Во период од годината кога дури и во земја како нашата сонцето е само посакувана невидлива ѕвезда таму некаде, далеку во нашата галаксија, не е на одмет со мислите малку да се преселиме на некоја плажа, но плажа на која освен звукот на морските бранови и неоставрените желби проектирани во далечината на хоризонтот, ќе уживаме и во уметноста која еден посветен човек ни ја „подарува“ од срце.
Велшанецот Џон Формен си ужива во локалната плажа во текот на целата година, но за да му биде поинтересно, тој создава неверојатно прекрасни објекти од песок и камења. Тој уште од мали нозе собирал природни материјали како камења во разни големини, ситни камчиња и школки, и ги претвора во вртоглави универзуми врз песокта, така преуредувајќи ја плажата во галерија под отворено небо. Интересно, ниту една инсталација нема намера да биде трајна, туку таа е достапна за погледот се’ додека природата не си го направи своето, односно, додека не ја поклопи плимата.
Биографијата на Формен вели дека отсекогаш бил фасциниран од прекрасното крајбрежје и шумите. Денес тој соработува со самата природа создавајќи уметност на плажите што ги познава цел живот. Формен често пристигнува на избраната локација со идеја за тоа што сака да создаде, но неговите карпести формации и цртежите од песок често добиваат сопствен идентитет и живот.
За создавањето на вакви уметнички дела, велшкиот уметник може да помине и шест часа додека не стигне до посакуваниот резултат. Од вртлози кои предизвикуваат вртоглавици од убавина, до полумесечини, кругови и квадрати, неговата работа се протега низ песокта во волшебни формации кои често ги имитираат постоечките мотиви во природата. Некои парчиња изгледаат како шаблоните што се наоѓаат на самите школки, а други добиваат брановидни обрасци наликувајќи на трагите што брановите ги оставаат врз песокта.
Кога не користи пронајдени предмети, Формен едноставно црта во песокта. Тој ги архивира своите епски креации фотографирајќи ги одозгора, стоејќи на карпа која виси од брегот. Од кружни дизајни со шаблони до геометриски линии, секој извонреден цртеж во песокта претставува мало ремек-дело за себе.
Серијата „Sculpt the World“ на Формен може да се најде на неговиот Инстаграм профил, каде што тој ги споделува своите најнови креации на „land-art“. Неговата работа е доказ за убавината на природниот свет и уметноста што може да се пронајде и во наједноставните материјали насекаде околу нас.
Извор: https://hasanjasim.online/