Кон „Сестри“ на Дина Дума

Многу се радувам кога треба да пишувам текст за македонски филм кој ми се допаднал, а тоа, мора да бидеме искрени, и не е баш толку честа ситуација. Особено и поради фактот што се работи за дебитантски филм кој делува како да го реализирала веќе зрела и изградена филмска авторка. Ова го нагласувам бидејќи во последниве четири години како програмски селектор на Фестивалот на дебитантски филмови „КинеНова“ имам добар увид во регионалната и светска продукција на први и втори остварувања, и после сето изгледано, а имаше побајаги наслови на листата, можам слободно да констатирам дека „Сестри“ на Дина Дума е едно од најкомплетните остварувања кое имав можност да ги погледнам, и уште поважно, да го доживеам.

Една филмска рецензија може да содржи многу аргументи и согледувања во однос на филмското дело кое го третира, но ако сакаме да ја соголиме работата до крај, сепак најважно од се’ е дали тоа што сте го гледале на платното делува уверливо или не. Кај „Сестри“ несомнено одговорот е едно големо – ДА! Работата добива на тежина кога веќе знаеме дека се работи за прво целовечерно остварување на авторката, која, ни помалку ни повеќе, решила да се фати во костец со тинејџерските проблеми на растењето и созревањето, кои ги играат речиси неискусни актерки, и сето тоа во 90 минути да ни го претстави низ едно возбудливо патување на големиот екран. Резултатот на крајот е и повеќе од многу добар. Во тоа Дума сесрдно добила помош од косценаристот и монтажер на филмот Мартин Иванов, бидејќи без добри дијалози и разработена приказна ќе немате добри сцени, протагонистите ќе висат во воздух, а публиката ќе си замине од киното. Во случајов сето тоа, напротив, е претворено во успешна соработка на целата филмска екипа, чија креативност сосема го доловува тинејџ бунтот во оваа средина, каде младите и немаат многу алтернативи, а виртуелниот свет е единственото посакувано прибежиште на крајот од денот.   

Филмот започнува со сцена во водата, како метафора за чистата душа, онаа младешката, која влегува во период на животни турбуленции, кога на најголемиот дел од прашањата можеби и нема одговор, но се прави дека дефинитивно го знае. И генерално, водата како знак, или како авторски принцип, се провлекува низ целиот филм, некогаш во поинаков контекст, но генерално, како момент на прочистување и исцелување на главниот лик во приказната, која сака да исплива неколку километри во базенот за да си ги среди мислите. Со тоа Маја, маестрално одиграна од Антонија Белазелкоска, е еден вид модерна Делфина во македонскиот филм, која ги прифаќа сите предизвици на нејзината генерација, и која, нормално, расте во сосема поинаков контекст од оној во 70-те години на минатиот век. Таа има најдобра другарка, Јана (Миа Жиро), со која се навидум слични, но ѓаволот лежи во финесите, нели. Можеби таа пренагласена игра на екстремите, на црно и бело, на добро и лошо кај обата карактера на девојките, е единствената мала забелешка која може да му се даде на филмот.

Скопје во „Сестри“ е непрепознатливо до болка. Избрани се толку неутрални кадри, што автоматски на приказната и’ дава предност поради можноста со неа да се идентификуваат многу сродни души насекаде низ светот. Користејќи различни формати и успешно преминувајќи од реалниот во виртуелниот свет, филмот исто така супериорно ги разработува младешките теми како вината, уцената, врсничкото насилство, молчењето и себеиспитувањето, сето тоа низ прецизна вивисекција на класните разлики во општеството, кои се’ повеќе се продлабочуваат. Секако, Дума не морализира и ни го прикажува светот на тинејџерите онаков каков што е, брз и непредвидлив, особено кога се конзумираат забранети супстанци. Но, помеѓу, пленат многу ситни и мали нешта, како фактот дека главната протагонистка, и покрај тоа што се соочува со сериозни предизвици, се’ уште спие во истиот кревет со својата помала сестричка. Таа се бори за својот интегритет во односот со нејзиниот татко-таксист, кој забременил друга жена и ги напушта, на што нејзината другарка Јана само одбрусува: „Ма остави, сите машкии се идиоти!“.

Сепак, предизвикот над предизвиците е губењето на невиноста и „манипулацијата“ со таа ситуација меѓу своите врсници. Во оваа точка филмот на Дума се „бакнува“ со краткиот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој годинава својата премиера ја имаше на престижниот филмски фестивал во Кан. Но, за разлика од Апчевска, која имала пократка минутажа и можност за разработка на чувственото (интересно, повторно со Белазелкоска во главната ролја), Дума мудро ја гради атмосферата околу „темата над темите“ со многу потслоеви, чија сложеност потоа кулминира во конечниот расплет на приказната.

Многу ме радува што „Сестри“ не играл на картата на актуелниот јазичен импресионизам, па зборот „брат“ спорадично се појавува во говорот на тинејџерите, но не толку често како во реалното секојдневие. А уште повеќе ме радува тоа што младата Дума се нафатила да реализира една многу тешка и специфична тема, со која дури и многу поискусни филмаџии тешко би се справиле. Сепак, таа очигледно добро го познава пулсот на новата македонска генерација тинејџ бунтовници, бидејќи до пред неколку години и самата била дел од нив, и тоа искуство супериорно го пренела на сребрениот екран, за разлика од, да речеме, многу автори на детски сликовници кај нас, чија фасцинација од најчистото – детската перцепција на светот, се’ уште ја „возат“ од појдовна точка на сопственото возвишено „авторско“ его. Режисерката во случајов, освен што целиот филм го реализирала на сосема ангажиран начин, таа дури на моменти има и прекрасни авангардни решенија, како, на пример, самиот крај, кога со стоп кадарот во кој фигурира безизлезниот израз на лицето на Маја, успева да и‘ го долови целиот понатамошен живот, како константно бегство од самата себе поради гревот кој го сторила. Ваквиот пристап  на Дума во рамките на седмата уметност го препозна и жирито на светската премеира на „Сестри“ летово во Карлови вари, каде филмот ја доби Специјалната награда во селекцијата „Источно од западот“.  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *