Да живее царот!

После многу декади во кои споменувањето на референцата „руски филм“ кај добрите познавачи на филмот водеше единствено до најбитното име на таа страна од светот, легендарниот Андреј Тарковски, во последниве десетина години, конечно, може да се размислува и во друг правец, бидејќи руската кинематографија никогаш не била во подобра форма. Оваа констатација се потврдува со низата нови режисерски имиња меѓу кои се издвојуваат Александар Сокуров и Андреј Звјагинцев, чии прекрасни филмови собраа еден куп фестивалски награди низ светот, повторно враќајќи ја руската стварност на сребрениот екран. Тоа, од друга страна, ги поттикна и малку поискусните од нив да се вратат во стариот колосек, да заземат гард и во борба со новите технологии и правила на игра многу позрело да ги реализираат своите нови возбудливи филмски приказни.

Еден од нив е режисерот Павел Лунгин, кој уште од провокативниот првенец „Такси блуз“ (1990) снимен во предвечерјето на распадот на Советскиот сојуз, се потрвди како исклучително талентиран автор. Многумина сметаат дека неговиот филм „Остров“ од 2006 година е вистински легитимен наследник на култниот филм „Андреј Рубљов“. Актерот Петр мамонов едноставно брилјира како „видовитиот“ монах Анатолиј, и можеби тоа го натера Лунгин да ја повтори соработката со него, овој пат во историскиот спектакл насловен „Цар“, во кој Мамонов, повторно на маестрален начин, ни го доловува големиот руски владетел Иван Четвртиот, попознат како Иван Грозниот.

Приказната сместена во мрачниот 16 век раскажува за царот кој смета дека е „избран од Бога“ и дека зацртаната мисија мора да ја спроведе до крај. Меѓутоа, на патот му застанува Патријархот Филип, негов долгогодишен пријател, кој има сосема различна визија за функционирањето на светот. Во сиот тој хаос, во кој летаат главите на знајни и незнајни јунаци, режисерот инсистира на прикажувањето на падот на моралот и правдата, во кој световното и духовното тотално ги губат допирните точки. Бидејќи и во денешно време имаме случаи во кои носителите на власта се поставуваат во апсолутистичка позиција, филмот добива подлабоко значење, иако директната алузија оди на сметка на репресивната сталинистичка Русија.

Фантастично визуелниот „Цар“ премиерно беше прикажан на годинашниот фестивал во Кан, во втората по вредност селекција „Извесен поглед“, а на 30 издание на „Браќа Манаки“ директорот на фотографија Том Стерн, чија работа претежно е поврзана со филмовите на Клинт Иствуд, сосема заслужено ја доби „Сребрената камера 300“ од жирито. Така е кога ќе проработи руско-американската врска, Браво цареви!

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 27 октомври 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *