По повод излегувањето на неговата дебитантска книга, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“ во 2010 година, Александар Русјаков во едно интервју насловено „Пишувам раскази за љубовта“, изјави: „Често се навраќам на љубовта, зашто неа ја има насекаде околу нас, и само со љубов може да одиме напред и да успееме во тоа што го правиме“. Тој и во следните изданија за издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ продолжи книжевно, низ поезија и проза, да ја третира љубовта од различни аспекти, прилично автентично и со својствен стил. За жал, прекрасната книга „Тринаесеттиот месец“ која содржи шест приказни како дел од поголема целина, никогаш не доживеа своја завршна реализација, останувајќи само на првата замисла која се протега од јануари до јуни. Приказните од јули до декември не ја видоа светлината на денот поради други ангажмани на Русјаков, како и завршниот, тринаесетти месец. Сепак, добриот материјал секогаш наоѓа процеп во темнината. Првиот расказ, или новела (ако сакаме жанровски да ја тапиме), „Лена и Владимир“, деновиве можеме да го гледаме и на големото платно, во режија на дебитантот Игор Алексов. На тој начин фино се затвора кругот околу ова парче уметност.
„Му благодарам на она девојче од моето детство, растено во дом за деца без родители, за кое постојано зборуваа некои маалски насилници, нејзиното тажно детство беше првата капка од приказната наречена „Лена и Владимир“, која десетина години подоцна почна да се раѓа во мене, заради неа, Оливер Твист, убавицата и ѕверот и сето насилство кое моќните толку лесно го спроведуваат врз невините. Му благодарам на тоа девојче и силно се надевам дека денес е среќна жена, мајка на своите деца“, пишува Русјаков во прологот на првиот дел од „Тринаесетиот месец“, и на некој начин комплетно ја разголува целата приказна која можеме да ја прочитаме на првите помалку од сто страници, но и да ја видиме на големиот екран. Талентираниот автор на хартија ставил комплетно филмска приказна во која може да се препознаат сцените, монтажните резови и сето она што треба да го направи потенцијалниот иден режисер доколку дојде до екранизација на истата. Во сценариото за филмот Русјаков не требало ништо да менува, туку само нијанси и варијации на тема, и на Алексов не му преостанало ништо друго освен сето тоа да го реализира на интелигентен начин, за на крајот да добиеме гледлив филм, македонска варијанта на „Убавицата и ѕверот“ која периодов рамноправно се носи со останатата понуда во домашните кино храмови.
Препрочитувајќи го уште еднаш ракописот, предизвикот што пред себе си го постави потписникот на овие редови беше токму тој – да се препознаат допирањата, преклопувањата, но и можните отстапки од текстот во книгата преточени во филмскиот медиум. Тука, секако, во игра влегува умешноста на режисерот кој веќе замислените сцени треба да ги реши на тој начин да им бидат интересни и на помладите, но и на позрелата кино публика. Алексов тоа го прави со ефектни сцени каде нема потреба од премногу должење и пополнување на минутажа (лажните „сообраќајки“, сцената во кафулето, убиството пред крајот од филмот…), сето тоа надополнето со филмска музика која ненаметливо го надополнува филмското дејствие. Главен дел од филмот зазема градењето на односот помеѓу Лена и Владимир, и тоа бил основниот предизвик со кој морал да се соочи режисерот, бидејќи има премногу дијалог, понекогаш непотребен и долг, но сепак суштински за финална карактеризација на ликовите.
За жал, и сценаристот и режисерот се откажале од најкнижевниот, најфилмскиот и со тоа најсуштинскиот дел од приказната, сонот на Владимир. Одењето низ темнината во ходникот и чкрапнувањето на зипото, кое како заумен лајт-мотив се провлекува низ расказот, можел да биде многу ефектен момент и во филмот. Во тој случај нема да имало потреба од онаа предолга исповедна сцена во која Владимир надолго и нашироко ја раскажува својата животна приказна, туку таа веќе би била суптилно навестена, со што крајниот резултат би бил далеку поефектен, а не прозаичен.
Добра страна на филмот е хуморот кој се провлекува низ дијалозите, и воопшто, ведрата страна на човековата егзистенција. Тоа го вели и Лена во една прилика. Таа иако е злоставувана во Домот за штитеници, сепак вели дека сака да живее од светлата страна на улицата. Тоа ја детерминира и актерската интерпретација на Сара Климоска, која морала да го најде балансот меѓу темната и светлата нијанса на ликот кој го игра. Од друга страна, пак, Тони Наумовски е позитивното изненадување, имајќи ја предвид неговата карикатурална улога на боксерот во филмот „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски од 2011 година. Владимир како лик, сепак, е поголем залак, и Наумовски успева да се носи со него.
Кога сме веќе кај актерите, неколкуте сцени со претставниците на постарата генерација се навистина брилијантни. Додека ликовите играни до Петар Мирчевски и Благоја Чоревски „си ги мерат“ на маса, разрешувајќи една стара болка, оној на Кирил Коруновски е сеирџијата, додека на Петар Арсовски – судијата. Тие се Македонија во мало и функционираат како Совет на мудреци! Оваа четворка успева со својата духовитост да внесе додатен шарм во сижето, а на крајот да биде и клучна за разрешувањето на приказната.
И покрај тоа што главната линија ја следи (тинејџерската, родителската, платонската) љубовта меѓу Лена и Владимир, сепак, истоимениот филм во позадина зборува и за нефункционалноста на системот, со фокус врз најранливите категории, оние во Домот за деца без родители, кои се злоупотребувани токму од тие кои, всушност, треба да ги заштитат. Затоа се чини дека е успешна замислата Лена да се претстави како дете со човечки лик, со свои соништа и фантазии, вадејќи ја од мракот каде егзистираат политичките стаорци. „Не смееш да ме убиеш, јас сум власт“, вели ликот игран од прерано починатиот актер Луран Ахмети, а Јово (Мирчевски), со пушката вперена во неговот лице, му возвраќа (парафразирам): „Што знае старецот за тие работи?“ Бенг!!! Со тоа само се потврдува дека „без старца нема ударца“. Но, и кога реално ќе се погледне, младите како Лена и онака одамна заминаа од ова мочуриште, а нашата судбина ја решаваат токму пензионерите со чии гласови се трасира иднината на оние кои останаа овде и продолжија да се борат со ветерниците. За жал, најголемиот процент од постарата генерација одамна го има заборавено конопот како дел од традицијата на нивните предци. Општествена деменција наместо опуштање. Јбг.
Овој осврт кон филмот на Алексов и Русјаков ќе го заокружиме со најубавата сцена, онаа со пеперутките. Кога магичниот реализам на јужноамериканската литература ќе се сретне со аватарот Маурицио од Маркесовиот роман „Сто години самотија“ во нашата Лена, тогаш добивате една раскошна градина со цвеќиња која функционира и кога во надворешниот свет владеат војни и постојана зима. Во тој свет се’ е можно, па дури и Роналдињо нежно да жонглира со клиторис.