Кон „Наполеон“ на Ридли Скот

Холивуд на крајот од годината редовно нуди по некој спектакл на големото платно. На крајот од оваа, 2023 година, честа и‘ припадна на старо-новата приказна за една од најмаркантните историски фигури во минатото, Наполеон Бонапарта. Има неколку интересни работи за кои може да се држиме во овој проект, а во текстот ќе се занимаваме со три од нив: првиот, истоимен филм во филмската историја од 1927 година, изборот на Оскаровецот Жоакин Феникс за улогата на францускиот војсководец, и секако, актуелната (доцна) фаза од творештвото на режисерот Ридли Скот. Читањето на текстот нема да трае два ипол часа, колку што трае филмот, но бара внимателно исчитување 😉

Кога објавија дека се работи на нова екранизација на приказната за Наполеон, мислите ми тргнаа кон првиот филм за него од далечната 1927 година, кој го гледав некаде во студентските денови, кога голтавме се’ на што ќе наидевме како вредност од филмската историја. Но, сум заборавил дека оваа првична верзија трае не два ипол, туку полни пет ипол часа. Што е многу – многу е, дури и за пасионирани филмофили, но сепак, си дадов предизвик повторно да ја изгледам верзијата на Абел Ганс за да имам добра основа за проекцијата на филмот на Скот, и секако, за овој текст.

На почетокот од 80-те години историчарот на седмата уметност Кевин Браунлоу, по долги истражувања, успеа да ја „ископа“ оригиналната верзија на филмот која трае преку пет часа, и која, освен на премиерата во 1927 година, потоа никогаш не е прикажана во таа должина, туку само онаа, пократко измонтираната верзија на филмот. Потоа во игра влегол големиот Френсис Форд Копола, чија идеја била реставрираниот филм да се прикаже со изведба на оркестарска музика во живо, компонирана од неговиот татко, Оскаровецот Кармин Копола („Кум“ 2). И така, „Наполеон“ на Абел Ганс од 1927 година својата повторна светска премиера ја доживеа во Америка пролетта 1981 година, интересно, додека режисерот се’ уште беше жив. Тоа беше достојно оддавање на почит на една од легендите на француската и светската кинематографија, кој, за жал, почина во ноември истата година.

Роден како непризнаено дете од таткото-физичар и мајка работничка, Абел преку образовниот процес бил насочуван да се занимава со право, но неговата страст кон театарот ќе сака на 19-годишна возраст за прв пат да застане на сцената во Брисел, а по враќањето во Париз да игра и во популарната претстава „Молиер“ (1909). Сето натаму е историја, која вели дека Ганс од театарот се префрлил на новата, (по)возбудлива филмска уметност, и во својата кариера снимил над 50 остварувања. Враќајќи се на првиот „Наполеон“ и мојата желба повторно да го изгледам, наидов на уште понова и „поиспеглана“ верзија на филмот од двеилјадитите, откако во реставрационата игра со уште поновата технологија се вклучил и Британскиот филмски институт. Во случајов како композитор на музиката фигурира името на Карл Дејвис (1936), чиј потпис стои зад реставрираните легендарни филмски наслови како Чаплиновиот „Светлината на Велеградот“ и антологискиот „Генерал“ на Бастер Китон.

„Би сакал да бидам свое потомство, да бидам сведок на она што еден поет би сакал да го мислам, чувствувам и да го кажам“. Со оваа мисла на Наполеон започнува Гансовото пет ипол часовно патување во утробата на Бонапарта, секако, со сите оние долги непотребни сцени во кои актерите глумат и преглумуваат, и тоа трае и трае и трае… во недоглед. Можеби интересно за публиката во 1927 година, но не и денес 🙂 Сепак, филмот на Ганс има јасна визија и цел – да ги лоцира можните моменти кои од малиот Бонапарта направиле голем војсководец. Затоа филмот се занимава со неговото детство и воената кариера во млади години. Во првиот час од филмот гледаме една бенигна војна со топки на децата во француското училиште, каде режисерот ни ја претставува неговата одлучност за борба уште од мали нозе, претставувајќи ги и неговите подоцнежни ривали низ животот. На истата оваа невина детска игра во снегот Ганс ќе се наврати подоцна, кога Наполеон ќе ја извојува својата прва голема победа на военото поле. Другиот емотивен училишен момент е потценувањето на островот Корзика на часот по географија, каде наставникот вели дека се работи за полуцивилизиран остров. Наполеон во својата тетратка ќе запише дека тоа е најубавиот остров на светот. При крајот на сцената, на училишната табла осамнува и името на островот Света Елена, на кој Наполеон многу децении подоцна ќе го заврши својот живот.

Сега веќе девет години подоцна, Наполеон како млад артилериски официр е сведок на турбулентната француска револуција, каде на злогласната гиљотина летале глави на сите страни. Токму од тој момент започнува и новиот филм на Ридли Скот за францускиот војсководец, кому не му е сеедно што својата земја ја гледа во хаос. „Луѓето се наивни и подводливи“, смета Бонапарта и во двата филма, и лека-полека кај него се буди искра светлина дека би можел да излезе на крај со хаосот во Републиката конечно носејќи и’ слобода, а не само декларативна преку паролата „Слобода, братство, еднаквост“.

Абел Ганс до крајот од првата половина на филмот се занимава со растот на Наполеон откако успешно ги брка Британците од пристаништето во Тулон, од каде Ридли Скот и ја продолжува својата приказна на почетокот од филмот. Ганс потоа ја воведува заносната Жозефин во игра, љубовта на неговиот живот, на која Наполеон и’ испратил безброј писма во кои и’ се исповедал како се чувствува како човек, како маж, како лидер на фронтот… Врз таа основа, пак, Скот го гради речиси целото сиже во актуелниот „Наполеон“. Абел Ганс својот филм го финишира со една од првите битки на фронтот, делејќи го екранот на три еднакви делови со коцкички (сино-бело-црвена триколорка), каде паралелно го гледаме ликот на Наполеон и неговата визија за дисциплинирана воена организација, на Жозефин која нетрпеливо исчекува љубениот да и’ се врати, и војската која се мотивира да ја освои распарчената и поделена Европа. Скот од тука натаму, пак, како неформално надоврзување на визиите на Ганс, продолжува да следи се’ што му се случува на новиот француски крал, кој ќе ги преземе работите во свои раце, иако не секогаш на задоволство на луѓето околу него.

Ридли Скот ми е еден од омилените режисери. За мене ќе беше сосема доволно човекот да се пензионираше по снимањето на „Alien“ (Осмиот патник), а особено по „Блејдранер“. Но судбината сакаше ова типче, чиј помлад брат Тони Скот исто така имаше неколку забележителни наслови („Топ ган“, и особено хитот „Вистинска романса“…) да биде воркохолик, и и покрај тоа што веќе има 86 години, тој се’ уште сака да „гази“ во филмската индустрија. Колегите велат дека „мора“ да работи нешто, да биде на филмски сет, зашто, како што велеше колегата му Вуди Ален, „ако не снимам, ќе полудам“. Ридли за следната година веќе најавува уште пет нови филмски проекти, меѓу кои и продолжението на „Гладијатор“. Лудак! Но, да се вратиме на актуелниот „Наполеон“. 

„Теророт е правда!“, извикува Робеспјер од говорницата во 1789 година, и ја праќа Марија Антоанета директно на гиљотина. Пресечената глава на кралицата која сакаше да им дели колачи на своите сограѓани како влез во во новиот „Наполеон“ изгледа прилично атрактивно. Следи споменатата борба во Тулон и уште една ефектна сцена со топовското ѓуле и распарчувањето на телото на коњот на војсководецот. Брзото искачување како на „филмска лента“ во хиерархијата на својата земја одеднаш го носи Бонапарта во Египет. Сјајни се сцените во пустината, каде век и половина подоцна славниот џезер Луј Армстронг ќе и’ свири на својата драга малку музика пред Сфингата (извинете за малата дигресија 😉 ).

Како и да е, впечатокот е дека филмот на Скот хронолошки ја следи приказната за еден од најголемите воени стратези на сите времиња, но како да ја нема онаа големина на еп на кој потоа уште долго ќе се сеќавате. Се’ е сведено на одлични сцени, помеѓу кои ја следиме немоќта на Наполеон пред својата љубов, како и на неговата моќ пред поданиците. „Ти си ѕвер. Ти си ништо без мене, само еден обичен насилник“, му вели Жозефин и поентира дека љубовта, колку и да звучи клишеизирано и прозаично, го движи светот. Во случајот со Наполеон, таа е суптилно надградена со неговиот патриотизам кон Франција, кој сепак не е од оние заслепувачките, бидејќи сценаристот Дејвид Скарпа успеал да го амортизира и да го донесе на подносливо човечко ниво. Затоа последните зборови на Наполеон на фаталниот остров Света елена биле: „Франција… војска… Жозефин“. Доволно за цел еден живот, со 71 битка и 3 милиони жртви зад себе.

И секако, на крајот, но не и помалку важно, за вакви грандиозни проекти половина и повеќе завршена работа е доколку добро се одбере актерот кој ќе одигра ваква важна улога. По Оскарот за улогата во вознемирувачкиот „Џокер“, помладиот брат на легендарниот Ривер Феникс е сосема логичниот избор за улогата на Наполеон, затоа што во моментов навистина не гледам друг актер кој би можел да го игра некогашниот француски крал. Автентичната лузна над горната усна на Жоакин конечно си го најде своето вистинско место и употребна цел, како и познатото лудило во неговиот поглед како додатна вредност кон карактерот кој го игра. Познати ни се оние мали луди потези на Феникс во другите филмови кои ги прилагодува и за потребите на овој филм. Тоа се тие мали детали во кои ја препознаваме и ја сакаме неговата генијалност: откако добива покана од Жозефин, тој се трла со картичката околу вратот за да поприми од парфемот со кој е испрскана; тој постојано лудачки зјапа во неа; знае добро да молчи, непријатно долго, и тоа добро му прилега на лицето; почнува лудачки да ја бакнува пред за заврши церемонијата на олтарот; за секс сцените, ич муабет да не правиме 🙂 Навистина треба да го владееш актерскиот занает за да го доловиш променливото расположение кое го карактеризирало Наполеон, а за кое британскиот амбасадор во филмот изјавува: „Штета што така голем човек не е пораснат“. Жоакин умее да го стори тоа, во целост, до крај!

Освртот би го заокружил со една од крајните сцени во филмот, онаа со славната битка кај белгиско Ватерло, после која Наполеон заминува во историјата. Ефектните кадри одблизу ја покажуваат сета залудност на војната, сето страдање на човештвото, во моменти кога истото е загубено и не знае како да продолжи понатаму. Се надевам дека тоа е една од целите на филмот, кој се појавува токму во време кога на светската сцена се одвиваат две немилосрдни војни со многу невини жртви, на кои, за жал, засега не им се гледа крајот. „Судбината ми е посилна од волјата. Јас водам војна за мир, и за најдобрите интереси не само за мојата земја, туку и на цела Европа“, вели Наполеон. Впрочем, патот до пеколот е поплочен со најдобри намери, нели.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *