Деновиве од печат излезе новото дело од работилницата на книжевниот мајстор Влада Урошевиќ, збирката раскази „Вонземјанки“, со поднаслов „Раскази од латинскиот кварт“, која пред читателите беше претставена на 18 април во киното „Фросина“ во МКЦ, со Гоце Смилевски како промотор. Ова е 221 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, со што професорот на прекрасен начин го заокружува креативниот период во кој ја доби наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ за книгата „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ (Арс либрис, 2022), а во меѓувреме Струшките вечери на поезијата објавија дека годинашен лауреат и добитник на „Златниот венец“ на манифестацијата е токму тој. Дефинитивно, ова е година на Влада Урошевиќ!!!
Добро се сеќавам, годината беше 1993, кога неколку месеци пред матурирањето излезе книгата „Големата авантура: Францускиот Надреализам“, која во издание на тогашна „Македонска книга“ ја состави и приреди Влада Урошевиќ. Во тие луди и пресвртни години на растење и созревање, изданието го дочекавме со раширени ум и срце, бидејќи се наоѓавме во период на експериментирање во различни области од младешкото постоење и егзистирање, и токму оваа книга беше наш есенцијален влез во светот на оностраното, надреалното, недопирливото, невозможното… Авторот на дланка ни ги „подари“ сите тајни на францускиот надреализам, кој и седум децении по неговото зачнување, се’ уште беше заводлив и не’ голицкаше да истражуваме онаму каде што дотогаш не се осмелувавме умствено да влеземе. Преку дефинициите, автоматските текстови, поезијата, раскажаните соништа и уште „неколку прекрасни трупови“ на славните претставници на движењето Андре Бретон, Пол Елијар, Луј Арагон, Рејмон Кено, Антоњен Арто, Жан Арп и останатите надреални махери, ги впивавме нивните светогледи без предрасуди и како никогаш дотогаш. Тоа изискуваше ургентно испишување на страници и страници надреализам во сопствен манир преку цртежи, песни, проза, отсонувани и посакувани соништа, кои потоа несебично ги споделувавме меѓу себе секогаш кога ќе се укажеше шанса за тоа. Триесет години подоцна, во рацете ја држам збирката раскази „Вонземјанки“ и се насладувам на нејзините приказни, во кои писателот со сето свое прозно мајсторство потсетува дека и еден век по раѓањето на Надреализмот, тој како никогаш досега е возбудлив, луциден и вселенски!
„Јас свесно го избегнував надреализмот во расказите, затоа што критичарите отсекогаш лесно ме поврзувале со него. Но во вкусот на овој град постои склоност кон бизарното“, изјави Урошевиќ на промоцијата на книгата, со што само потврди дека тој и Париз отсекогаш биле во љубовна врска, што се забележува и во другите негови дела од минатото, каде случувањата од/во француската метропола се провлекуваат како добар дух над приказната која се раскажува. И по половина век од неговиот студиски престој во Градот на светлината, тој решава да напише дванаесет раскази во кои, со големо задоволство патувајќи низ сеќавањата на тогашните доживувања, секако, погледнати од искуствена дистанца, успева да создаде книжевна целина на радост на неговите фанови, но и на поширокиот круг на љубители на пишаниот збор.
„Париз е поинаков град од сите други, тој е склон кон таинственото, непредвидливото“, потенцираше писателот, „а преку својот ракопис имав намера да се ослободам од минливоста на историското време кое не’ притиска, бидејќи, како што напиша Пруст, ништо не е изгубено ако човек ги зачувал спомените“. Секојдневната магија на Париз е дополнително позитивно обременета со периодот во кој како читатели сме сведоци на париските случувања сместени во бурните 60-ти години од минатиот век, заокружени со славната ’68 година, кога на улиците на велеградот се’ било можно блаодарение на студентските демонстрации на кои на паролите претежно биле испишани цитати токму од надреалистичкиот период.
Иако „Вонземјанки“ е колекција од раскази, всушност, на книгата може да се гледа и како на роман, бидејќи главниот истоимен лик како и авторот е носител на дејствието во сите приказни. Тој е Македонец, Балканец, но истовремено и Парижанец, бидејќи одлично се вклопува во меланжот од култури и цивилизации присутни на тоа поднебје, и кога се шета низ музеите, арондисманите и улиците низ секојдневниот ритам на градот, во безбројните паркови, згради, плоштади, станови, кафулиња, места за средби… „Вие сте истовремено и Христијани и пагани, затоа не ви веруваат овде“, му вели еден пријател на нашиот херој, кој и покрај таа „провокација“, гради доверливи врски со богатството од ликови меѓу кои доминираат оние олицетворени во заводливи жени од различни краишта на светот. Тој е заводник и шмекер затоа што знае дека љубејќи ги жените и опсипувајќи ги со страсни бакнежи, едноставно – нема што да загуби.
И ако во првиот расказ воспоставува врска со Адела потсетувајќи не’ на класикот Хенри Милер и неговата слатка љубовница Анаис Нин, веќе натаму ништо не е поставено на сигурна основа, бидејќи лудилото е единствената константа во меѓучовечко-љубовните односи на главните протагонисти. Лудата Нора во насловниот расказ „Вонземјанки“ не’ вовлекува во светот на Маите; Барбара како призрак меѓу сонот и јавето не’ втурнува во непрегледната Сахара каде на хоризонтот можеме да го насетиме и влијанието на вечниот стрип-пустолов Корто Малтезе; со Клео патуваме од навидум нефункционалната железничка станица Д’Орси до Шри ланка, а Ана Марија не’ наведува како читатели да учествуваме во небрежното убиство со ножот од опсидијан на ритуалните Ацтеки; „вештерките“ Марија и Тереза не’ транспортираат во суровиот среден век, како и привлечната Агата, љубителка на култот Сантерија; единствено романсата со Маите во расказот „Топли кроасани за појадок“ за момент не’ разнежнува и ни дава надеж дека сите овие привлечни жени не мора да не’ водат заедно со главниот лик во непрегледните царства на црните магии на Алистер Кроули, мистиките на бермудскиот триаголник и на Карлос Кастанеда, на Антарктикот со нацистички бази, затоа што Париз е сепак град на љубовта, францускиот јазик е јазик на чистата и безрезервна љубов, и покрај случувањата отаде ониричното.
Затоа, впечатокот кој ми се прикраде по читањето на расказите, ме наведе на стиховите на славните The Doors, кои твореа токму во споменатиот период, крајот на 60-те години, и чие тело на лидерот на бендот Џим Морисон и ден-денес почива на славните париски гробишта „Пер Лашез“. Имено, нараторот на расказите како цело време да сака да ги наведе париските жени од различна провиниенција да го милуваат главниот лик и да се обидат да го разберат, зашто и покрај неговата склоност да се интересира и да упадне во различни париски сновиденија, сепак, неговата основна човечка потреба е да биде љубен и да љуби, што и ме потсети на славните стихови во темата „Riders on the storm“:
Girl, you gotta love your man
Girl, you gotta love your man
Take him by the hand
Make him understand
The world on you depends
Our life will never end
Gotta love your man, yeah…
„Париз е океан, и ако некој сака да исчезне, не вреди да го барате“, констатира Урошевиќ во еден од расказите. На ова ќе ја сопоставам неговата изјава од промоцијата на книгата, на која рече дека во прозата, сепак, најважни се деталите. „Постојат идеи, но тие се исцрпливи. Деталите се она од што се тргнува, а идеите потоа си доаѓаат сами од себе. Затоа при пишувањето секогаш тргнувам од сетилни сензации, од бојата, мирисот, вкусот, од конретен предмет“. Да, тоа е стартната позиција при пишувањето на овие заносни приказни, и деталите на крајот се оние што остануваат запаметени во умот. Незаборавни се описите на разните егзотични јадења кои главниот лик ги конзумира за време на разните журки и забави на кои присуствува, на деталите од митологијата на народите од различни континенти, на мирисите и вкусовите во различните париски ателјеа во кои најчест акт се заносните тела на жените опишани во расказите, сето тоа надополнето со прекрасен еротски хумор, како гаќичките на кои фигурира сликата „Крик“ на Мунк, крај која е испишана и филозофската парола „Кои сме ние? Од каде доаѓаме? Каде одиме?“ од Тахити-фазата на Гоген. Затоа оваа збирка раскази истовремено претставува и гурманска енциклопедија после чие читање можеме да зготвиме вкусни несекојдневни јадења, но и алтернативна енциклопедија на историјата на сликарството во која, покрај етаблираните имиња, ќе откриеме и помалку познати сликари, како на пример германскиот симболист Арнолд Беклин.
И на крајот, враќајќи се на изјавата на писателот од претходниот пасус за деталите, кои секако се реални, а потоа книжевно може да се филуваат, збогатуваат и надградуваат, има вистина во тоа на што Урошевиќ инсистираше на крајот од промоцијата, дека „не треба да им веруваме на писателите, туку исклучиво на нивните дела“. Јас со расказите во „Вонземјанки“ сосема се слеав, патував во минатото и иднината низ различни просторни и временски платформи, и уживав во нив до последниот збор. Ви посакувам слично искуство и Вам 😉
Dobar den, ve molam kazete mi koj e avtor na ovoj napis.
Игор Анѓелков.