Саспенз до крај

Едно од најпријатните изненадувања што оваа филмска сезона дојдоа од Островот е деби насловот „Lock, stock and two smoking burrels“ на режисерот Гај Ричи. Ова е филм кој успешно ги избегнува замките на се’ позачестената дежа ву појава, зашто во текот на филмот на неколку пати ќе помислите дека ова веќе сте го виделе во некој друг филм, но дали е баш така?

Во филмот на Ричи со гангстерски сјај работите се типизирани: лошите момци се на едната, а добрите на другата страна. Дејствието се случува во делот од Лондон кој сите го избегнуваат, злоглсниот Ист Енд. На четирите другари, израснати во тоа маало, преку глава им е од ситната заработувачка, и решаваат со своите заштеди да учествуваат во партија покер со опасни противници. Партиите се однапред наместени (камера!), и Еди, едниот од нив, му останува должен 150 илјади фунти на Хари Хечет, главата на лондонското подземје. Во меѓувреме во игра влегуваат уште неколку бандити гладни за добивка, доволно за комплетно салто мортале.

Влијанието на музичката телевизија MTV и рокенрол културата, во пакет, е неминовност кај сите млади филмаџии, па така неретко тие се обидуваат да направат двочасовни спотови кои често не кореспондираат со естетското ниво на сценариото или со уметничките квалитети на филмската екипа. Гај Ричи оди по работ токму на ваквата стапица, итро пристапувајќи му на филмскиот медиум, не испуштајќи ги конците од рацете. Нему му е сосема јасно до каде смее, а кон каде не смее да го води умно сроченото сценарио. Затоа, во текот на филмот, за да добие на динамика, тој неколку пати, но умерено, одредени сцени ги реализира токму како видео спотови, придружени со популарни теми од новите британски рокенрол ѕвезди, вклучувајќи ги и старите добри Д Стуџис. Тоа на филмот му дава додатен шмек и го сместува во едно поинакво милје – уличниот сензибилитет на крајот од милениумот.

Можеби не толку револуционерно (како филмот „Acid house“ од 1998, да речеме), но суптилно, преку трпеливо градење на десетте генг-карактери, Ричи ни овозможува двочасовно уживање во неговиот филм, постојано изненадувајќи не’ со шокантнпресврти и испреплетување на дејството, нидејќи ни, интересно, десет можни филмски завршетоци. Саспенс до крај!!!

На крајот, „Двете зачадени двоцевки“, како што гласи дистрибутерскиот наслов на филмот, вредат повеќе од целиот Ист Енд, од главата на Хари Хачет, па и од, ако сакате, лошите целовечерни филмови од нашите филмаџии во последниве години. Ќе се запрашате: што има па сега врска тоа? Е па, има!

https://www.youtube.com/watch?v=h6hZkvrFIj0

@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 16 септември 1999 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *