот роман „Крај-пат’ е токму приказна за луѓето и генерацијата која реши да остане, една рокенрол генерација поделена меѓу американскиот сон за поубава иднина и турбо фолк кошмарот на реалноста.   Генерација која е оставена крај пат да чека и да живее во еден  речиси Линчовски лимбо чекајќи нешто да се случи.

Центарот на оваа приказна е едно семејство составено од три генерации: родителите кои се жртви на транзицијата, Братот кој сеуште се обидува да живее во хедонизмот кој ги означи 90-тите, како и херојот на романот кој чека нешто да се случи, поминувајќи го времето во локалната книжара и со девојката од соседството. Во  оваа атмосфера и врз судбината на овие ликови Игор Анѓелков  ја гради својата приказна, со  еден лесен и навидум едноставен филмски ракурс, исполнет со кратки глави-сцени каде што читателот како со камера го следи дејствието. Леснотијата произлегува од  навидум  едноставниот јазик  со кој се води приказната, но кој во себе содржи комплексна симбиоза на повеќе жанрови и  културни референци.  Освен веќе споменатиот филмски дискурс, тука меѓусебно сопоставени се рокенрол естетиката, on the road филозофијата, книжевната интертекстуалност, негативната утопија, ненаметливата фантастика… кои се мешаат со типичните случувања од нашето секојдневие, создавајќи една модерна алегорија за нашиот град и нашето време. Во него може да препозанеме многу урбани ликови и теми, како  книжарот Буковски или цртачот на стрипови Дилан, кои се симболи на еден подзаборавен начин на живот, како и фонот на новиот бран на југословенскиот рокенрол од  80-тите години. Но, тука е и неодминливиот Странец, кој злосутно е присутен во сенка,  симбол на новиот капитализам кој ветува вечен живот, но без човечноста која го прави животот вреден за живеење.

„Крај-пат“  е приказна за изневерување на сонот на постарата генерација, олицетворена во разочарувањето на Стариот и Мајката од новото време,  напуштањето на животниот сон на Братот, како и стравот да се следи сонот од страна на главниот лик. Сите тие се оставени да егзистираат  крај пат, да вегетираат, се додека не го доживеат својот личен бродолом.  Да завршеше тука приказната,  овој роман би се претопил во сивилото на повеќето од романите и филмовите во последните две децении чија опсесија беше негативната страна на нашето општество. Тоа што го разликува Игор Анѓелков и го чини овој роман вреден за читање е што на јунаците на неговиот роман им нуди излез и валидација на нивната егзистенција. Родителите нејзе ја наоѓаат во  силата на семејството и семејните вредности да произведат здраво и самостојно потомство, а Братот, симболот на изгубената пионерска генерација, својот спас, глас и идентитет конечно го наоѓа во искреноста на музиката – рокенролот. Главниот лик, конечно, решава да излезе од својата летаргија, наоѓајќи го својот спас во тој американски симбол на слободата, моторот и отворениот пат, но не пред да ја најде силата за тоа преку љубовта кон девојката од соседството, Маша. Тој пат е со незвесна иднина, можеби  води и никаде, но како што вели крајот: „Но, зарем е тоа важно?.“

Тоа што е важно е дека со „Крај-пат“, Игор Анѓелков нуди еден роман со свеж пристап и поглед кон нашата реалност, критичен, но во исто време и облагороден со хумор и оптимизам.  Пред нас имаме автор кој без многу врева, но сигурно се наметнува на нашата книжевна сцена и на кој вреди читателите да му дадат шанса. Пред вас е роман кој ќе ве однесе  на еден интересен пат, а на нас останува да  видиме на какви авантури и патишта  неговиот мотор ќе го однесе во идниот период.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *